Иран ја порази БиХ во одбојка со седење благодарение на џинот во нивната репрезентација

14.11.2022 10:28
Иран ја порази БиХ во одбојка со седење благодарение на џинот во нивната репрезентација

Босна и Херцеговина и Иран се сметаат за двете најдоминантни сили во одбојка со седење, кои имаат играно една против друга во четири од последните пет финалиња на светските првенства. Во овогодинешното финале на Светското првенство кое се игра во Сараево, Босна и Херцеговина е поразена од Иран со резултат 3:0 (26:24, 32:30, 25:12). Ова е осмо злато за Иран, додека Босна и Херцеговина има три, заедно со три сребра и една бронза. Босна и Херцеговина десет пати беше носител на титулата европски првак, но овој пат беше немоќна против Иранците. Главен виновник за поразот на БиХ е иранскиот гигант Мортеза Мехрзад, најдоминантниот играч во историјата на оваа игра.

35 годишниот Мортеза Мехрзад, со својата висина од 246 сантиметри, всушност е вториот највисок човек на светот, веднаш зад Султан Косен од Турција (251 см). Тежи околу 140 килограми, а го има и најголемото стапало во светот, долго 39 сантиметри.

На Мехрзад како тинејџер му била дијагностицирана акромегалија - хормонално пореметување поради кое неговите екстремитети и лицето брзо растат. Како тинејџер пак, доживеал сообраќајна несреќа во која тешко ја повредил десната нога која повеќе не му расте и е за 15 сантиметри пократка од левата.

Тој наведува дека како резултат на сите овие проблеми паднал во длабока депресија, а излезот го нашол токму во овој спорт. Мехрзад бил забележан од иранскиот тренер кој му помогнал да стане еден од најдобрите параолимпијци во историјата на екипните спортови.

Извор: Index HR