Одговор на Ен Еплбаум

02.11.2011 12:43
Одговор на Ен Еплбаум

Додека типичната реакција на самиот Волстрит на протестите се сведува на очекуваното вулгарно просерување, сакам да ви го насочам вниманието на малку поинтелигентна, но дури и поодвратна реакција; критичкото отфрлање на протестите. Многу либерално, вешто. Пред неколку денови тој текст го напиша Ен Еплбаум – знаете, авторката за онаа книга за Гулагот итн. Повторувам, аргументацијата е многу вешта. Таа дури го споредува, по малку невкусно, но сосема убедливо, „човечкиот микрофон“ на протестите со сцената од филмот на Монти Пајтон „Брајановото житие“, во кој Брајан, новата месијанска фигура, на сите луѓе им вика „Сите вие сте индивидуалци“, а тие во еден глас му одговараат „Сите ние сме индивидуалци!“. Ова е нејзината реакција, ќе ви прочитам само неколку подолги пасуси, мислев дека вредат да бидат цитирани. Тоа е идеологија во најчиста форма, токму затоа што се чини дека нејзината аргументација е убедлива. Значи, суштината на нејзиното резонирање е идејата дека протестите од овој тип ширум светот:

Слични се по недостатокот на фокус, по недовршената природа, а пред сè по одбивањето на комуникацијата со постојните демократски институции. Во Њујорк демонстрантите викаа „Вака изгледа демократијата“, но, всушност, демократијата не изгледа така. Така изгледа слободата на говорот. Демократијата е многу поздодевна. Демократијата бара институции, избори, политички партии, правила, закони, правосудство и многу негламурозни активности кои бараат време

„Па сепак“, продолжува таа

може да се разбере зошто меѓународното окупаторско движење нема здрави законодавни предлози: и изворите на глобалната криза и нејзините решенија, по дефиниција се надвор од досегот на локалните и на националните политичари. Како што пред неколку години напишав за време на првите нереди во Грција, никој нема многу почит за лидерите брз власт. Никој не гледа поента да гласа за луѓе кои не можат да го спречат следниот бран економски хаос кој се тркала од Пекинг, Брисел или Њујорк. Ако некој е вознемирен од мерките за штедење кои неговите земји ги наметнуваат на задолжените банки од спротивниот крај на светот, не е логично да се жали на градоначалникот на Севилја.
Значи, појавата на меѓународното протесно движење без кохерентна програма не е никаква случајност: таа открива подлабока криза, без очигледно решение. Демократијата се заснова врз владеењето на правото. Демократијата функционира единствено во рамки на сосема одредените граници и меѓу луѓето кои сметаат дека припаѓаат на иста нација. Глобалната заедница не може да биде национална демократија. А националната демократија не може да го заузди глобалниот хеџ фонд од милијарди долари, со седиште во некоја даночна оаза, и со вработени раштркани низ целиот свет.
За разлика од Египќаните на плоштадот Тахрир, со кои и лондонските и њујоршките демонстранти отворено (и бесрамно) се споредуваат, ние во западниот свет имаме демократски институции. Тие се основани за да ја одразуваат, макар делумно, желбата за политичка промена во рамки на одредена држава. Но, тие не можат да ја услишат потребата за глобална политичка промена, ниту можат да контролираат што се случува надвор од нивните граници. Иако сè уште верувам во економските и духовни предности на глобализацијата, и во отворени граници, слобода на движењето и слободна трговија, глобализацијата очигледно почна да го поткопува легитимитетот на западните демократии.

„Глобалните“ активисти, ако не бидат внимателни, ќе го забрзаат оваа одење кон бездната. Демонстрантите во Лондон извикуваа „ни треба процес“. Па, веќе имаат процес: се нарекува британскиот политички систем. И ако не научат да го користат, само дополнително ќе го ослабат.

Завршен цитат. За ова, во мојот универзум, се оди во Гулаг. Дозволете ми да објаснам. Како прво, погледнете како Еплбаум ги сведува протестите на плоштадот Тахрир на барање за воведување демократија од западен тип. Како тие навистина да го сакаат она што ние го имаме тука. Ако се согласиме со тоа, секако дека е смешно да се споредува окупацијата на Волстрит со протестите во Египет. Како тукашниве демонстранти можат да го бараат она што веќе го имаме? Со други зборови, демократски институции. Се губи од вид, и затоа не се согласувам со оваа идеја, општото незадоволство од глобалниот капиталистички систем, кое очигледно поинаку се манифестира тука и таму. Затоа, повторувам, таа ја промашува поентата. Колку и да се различни, протестите тука, во јужна Европа, во Египет, каде и да се, нив ги обединува токму она што не се политички во тесната смисла на барање поголема демократија. Тие откриваат своевидно глобално незадоволство од капиталистичкиот систем.

И тука доаѓам до клучната точка: за мене најшокантниот дел од нејзината аргументација. На крајот од цитатот што ви го прочитав, гледаме една навистина превртена логика. Признанието дека катастрофалните економски последици на глобалното капиталистичко финансиско работење се резултат на нивната меѓународна природа, вон контролата на демократските механизми – таа го истакнува овој аргумент: она што се случува на нивото на меѓународниот капитал е надвор од контролата на демократските механизми. Во тоа треба да се согласиме со неа. Повторно цитирам: „Глобализацијата“, тука мисли на капиталистичката глобализација, „очигледно почна да го поткопува легитимитетот на западните демократии“. Зашто, повторувам, се случуваат нешта кои се надвор од контролата на нормалните, такви какви што ги имаме, демократски процеси. Добро, можеме да се согласиме, и тврдам дека демонстрантите токму укажуваат на тоа – глобалниот капитализам потенцијално ја поткопува демократијата. Но, наместо да го извлече единствениот логичен заклучок, дека треба да почнеме да размислуваме за тоа како можеме да ја прошириме демократијата надвор од нејзините сегашни граници на повеќепартискиот политички форум, кој очигледно не може да ги реши деструктивните последици на економскиот живот, значи наместо тоа, Еплбаум извлекува чуден пресврт и вината ја префрла на самите демонстранти кои ги поставуваат овие прашања.

Нејзиниот последен пасус заслужува повторно да се прочита. Слушајте:

„Глобалните“ активисти, ако не бидат внимателни, ќе го забрзаат оваа одење кон бездната. Демонстрантите во Лондон извикуваа „ни треба процес“. Па, веќе имаат процес: се нарекува британскиот политички систем. И ако не научат да го користат, само дополнително ќе го ослабат.

Завршен цитат. Значи нејзината логика гласи, бидејќи глобалната економија е надвор од дострелот на демократската политика, секој обид за проширување на демократијата само ќе ја забрза пропаста на демократијата. Тогаш, што правиме? Присетете се, таа тврди дека треба да се вклучиме во постојниот политички систем. Но, чекајте малку. Во претходниот пасус вели дека тој систем не е соодветен за тоа. Затоа нејзиниот заклучок е многу чуден. Нејзиниот заклучок е дека всушност не можеме ништо да направиме. Ја имаме својата демократија. Ако се согласите со тоа, морате да прифатите дека глобалните движења на капиталот се надвор од нејзиниот дострел. Ако се обидете да направите нешто повеќе, демократијата престанува да функционира. Но, тука тврдам дека треба да се оди до крај, дури и во антикапитализмот.

Денес не ни недостасува антикапитализам. Дури сме сведоци на изобилство од критиката на капитализмот. Книги, весници, истражувања, телевизиски репортажи. Не можете да отворите весник а да не прочитате како таа и таа компанија ја загадува околината, како корумпираните банкари земаат бонуси додека нивните банки се спасуваат со јавни пари, да читате за фабриките во третиот свет каде што децата работат прекувремено итн.

Меѓутоа, во оваа поплава од критиката на капитализмот има една финта. Правилото што оваа критика не го доведува под прашање е демократската, либерална политичка рамка на борбата против ваквите престапи. Експлицитната или премолчена цел е демократизација на капитализмот. Под ова се подразбира дека не се размислува длабоко за нашата демократија, туку за тоа едноставно нашето сфаќање на политиката, партиската политика, претставничката демократија, да се прошири во повеќе интервенционалистичка форма. Демократската контрола на економијата да се прошири преку притисокот на јавните медиуми, парламентарните комисии, построгите закони, чесните политички истраги итн. Но, никогаш да не се преиспитува демократската институционална рамка на нашата правна држава. Таа останува света крава, дури и во најрадикалните форми на овој, како што јас го нарекувам, етички антикапитализам. Движењето во Сиетл, Порто Алегре.

Мислам дека нивниот морализам, кога зборуваат за „алчните банкари“ и „расипаните компании“, е знак за нивната слабост. Тука и денес важи еден клучен заклучок на Маркс, повеќе од кога било. За Маркс, а тоа за мене е вистинската поука на демонстрациите против Волстрит, решението на прашањето за слободата не би требало да се бара исклучиво во тесната политичка сфера. Дали државата има слободни избори, дали судиите се независни, дали медиумите трпат скриени притисоци, дали се почитуваат човековите права - и сличните прашања кои различни независни западни институции ги поставуваат кога критикуваат некоја земја

Клучот за вистинската слобода треба да се бара во аполитичкото, т.е. во она што ни се чини аполитичко. Во мрежата на општествените односи, од пазарните до семејните, каде, доколку сакаме вистинско подобрување, не е потребна политичка реформа, туку промена на аполитичните општествени односи на производство.

Значи, Ен Еплбаум е во право. На изборите не се изјаснуваме за тоа кој што ќе поседува, за односите во фабриките итн. Сето тоа се препушта на процесите надвор од самата политичка сфера. Илузорно е да се очекува дека нешто може да се промени на тој начин што нашата парламентарна демократијата ќе ја прошириме на оваа сфера. На пример, со организирање демократски банки под народна контрола. Радикалните промени во овој домен треба да се извршуваат надвор од сферата на легалните права. За таквите демократски процедури, кои секако дека можат да одиграат позитивна улога, колку и тие да се радикални во својот антикапитализам, решението треба да се бара во примената на механизмите на претставничката демократија. Но, повторувам, Ен Еплбаум е во право, тие не ја опфаќаат самата економска сфера.

Единствено во оваа смисла, и немојте погрешно да ме сфатите, мислам дека Ален Бадју е во право кога тврди дека непријателот, ова звучи ужасно, денес не се нарекува капитализам, империја, експлоатација или нешто слично. Непријателот денес се нарекува демократија. Сега ќе кажете: „Овој заговара тоталитаризам!“ Не. Тој само сака да каже дека нашата слепа поврзаност за формално демократскиот механизам на партиската држава не ни дозволува да му пристапиме на вистинскиот проблем. Значи, мислам дека она што Еплбаум го прифаќа како факт – не можеме ништо да направиме и тоа е тоа – тврдам дека токму тоа е почетната точка на длабокото незадоволство кое експлодира во протестите против Волстрит. Луѓето чувствуваат дека имаме одреден политички повеќепартиски систем, а сведоци сме на опасни, дури и катастрофални случувања во економијата, а очигледно дека ваквиот демократски систем каков што го имаме денес не може да се избори со тоа. Зашто таквиот систем го подразбира дуализмот кој многу добро го објасни Ен Еплбаум, меѓу политичката сфера, каде што сите сме слободни, но треба да следиме одредена економска процедура, и економската сфера, или сферата на приватните односи, која е изоставена. Очигледно е дека денес е потребно итно да се пронајде начин за контрола или регулација, не ми се допаѓа зборот контрола, токму на оваа сфера, секако, без враќање кон старата тоталитарна идеја и практика од дваесеттиот век.

Илустрација: Alltelle Ringet

Извор: pescanik.net

демант на тој идиотски текст

демант на тој идиотски текст требаше да објави интелектуалец списатељ на окно. жижек добро се вози, иначе. но, не може сите битки жижек да ни ги добива.

Слични содржини

Општество / Теорија
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Европа / Теорија
Општество / Теорија / Музика

ОкоБоли главаВицФото