Последниот ден на Винсент Ван Гог

18.08.2020 01:36
Последниот ден на Винсент Ван Гог

Пред 130 години Винсент ван Гог се разбудил во својата соба, во крчма во северното француско село Овер на Оаза, и со платното под рака излегол да слика. Таа ноќ се вратил во гостилницата тешко ранет со куршум. Починал два дена подоцна, на 29 јули 1890 година.

Долго време научниците шпекулирале за тоа што точно се случувало тој ден, а сега Вутер ван дер Вен, истражувач од Франција, тврди дека ја открил прецизната локација каде што Ван Гог ја создал својата последна слика „Корени на дрвја“. Тоа би можело да фрли ново светло на последниот ден и последните часови на уметникот.

„Сега знаеме што правел тој ден пред да се убие“, вели Ван дер Вен, научен директор на Институтот „Ван Гог“, непрофитна организација основана со задача да се сочува малата соба во крчмата „Auberge Ravoux“. „Знаеме дека целиот ден го поминал сликајќи го токму ова.“

Сликата „Корени на дрвја“ настанала во улицата „Добињи“, главната сообраќајница која поминува низ Овер на Оаза, триесетина километри северно од Париз. Заплетканите корени и стебла сè уште можат да се видат на угорнината, околу 150 метри од гостилницата во која Ван Гог ги поминал последните седумдесет денови од својот живот.

Винсент Ван Гог, „Три корени“ (1890)

Ван дер Вен вели дека до своето откритие дошол проучувајќи стари разгледници на Овер, од 1905 година. На една од тие разгледници се гледа улицата „Дробињи“ и еден велосипедист како застанува покрај стрмниот насип. Веднаш до него јасно се гледаат корените на дрвјата. Разгледницата го потсетила на славната слика и веднаш ја нашол дигиталната верзија и ги споредил. Разгледницата не била „некој таен и сокриен документ што никој не можел да го најде. Многумина ја виделе и ја забележале нејзината тема, тој мотив со корењата. Всушност, сè беше пред нашите очи“, објаснува дер Вен.

Тој го замолил Доминик - Шарл Јансен, сопственикот на Институтот „Винсент ван Гог“ да прошета по тие предели. „Би рекол дека 45 до 50 отсто од работите се исти како што биле некогаш“, рекол Јансен за заплетканите корења.

Заради начинот на кој светлото паѓа на корењата, Ван дер Вен верува дека Ван Гог ја гледал природата доцна попладне. Тоа значи дека целиот ден тој го поминал сликајќи. Дер Вен додава дека овие нови докази ја доведуваат во прашање теоријата што во 2011 година ја изнеле Стивен Наифех и Грегори Вајт Смит, автори на биографијата „Ван Гог: Живот“. Тие тврдеа дека Ван Гог воопшто не извршил самоубиство, туку дека можеби се напил и се скарал со две млади момчиња кои случајно го убиле.

Стара разгледница од Овер, (1905)

Наифех на ова одговара дека е невозможно да се каже кога настанала некоја слика само врз основа на аголот на светлината и додава дека ова откритие всушност може да ја потврди неговата теорија за убиство на Ван Гог.

„Фактот дека цел ден бил надвор и сликал и тоа не некоја просечна слика туку таква која била особено значајна, зборува за тоа дека можеби и не бил во депресивна состојба“, вели Наифех.

Ван дер Вен се согласува со една поента. „Ова го потврдува сето она што го кажуваа сведоците во тоа време: дека неговото однесување последните денови било совршено нормално“.

Па сепак, и Ван дер Вен и Музејот на Ван Гог во Амстердам остануваат на ставот дека уметникот се самоубил. „Има многу смисла во тоа што токму со оваа слика го завршил својот живот“.

Карактеристичните корени на дрвјата во Овер

Извор: The New York Times
 

ОкоБоли главаВицФото