„Скопје 2014“ го голта културното наследство

15.04.2011 14:07
Лесновскиот манастир

Само 774.000 евра од годинешниов буџет се одвоени за зачувување на културното наследство на земјата, за кое е потребна итна интервенција.

Експертите коментираат дека оваа сума е еднаква на онаа што се дава за само еден од спомениците што е дел од големиот проект за „разубавување“ на главниот град „Скопје 2014“.

Истовремено, според Националниот конзерваторски центар, околу 70 отсто од спомениците на културата во Македонија се во критична состојба.

Според нив, процентот е можеби е и поголем затоа што, како што велат, немаат целосна слика за состојбата поради тоа што буџетот ги ограничува да вршат редовен увид на терен.

Состојбата ескалира низ годините поради малкуте пари што државата ги одвојува за заштита на културното наследство и нивната рамномерна распределба на институциите, по логиката за сите по малку за да нема незадоволни, без создавање приоритети.

Годинава од вкупниот буџет на Министерството за култура, кој изнесува 55 милиони евра, од кои 10 милиони се наменети за дејностите од годишната програма, само 774 илјади евра се за заштита на културното наследство. Олкава сума беше одвоена и за споменикот на Методија Андонов-Ченто, кој е еден од мноштвото од проектот „Скопје 2014“, кој опфаќа и изградба на музеи, триумфална капија и згради на институции во централното градско подрачје. Во просек, секој од спомениците чини по околу половина милион евра, за оној на Александар Македонски се одвоени дури 8 милиони, а вкупната сума на „Скопје 2014 “, според опозицијата, се очекува да достигне до половина милијарда евра, што е 20 отсто од годишниот буџет на Македонија, кој изнесува 2,5 милијарди евра.

Академик Цветан Грозданов, историчар на уметност, вели дека заштитата на културното наследство со децении наназад не е приоритет на државата и нагласи дека средновековните споменици на културата се сосема запоставени.
- Овие споменици се највеличественото што го има Македонија. Во нив најмногу се вложуваше по Втората светска војна, а тој тренд траеше до 1961 година - објасни Грозданов.

Архитектот-конзерватор Џоната Рици од Италија, член на бордот на институтот „Пол Гети“ во Лос Анџелес, по посетата на неколку објекти заштитени со закон кон крајот на минатата година изјави дека фреските во македонските цркви не се исчистени со децении, во некои од нив конзервацијата не е добро направена, но објектите се многу добро изградени и одлично насликани, па затоа издржале низ годините наназад и со недоволна грижа.

Македонија нема ни листа на најзагрозени споменици на културата. Последен пат таа е направена во 1996 година од страна на Националниот конзерваторски центар.

Според Панче Велков, претседател на здружението за валоризација на културното наследство „Македонида“, оваа листа мора да се обновува барем на секои пет години и да биде основа во распределувањето на годишниот буџет.

За црквата „Света Богородица“ во кавадаречкото село Дабниште од 13 век, која е пред распаѓање, и годинава нема пари, како и за фрескописот во Лесновскиот манастир од 14 век, кој е уништен од влага. Во годишната програма не е ни црквата „Свети Никола“ во Манастир, Прилепско, од 13 век, чии оштетувања се драматични, а за „Свети Петар и Павле“ на островот Голем Град, која датира од 1365 година годинава ќе се изработи само проект за конзервација и реставрација.

Елизабета Димитрова, претседателката на Комисијата за заштита на културното наследство, објаснува дека во 2011 година приоритет имаат санации на архитектонскиот корпус на спомениците и ревалоризациите, а иконите и останатото движно наследство решиле да ги остават за некои подобри времиња.

Димитрова истакна дека се обиделе да интервенираат онаму каде што е најургентно, а некои од спомениците, кај кои оштетувањата се во напредна фаза, ги извадиле од програмата за да не го оптоварат буџетот. Таа рече дека за нив веќе бараат пари од други фондови.

Димитрова го објасни и начинот на кој одлучуваат за кои споменици ќе одвојат средства.

- Изработката на проектот што го поднесуваат институциите ни е појдовна основа при оценувањето, а потоа се гледа оштетеноста на спомениците и какви интервенции треба да се изведат - рече Димитрова, која додаде дека одлуката во што ќе бидат вложени парите ја донеле и по консултации со директорите на надлежните институции.

Поради лоша проценка направена во минатата година од страна на комисијата, западниот ѕид на црквата „Свети Ѓорѓи Победоносец“ од 16 век во Младо Нагоричане ќе го однесеше влагата, која го разјадува со години. Алармантната ситуација резултираше со промена на планот, па наместо спасување на фрескосликарството како што испланирало Министерството, се санираше ѕидот за црквата да не се урне.

Програмскиот директор на Националниот конзерваторски центар, Зоран Георгиев објасни дека поради малиот буџет и санациите на објектите во опасност мораат да чекаат и да се одвиваат во фази и предупреди дека кога ракот ќе стигне до последна фаза ќе му нема лек.

- Министерството никогаш не ја одобрило целата сума што сме ја побарале за еден објект. Поради тоа една црква или џамија санираме со години - рече Георгиев.

Тој објасни и дека приоритетите понекогаш ги наметнуваат и имателите на објектите - Македонската православна црква или Исламската верска заедница, а некогаш притисоци правеле и политичари, кои инсистирале да се реставрираат цркви без високи вредности од локал патриотизам.

- Се случувало политичари да бараат да бидат реставрирани цркви во нивните родни села, а за сметка на тоа загрозени споменици пропаѓаат. Вака се реагира и кога МПЦ ќе одлучи дека некоја црква им е потребна заради вршење служби - објасни Георгиев.

Отсуството на стратегија и недоволното присуство на стручни екипи на терен, лани на крајот од годината резултира со уривање на Гам-гам џамијата во Тетово, која според тетовци е најстариот исламски верски објект во овој град и е изграден пред околу 500 години. Исламската верска заедница одлучи да ја урне и на нејзино место да изгради сосема нова џамија, во која ќе можат да се одвиваат служби, а директорот на Националниот конзерваторски центар тогаш за „Шпиц“ изјави дека задоцниле со давањето предлог Гам-гам џамијата да биде прогласена за споменик на културата.

Во црквата „Света Богородица Перивлепта“, пак, позната по непроценливиот фрескопис кој се смета за предвесник на ренесансното сликарство на италијанскиот мајстор Ѓото, а лоцирана во стариот дел на Охрид, солите прекрија дел од фреските.

Директорката на Завод и музеј Охрид, Тања Паскали-Бунташеска тврди дека тие имаат своја С.О.С. листа и дека во последниве години Министерството одвојува повеќе пари за охридскиот регион. Сепак, за оваа црква државата не одвоила ниту денар во последниве пет години, а состојбата со фрескописот станува алармантна во минатата година. Игнорантскиот однос предизвика шокираност кај американскиот професор Ролф Ахилес, кој испратил писмо до американската амбасада, а таа одобри 650.000 долари за спасување на црквата.
Паскали-Бунташеска објасни дека реставрацијата на црквата почнала во септември 2010 со помош на експерти од Италија, Грција и од Србија.

Но, професор Ахилес и понатаму останува загрижен.

- Овие историски споменици треба да бидат заштитени како вистински остатоци од културата која не била поразена, како културен патоказ што влијаел врз светот како ретко кој било друг. Дали е ова случај со Охрид? Имајќи го предвид приложеното, ниту одблиску - заклучи Ахилес.

Овој текст е финансиран како дел од проектот BICCED, со поддршка на Швајцарската културна програма.

Страшно.

Страшно.

Слични содржини

Општество / Јавни Простори
Општество / Јавни Простори

ОкоБоли главаВицФото