Капитализам vs социјализам: Триумф на прекршени ветувања

20.06.2022 01:53
Капитализам vs социјализам: Триумф на прекршени ветувања

Меѓу најзаморните дискусии во нашиот јавен простор спаѓа онаа која најефектно би можеле да ја сведеме на прашањето: дали претходно беше подобро? Под „претходно“ се мисли на периодот на југословенскиот социјализам, а противник му е хрватскиот капитализам или капитализмот воопшто. Заморноста на дискусијата не произлегува од некаква инхерентна залудност: компарациите на различни историски периоди, особено оние кои следуваат еден по друг, отвораат простор за плодна општествена интроспекција. Меѓутоа, треба да се избегнат неколку „методолошки“ замки за да не се вртиме постојано во затворен круг.

Првата замка, која е честа во рефлексијата за историските периоди, е анахронизмот. Со него мислиме на третманот на одредени периоди во историскиот вакуум. На тој начин социјализмот се третира како политичко-економски експеримент лишен од контекстот во кој настана. Се проценува од перспектива на неговиот колапс, која сама по себе сугерира историска неминовност на колапсот, а не од перспектива на општествените, економските и политичките проблеми кои вети дека ќе ги реши. Очигледно, таа аргументациска позадина е карактеристична за идеолошките противници на социјализмот. Но, од анахронизмот не се лишени ни „југоносталгичарите“: тие уживаа во плодовите на социјалистичките решенија на таквите проблеми, но истовремено тие решенија често ги „дезинфицираат“ од историските околности и бројните противречности ги елиминираат така што решенијата ги интегрираат во семејното минато.

Втората замка, сродна на првата, е апстрахирањето. Социјализмот и капитализмот од втората половина на 20 век во Европа се третираат како сосема одвоени органски целини кои се натпреваруваат во градењето подобар свет. Небаре таков свет се гради од лего коцки и секој со оглед на исходите од идејните поставки мора да покаже дека е подобар и поефикасен. Социјализмот не успеа заради проблемите во „фабричките поставки“ и капитализмот триумфираше. Иако несомнено се работеше за различни развојни модели, анализирањето на нивните движења само во идејна смисла крие бројни сличности, одредени степени на меѓусебна интеграција и речиси идентични проблеми со кои се среќаваа. Или поконкретно: и едниот и другиот систем минуваа низ моќни кризи во седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век. Социјализмот не ги надмина кризите, а капитализмот успеа. Зошто и со каква цена?

Уверливи одговори и нов замав на дискусии би можела да понуди книгата на младиот американски историчар и политички теоретичар Фриц Бартел. Книгата е во издание на Harvard University Press, а насловот гласи „Триумфот на прекршените ветувања: Крајот на студената војна и подемот на неолиберализмот“ („The Triumph of Broken Promises: The End of the Cold War and the Rise of Neoliberalism“). Описите, изложените главни тези и рецензиите ветуваат пресвртничка улога на книгата во разбирањето на колапсот на социјализмот, а со самото тоа неизбежен аргументациски алат во политичките дискусии. Основната претпоставка на студијата на Бартел, како што е видливо од најавите и достапните рецензии е дека социјализмот и капитализмот во седумдесеттите и осумдесеттите години се соочија со исти проблеми. Нафтениот шок и сè поизразената моќ на финансиските пазари бараа прилагодувања на новата економска ситуација. Заправо, прилагодувањата се еуфемизам за наметнување економска дисциплина која би требало да резултира со банкроти, штедење, висока невработеност, раст на нееднаквоста и слични неповолни политички ефекти. Имено, по искуствата со фашизмот и Втората светска војна, двете страни, социјализмот и демократскиот капитализам на своите „поданици“ им понудија ветување за постојан раст на животниот стандард, сигурно вработување и сите други привилегии на државата на благосостојба. Меѓутоа, по нафтениот шок и кризата од седумдесеттите, тие ветувања веќе не беа одржливи. Или барем не беа одржливи во поставените рамки. Во тој момент дојде до парадоксален пресврт на кој сугерира и самиот наслов на книгата - Студената војна веќе не беше натпревар во исполнување ветувања туку натпревар во нивно кршење. Ќе триумфира оној што ќе успее да го преживее кршењето на ветувањата.

Прашањето на кое се обидува да одговори Бартел во книгата гласи: зошто капитализмот ги преживеа растот на нееднаквоста, падот на животниот стандард и високата невработеност, а социјализмот не? Од каде капиталистичките режими ја црпеа легитимноста за таа „задача“, а зошто социјалистичките држави оскудуваа во легитимноста кога економското дисциплинирање беше во тек? Зошто во формалните демократии беше полесно да се спроведе економско дисциплинирање отколку во авторитативните социјалистички режими на кои наводно овие механизми би требало постојано да им се на располагање? Според Бартел, одговорот лежи во тоа дека механизмите за соочување со кризата на запад нудеа бегство од политичка одговорност. Или попрецизно, одговорноста се префрлаше на „пазарот“. Политичарите на запад имаа, но и ја создадоа таа привилегија своите потези да ги оправдуваат со „законите на пазарот“. Секако, со тоа се стеснуваше просторот за демократијата. Сите барања одоздола едноставно можеа да се отфрлат како потези кои би им наштетиле на „природните“ пазарни процеси.

Комунистичките партии на истокот ја немаа таа привилегија за „аутсорсирање“ на одговорноста на „природните“ сили. Додека на западот политичките елити можеа да им го делегираат решавањето на економските прашања на стручаци кои имаат посебно развиен слух за потребите на пазарот, оние на истокот беа директно одговорни за управувањето со економијата. И не само што беа одговорни за економијата туку, како што тврди Алекс Хочули, беа одговорни за целокупното историско движење на општествата. На располагање немаа ни економски ни идеолошки механизми за преживување на кризата заради историската мисија која си ја наметнаа. Бартел во книгата се занимава со конкретни историски епизоди, економските ограничуивања и противречности, аргументацијата ја заснова на архивски материјали и, како што се наведува во рецензиите, идеологијата ја третира како рационализација на материјалните ограничувања и средство за оправдување на изборите, а не како мотивациски фактор во историјата. Таквиот пристап би требало да ги олесни и насочи и нашите дискусии во поплодна насока. Ако ги разбереме социјалистичките проекти како порационални експерименти од капиталистичката модернизација кои беа поуспешни од капитализмот во развојот на заостанатите земји, но помалку успешни во соочувањето со кризите на модернизацијата и деиндустријализацијата, тогаш можеме да заобиколиме тони идеолошки наслаги и глупости кои ги прават дискусиите бескрајно заморни.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Hirotoshi Ito

Извор: https://www.bilten.org/