„Лажните дихотомии“ на европските претприемачи и нивната климатска кавга

18.01.2021 01:56
„Лажните дихотомии“ на европските претприемачи и нивната климатска кавга

Најголемото европско здружение на работодавачи, Business Europe, кое има повеќе од 20 милиони членови (фирми) објави соопштение во кое ја преиспитува „вредноста и веродостојноста“ на економската анализа врз чија основа Европската комисија ги осмисли своите климатски цели до 2030 година. Тие сметаат дека ЕК била „премногу оптимистична кога ги анализирала трошоците и користа од подигнувањето на климатските цели на ЕУ до 2030 година“. Никако не се сложуваат со ставот на претседателката на Комисијата, Урсула вон дер Лајден дека „поострите климатски политики се нова ’стратегија за раст’ на блокот“. Сметаат дека „секое темелно сценарио“ во анализата на трошоците и користа кое го следи целниот план до 2030 година на Комисијата, „се спроведува со податоците од пред Ковид-19 и не ги зема предвид економските учиноци (пандемијата)“. Business Europe се прашува: „анализата за чувствителноста се темели на претпоставка за брзо закрепнување, но што ако очекуваното економско закрепнување трае подолго од предвиденото?“

Особено им пречеше терминот раст, зашто растот кој се чини дека ѝ е доволен на Комисијата, не е ни приближно задоволувачки за бизнисмените, а тоа јасно се гледа од нивните пресметки. Додека ЕК би се задоволила со секој раст кој не е негативен, за претприемачите малиот раст значи помала профитна стапка, полоши позиции на берзите и губење на позициите кои би ги имале доколку ги нема сите тие досадни климатски мерки.

Наводно, Business Europe се сложува со европскиот климатски план за 2050 година, но сметаат дека заострувањето на критериумите до 2030 година е погрешен пристап зашто не обезбедува задоволувачки раст. Постоечките стапки на економски раст се неодржливи долгорочно. Меѓу другото, тие се темелат на експлоатација на необновливите ресурси додека циклусот за поврат на вложувањата во обновливи извори се мери долгорочно, што не е во склад со логиката на капиталот кој бара што побрз поврат од вложувањата. И додека ЕУ под товарот на корона кризата и медицинските цени на загадувањето на различни начини се труди да ги промени критериумите со кои се мерат економскиот раст и успехот на економските политики, бизнисмените и натаму ја игнорираат „вредноста и веродостојноста“ на малку похуманите политики наспроти кои идеологијата на економскиот раст ја губи својата „вредност и веродостојност“. За тоа сведочи и фактот дека последниве две години во мејнстрим медиумите сѐ полесно може да се најдат текстови кои повикуваат на крај на мерењата на економскиот успех во однос на растот на БДП, што во случајот на пресметките на Business Europe и натаму е темелна метрика за растот и успехот, да не речеме за „вредноста и веродостојноста“.

„Вредност и веродостојност“

Соопштението на Business Europe предизвика реакција кај „проклиматското деловно лоби“ кое се вика „Prince of Wales“ (има вкупно 16 членови), со кое управува Универзитетот во Кембриџ, а чиј најслаткоречив претставник е мултинационалката Унилевер (Dove, Axe, Domestos, Cif, Ben and Jerry, Hellman's, Lipton, Magnum...) која како слоган ја избра симболиката на семантички комплексното „одржливо живеење“ и покрај тоа што и натаму како амбалажа за повеќето свои производи користи пластика. Значи Принцот од Велс е група проклиматски ориентирани корпоративни групи. Унилевер ја промовира групата како еколошки освестена, па од позиција на авторитет го опоменуваат здружението Business Europe дека „еден од најопасните начини на размислување во светот е воспоставувањето лажна дихотомија помеѓу одржливоста и економскиот раст“. Тие, пак, сметаат дека „револуцијата“ на технологијата со низок удел на јаглерод ќе доведе до процут на нови работни места и затоа истакнуваат дека „силно ја поддржуваат целта на ЕУ за 2030 година“ и сметаат дека „тоа што е добро за околината, добро е за животот и за растот“.

Инаку, Business Europe се најде во небрано во 2018 година кога Еурактив објави нивен меморандум во кој се противат на зелените планови на Европската унија, повеќе или помалку со истите аргументи (раст и БДП) кои сега малку повнимателно ги формулираа во недостиг на квалитет на Европските планови.

Бидејќи никој не е задоволен од европскиот климатски план, од еколозите кои предупредуваат дека мерките кои ги подготви ЕУ нема да успеат да ја исполнат целта нужна за долгорочен опстанок на цивилизацијата, преку земјите членки кои во голем дел зависат од традиционалните економски начела, па до самите европски бизнисмени и лобисти, парадоксално, се чини дека нештата во ЕУ сепак се менуваат. Овој пример, кој се врти околу прашањето за надоместување на растот и закрепнување на економијата во рамки на традиционалните економски категории, е најдобар показател дека нештата навистина не се исти како што беа до неодамна. Сетете се дека пред само десет години ги стегавме ремените, се откажувавме и почнавме да добиваме прекари дека сме паразити; денес таквите политики би биле речиси отфрлени. Така и нобеловецот на полето на економијата, Џозеф Стиглиц во Гардијан 2019 година повика на откажување од мерењето на БДП, зашто во климатската криза таквата метрика ни приближно не го мери сето она што е важно за цивилизацијата.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Ruben Cukier

Извор: https://www.bilten.org

ОкоБоли главаВицФото