„Спермагедонот“ беше преувеличен

25.08.2021 01:44
„Спермагедонот“ беше преувеличен

Научниците одамна предупредуваа на наводно неизбежно опаѓање на спермата. Неодамна сведочевме на вистинска серија алармантни наслови - а се појави и нова книга од еден епидемиолог од Медицинскиот центар Маунт Синај во Њујорк, која предупредуваше дека намалувањето на количеството сперматозоиди би можело да ја загрози иднината на човечката раса,

„Станува збор за глобална егзистенцијална криза“, рече Шана Свон, авторка на книгата „Одбројување“ („Countdown“).

Повеќето од овие наслови влечат потекло, или барем инспирација, од влијателната метаанализа од 2017 година, која ја спроведе д-р Шана Свон со соработниците, а која утврди дека бројот сперматозоиди во Европа, Северна Америка, Австралија и Нов Зеланд, опаднал за речиси 60 проценти од 1973 година. Авторите скенирале 7 500 студии за бројот сперматозоиди ширум светот, и од сите нив избрале 185 спроведени на 43 000 мажи на планетата.

Сепак, сега истражувачите од Универзитетот Харвард и Масачусетскиот универзитет за технологија се сложуваат дека приказните за неизбежниот „Спермагедон“ беа многу преувеличени. Во една студија која во мај ја објави списанието „Human Fertility“, анализата од 2017 година беше подложена на нова рецензија и беше утврдено дека е заснована на погрешни претпоставки и дека не ги зела предвид алтернативните објаснувања за очигледниот пад на бројот сперматозоиди.

Шана Свон

Сара Ричардсон, професорка на Харвард и една од авторките на новата студија, заклучоците од студијата од 2017 година ги нарече „запрепастувачка претпоставка која, ако е вистинита, би го оправдала апокалиптичниот тон на овие редови“. Таа и нејзините коавтори тврдат дека не постојат многу докази кои му одат во прилог на ова тврдење.

Авторите од 2017 година земале здраво за готово само едно мерило - бројот на сперматозоидите - и навеле дека со помош на тоа можат точно да се предвидат здравјето и плодноста.

Оваа врска звучи логично: без сперматозоиди, не може да дојде до зачнување. Затоа бројот сперматозоиди е едно од првите мерила кои ги користат стручњаците кога ги утврдуваат причините за неполдност кај паровите. Но никој не знае што значи тоа „оптимален“ број сперматозоиди. Светската здравствена организација смета дека „нормален“ број сперматозоиди е помеѓу 15 и 250 милиони сперматозоиди на милилитар. Но воопшто не е јасно дали повеќе значи и подобро. Над одредена граница - 40 милиони на милилитар, според СЗО - поголем број сперматозоиди не значи дека мажот е поплоден.

„Дуплирањето на бројот сперматозоиди од 25 на 50 милиони не ги дуплира вашите шанси да станете родител“, вели Алан Пејси, андролог од Универзитетот Шефилд во Англија.

Џермејн Бак Луис, репродуктивен епидемиолог од Универзитетот Џорџ Мејсон во Вирџинија, се сложува дека бројот на сперматозоидите е лош индикатор за плодност.

„Тоа не предвидува ништо, особено во контекст на партнерката со здрава карлица“, додава таа.

Сара Ричардсон

Авторите на студијата од 2017 година сметаа дека помалиот број сперматозоиди значи и помала плодност - иако дури и падот што го забележале, впрочем е во границите на „нормалата“, потсетува д-р Сара Ричардсон. Но таа додава дека воопшто не се знае, ниту може да се утврди што е „основа“ или „нормала“ кога станува збор за бројот сперматозоиди.

Овој број има и други ограничувања како мерило. Потребни се околу два месеци матичните клетки во примероците да се развијат во сперма; затоа, секое броење е само пресек. А претераниот фокус на машката метрика на ја зема предвид интеракцијата помеѓу спермата и женските репродуктивни органи.

Во својата книга, д-р Шана Свон наведува дека бројот сперматозоиди опаднал заради подемот на ендокрините пореметувања, односно хемикалии кои имитираат хормони.

Тимот на д-р Сара Ричардсон нуди поинакво објаснување: можеби бројот на сперматозоидите расте природно и опаѓа во рамки на популацијата со текот на времето. Ова прашање досега не е истражувано и на него не може да се даде лесен одговор, бидејќи и не се знаеше просечниот број сперматозоиди пред седумдесеттите години од минатиот век.

Но, сите се сложуваат околу едно: репродуктивното здравје на мажите често е занемарувано. Машката неплодност е виновна за речиси половина од сите случаи на неплодност во светот, а најголема вина за тоа им се припишува на жените.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International Report