1027 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 08:59
Телефонот заѕвони и шефот на полицијата ја крена слушалката. „Да?“
„Овде е позорникот Керциг. Пред малку еден минувач ме одмери со презрив поглед.“
„Можеби сте грешка“, го изрази своето сомневање шефот на полицијата. „Речиси секој од минувачите што ќе сретне полицаец има нечиста совест и избегнува да го погледне, па потоа тоа се сфаќа како потценување.“
„Не“, рече позорникот. „Не е тоа. Тој презриво ме одмери од глава до петици.“
„Зошто не го уапсивте?“
„Бев многу зачуден. Кога ми стана јасно дека се работи за навреда, човекот исчезна.“
„Би го препознале ли?“
„Секако. Има руса брада.“
„Како се чувствувате?“
„Доста лошо.“
„Издржете. Ќе наредам да ве сменат.“
Шефот на полицијата го вклучи микрофонот. Испрати амбулантна кола во реонот на Керциг и нареди да се уапсат сите граѓани со руса брада.
Колите со радио беа на служба кога ја примија наредбата. Две од нив испробуваа да видат која е побрза, другите две го прославуваа роденденот на сопственикот на една кафеана, три коли му помагаа на еден свој колега кој се преселуваше, а другите правеа покупки. Меѓутоа, штом дознаа за што се работи со сета брзина се упатија кон центарот на градот.
Една по друга ги блокираа улиците и почнаа со прочешлување. Навлегуваа во продавниците, гостилниците, куќите и штом ќе здогледаа некој русобрад, веднаш го одведуваа. Сообраќајот насекаде беше запрен. Виењето на сирените внесуваше страв меѓу населението и се проширија гласови дека хајката имала за цел да фати некој извршител на масовни убиства.
Неколку часа по почетокот на хајката пленот веќе беше значителен: во полициската станица беа приведени педесет и осум русобради мажи. Потпрен врз двајца болничари, позорникот Керциг ги изгледа сомничаво, ама не го препозна виновникот. Шефот на полицијата ова го објасни со состојбата на здравјето на Керциг и нареди да се изврши распит врз притворените. „Ако се покаже дека се невини во оваа афера“, рече тој, „тие сигурно на совеста имаат нешто друго. Сослушувањата секогаш даваат плод.“
И тие навистина даваа плод, особено во овој град. Но немојте да мислите дека приведените при сослушувањето беа малтретирани; пристапот не беше толку груб, беа употребени посуптилни методи. Со помош на една неупадлива анкета на пријателите и непријателите на секој граѓанин, тајната полиција веќе долго време располагаше со една картотека од која можеше да се дознае што му е посебно одвратно на граѓанинот: брчењето на автоматската дупчалка, силната светлина, миризбата на фенол, нордиските народни песни, гледањето одрани стаорци, безобразните вицеви, лаењето на кучиња, допирот со лепило за муви и така натаму. Ако добро се употребат овие средства, најчесто даваат резултати: благодарение на нив, од сослушуваните лица се исцедуваа признанија, точни или лажни, зависи, и полицијата беше на коњ. Токму ова им претстоеше на педесет и осумте сомнителни мажи.
Човекот за кого беше организиран овој лов веќе долго време се беше вратил дома. Кога полицајците заѕвонија на неговата врата тој не слушна ништо, бидејќи токму тогаш беше пуштил вода во кадата. Но штом кадата се наполни, ја запре водата и го чу ѕвонењето на поштарот, кој му предаде телеграма. Веста беше добра, му се нудеше интересно работно место во странство – се разбира, под услов веднаш да отпатува.
„Добро“, рече човекот. „Добро.“ Сега треба да се свршат две работи: „Брадава мора да летне, бидејќи се заситив од неа, и морам да извадам пасош, бидејќи го немам“.
Со големо уживање се избања, а потоа се облече. За да му укаже чест на овој свечен ден, избра една посебно убава вратоврска. Телефонски се информираше на аеродромот во кое време може да смета на авион. Излезе од куќата, мина неколку улици кои беа мирни, и влезе во една берберница. Штом берберот ја заврши работата со брадата, нашиот човек се упати кон полициската станица, бидејќи знаеше дека само таму може да се извади пасош во најкус рок.
Овде треба да се додаде дека овој човек навистина потценувачки го погледнал полицаецот – но единствено поради тоа што Керциг многу му заличел на неговиот братучед Егон. Братучедот Егон беше никаквец и му должеше пари, па нашиот човек чувствуваше презир кон него, и овој презир неволно навлезе во неговиот поглед штом го виде Керциг. Значи, Керциг точно забележал и против неговиот извештај немаше што да се приговори.
Случајот сакаше нашиот човек одново да се сретне со полицаецот што му личеше на братучедот Егон во полициската станица. Меѓутоа, овојпат, за да не го навреди, брзо ги сврте очите на друга страна. А освен тоа, на кутриот полицаец очигледно не му беше добро: двајца болничари го водеа кон една амбулантна кола.
Работата околу добивањето на пасошот не можеше да се заврши толку лесно како што мислеше нашиот човек. Тоа што кај себе имаше некои документи и што ја покажуваше телеграмата не му помагаше ништо: невообичаеното брзање му стана сомнително на службеникот одговорен за пасоши.
„Пасошот“, му рече тој, „е важен документ. Потребно е време додека се добие.“
Нашиот човек заниша со глава. „Тое е секако правило во нормални услови. Меѓутоа, секое правило има исклучоци.“
„Јас не можам да го решам овој случај“, рече службеникот. „Единствено шефот на полицијата може.“
„Па, нека го реши.“
Службеникот ги собра документите и стана. „Дојдете со мене“, рече. “Ќе го скратиме патот одејќи низ канцелариите.“
Минаа низ три или четири соби, полни со русобради мажи. „Чудно“, помисли човекот, „не знаев дека ги има толку многу. А јас сега не спаѓам повеќе меѓу нив.“
Како и секој тиранин, шефот на полицијата сакаше да изгледа како светски човек. Откако службеникот му кажа за што се работи, шефот му рече да си оди, а посетителот го покани да седне. На овој не му беше лесно да го развлече лицето во насмевка, бидејќи шефот на полицијата му личеше на неговиот братучед Артур, кого исто така не го сакаше. Меѓутоа, мускулите што беа одговорни за смеење послушно ја извршија својата должност, зашто се работеше за добивање пасош.
„Малите службеници“, рече шефот на полицијата, „се плашливи и не сакаат да носат никакви решенија. Се разбира, веднаш ќе добиете пасош. Вашето наименување во Истанбул претставува чест за нашиот град. Честитам.“ Удри печат врз пасошот и потпиша.
И ноншалантно, како да се работи за каква било книшка, му го подаде документот на својот посетител. „Имате многу убава вратоврска“, рече. „Тоа е план на некој град, нели?“
„Да“, одговори човекот. „Тоа е план на градот Истанбул.“
„Одлична идеја. А сега“, – шефот на полицијата стана и му ја подаде раката на човекот – „ви посакувам среќен пат.“ Го испрати посетителот до вратата, пријателски му мавна со рака и се упати во просториите во кои се вршеше сослушувањето на притворениците.
За да ги скратат маките, кутрите луѓе признаа повеќе престапи, но не и оној за кој ги обвинуваа.
„Продолжете!“, рече шефот на полицијата и отиде да руча.
Кога се врати најде едно соопштение. Еден бербер изјавил дека претпладнево на еден муштерија му ја избричил русата брада по негово сопствено барање.
Тој не бил во состојба да даде точен опис на овој човек, ама се сеќавал на еден упадлив детаљ од облеката: на неговата вратоврска имало план на град.
„Какво магаре сум јас!“, извика шефот на полицијата. Се стрча по скалилата надолу, прескокнувајќи по две. Во дворот го чекаше неговата кола. „На аеродромот!“, му рече тој на возачот и се фрли на задното седиште.
Возачот направи сè што можеше. Прегази две кучиња, два гулаба и една мачка, изгреба еден трамвај, оштети една рачна количка натоварена со стара хартија и посеа страв меѓу стотици минувачи. Кога пристигна на целта, во далечина авионот за Истанбул се креваше од пистата, точно во секунда.
Од антологијата „Современи германски раскази“ во издание на Македонска ревија, 1976 година. Превод од германски јазик: Душко Томовски.
Курт Кузенберг (1904-1983) е роден во Гетеборг, Шведска. Од 1943 до 1945 г. бил војник, а потоа воен заробеник. Од 1946 живеел како лектор и писател во Хамбург, Германија. Пишувал проза, фељтони, есеи и радио-драми.
логичен со клише полиц.
Испратено на 19 август 2011 од оклогичен со клише полиц. потрага.
лесно читлив. лајт 100с.
Ова е од кога по атентатот на
Испратено на 19 август 2011 од Гуштер РистовОва е од кога по атентатот на Кирца, Фрчко рече дека се осомничени двајца брадосани вмровци?