Пoвеќе нема место за моите филмови

29.06.2011 14:11
Бела Тар

Култниот унгарски режисер се прости со публиката на почетокот на 2011 г. на Берлинскиот филмски фестивал. Со филмот „Торински коњ“ ја заврши 35-годишната кариера во која сними неколку филмски ремек-дела како „Проклетство“, „Веркмајстеровата хармонија“ и „Сатанско танго“. А филмот „Торински коњ“ навистина претставува своевидна „лебедова песна“ на големиот унгарски режисер. Сите карактеристики на неговиот опус овде се доведени до крајност: филмот кој трае 146 минути се состои од само 30 беспрекорно компонирани црно-бели кадри; рутината на двајцата ликови кои живеат во трошна куќарка во една навидум бескрајна рамница, јадат само варен компир и пијат само палинка (вид унгарска ракија од овошје) се повторува секој ден; силниот ветер дува низ целиот филм; а крајот на светот доаѓа тивко, со постепеното гаснење на петролејските ламби.

Разговорот со Бела Тар е воден во Дубровник, на Libertas Film Festival & Forum, каде што доби Мастер награда за придонес кон независниот филм. Покрај овој, неодамна Тар беше гостин и на филмскиот фестивал Cinema City во Нови Сад каде што му беше доделено признанието за придонес кон светската кинематографија.

За крајот на кариерата

Повеќе нема место за филмовите на Бела Тар. Видов сè што требаше да видам, направив сè што можев да сторам, и тоа е сè од мене. Се чувствувам подготвен да го напуштам овој повик. Тоа ви е како со куќата. Ако сакате да градите куќа со пет ката, кога ќе стигнете до петтиот кат куќата е завршена. Јас стигнав до петтиот кат и за мене сè е во ред. Ова не е меланхолична сцена, нема потреба за такво нешто. Разговараме за работата. Кога одам во кино и ги гледам младите луѓе кои гледаат во платното, нивните очи блескаат, и навистина не сакам да го видам моментот кога младите луѓе почнуваат да се смеат. Тоа е повторување, а јас не сакам да се повторувам.

За одговорноста

Се разбира, секогаш на помладите колеги им велам „одете напред и правете што сакате“, и ако сум во можност им помагам. Ова сепак е лична одлука, јас мислам дека треба да се прават филмови, но... Ве молам да ми простите.

За независниот филм

Не знам што е независен филм, бидејќи сите режисери се кријат зад парите. Ако немаш пари, не можеш да снимаш филм. Значи, мораш да имаш пари, со што изразот „независен“ не одговара многу. Ова е клучно прашање, но јас навистина не знам кој денес може да биде независен во филмската индустрија. Не познавам никој кој така може да работи, но познавам луѓе кои работат нешто што не е поврзано со шоу бизнисот. Вистинската разлика би можела да се види преку споредбата меѓу брзата храна и фината, домашна семејна вечера. Јас претпочитам „домашно подготвени“ филмови, а не шоу бизнис, бидејќи нивното траење е максимум два месеца, по што заминуваат на ѓубриште. Ако ги погледнете вистинските филмови како оние што ги снимија Жан Лик Годар, Ејзенштајн и др., нив можете да ги гледате и денес и по 10 години, тоа се филмови за век и векови. Тие ја покажуваат стварноста.

За младите режисери

Денес немаме такви режисери. Експериментирав со млади луѓе неколку пати. Имам чувство дека сакаат да бидат дел од филмската индустрија, да бидат успешни и да имаат многу пари, но на крајот мислам дека и самите не знаат што сакаат. Тоа што го прават за мене е непознато и чудно. Јас чекам некој млад човек со убедувања, кој ќе дојде и ќе рече „Ајде да правиме радикални филмови“. Ова што денес го гледам е полно со компромиси и не е мојот свет.

За младите надежи

Само неколку режисери денес ми го привлекуваат ниманието, а еден од нив е Мексиканецот Карлос Рејгадас. Тој е последниот кој успеа да ја „скрши вратата“, да искрши сè. Останатите сакаат да одат на Канскиот филмски фестивал, да се сликаат на црвениот килим... Тоа е така глупаво...

За крајот на светот

Еднаш реков дека живееме во време кое не е за смеење. Мислев на себе. Кога го снимавме последниот филм, „Торински коњ“, имав чувство дека повеќе не сум способен да се смеам. Ако погледнете околу себе, ќе видите сосем уништен свет, за што сме заслужни ние, луѓето. Погледнете само што направивме со природата, што правиме со животните, како се грижиме едни за други, колку има сиромашни, невработени, ужасни војни... Имаме глупаво компјутери со кои ги извршуваме нашите обврски, се забавуваме, преку кои остваруваме љубовни афери, сè е еднодимензионално, а тоа е страшно. Се изгубивме. Затоа повеќе не сум во состојба да се смеам.

За револуцијата

Не знам дали некоја нова револуција би можела да го спаси светов. Не сум политичар, не сум ни проповедник, и не сакам да судам, но можам да направам едно нешто – да кажам како се чувствувам како човечко суштество низ моите филмови. Тоа не е многу, јас сум сиромашен филмски режисер. Можете да ме наречете уметник кој не го сака овој свет. Ние само го покажуваме она што го гледаме. И тоа е сè.

За можностите

Имам продуцентска куќа и се обидувам да продуцирам филмови. Сега продуцирам филм на еден младич, а пред него работев на филмов на еден 73-годишник кој е многу талентиран, ама немаше храброст да се бори за својата идеја, па се обидов да му помогнам. Се обидуваме да го заштитиме она кое го сметаме за важно.

Your browser is not able to display this multimedia content.

Трејлер од филмот „Торински коњ“

За инспиративната убавина на филмот

Првиот филм „Семејно гнездо“ го снимив на 22 години и бев страшно млад. Имав многу енергија. Беше тоа во 1977 г. време кога можеше да се видат многу глупави филмови, лоши глумци, лажни приказни, неверојатно лоши слики во боја, лоши слики во боја... Сè беше лажно. Тогаш бев сигурен дека морам да им покажам на луѓето каков е вистинскиот живот, што се случува со луѓето, да ви раскажеме вистинска приказна бидејќи е неверојатно да остане вака лажна како што ја прикажуваат. Тоа беше клучниот миг кога решив да снимам филмови и како да ги снимам. Без тропање на врати. Со уривање на истите тие врати и уништување на целиот тој посран, лажен свет. Тоа беше почетокот, тоа беше причината зошто држев камера во раката. На крајот морате да сфатите дека сета наша енергија и емоции кои ги вложивме во сето тоа не се доволни светот да се промени.

За лагите

Кога ја држите камерата имате исклучително голема одговорност. Секако дека сте одговорни и за парите, за луѓето на кои им се обраќате... За мене најважно е – ако снимате филмови, ве молам никогаш да не лажете. Морате да се покажете себе си, вашиот светоглед, вашиот однос кон светот. Тоа е основната точка. Мислам дека снимањето филмови е многу повеќе морално и етичко прашање отколку техничко. Би сакал да отворам филмска школа и да повикам некои од колегите само за да им отворат нови светови на младите режисери, да им покажат дека постои поинаков пат. Се разбира, тие самите ќе изберат по кој пат ќе тргнат, ама ние сакаме да им покажеме што е вистинска слобода во снимањето филм, како можат да бидат слободни, да бидат отворени кон луѓето... Не сакам да подучувам некого кој сака да биде дел од шоу бизнисот. Во тој случај мора да тропне на друга врата.

За почитта

Ако сакате да снимате филмови, потребни ви се многу луѓе. Морате да обезбедите многу добра екипа. Секогаш велам „нашите филмови“ бидејќи ништо не сум сработил сам. Се разбира, јас на крајот одлучувам за сè и сета одговорност е на мој грб, ама ние сè правиме заедно. Никогаш не сме завршиле филм пред да бидеме сигурни дека тоа е она што сме сакале да го кажеме. Не можам да кажам дека тоа е мој филм, тоа е некако глупаво.

За глумците

Не го сакам зборот глумци. Кога сте пред камерите 5-6 години, повеќе не можете да лажете. Затоа секогаш на глумците им велам „Ве молам да не глумите, само бидете такви какви што сте“. Затоа можете да го фатите мигот на реалноста во нивните очи и да ги почувствувате реалните реакции и тензии меѓу нив во нашите филмови.

За среќата

Среќен сум, како што еднаш рече Роберт Алтман, бидејќи ги снимив сите филмови кои сакав да ги снимам. И многу сум горд бидејќи никогаш не направив ниту еден компромис. Мене тоа ми е доволно.

Извор: e-novine