Господо архитекти, сакате ли (сè уште) да го спасите светот?

17.02.2012 17:35
Господо архитекти, сакате ли (сè уште) да го спасите светот?

На сликата горе: Детската градинка Lesedi Nhale

Отворената трансдисциплинарна мрежа S.L.U.M.net (Social/Sustainable living in Urban Metropolis) работи од 2008 г., а се занимава со истражување и дејствување на полето на одржливоста и неформалната градба. Мрежата го истражува поширокиот општествено-научен дискурс на одржливоста и експериментира со примена на тие тези во непосредната околина на градовите во кои престојува.

Предавање на Дустин Туснович

Што работат архитектите?

Мислам дека сите знаеме кои се најчестите извори на моменталните проблеми во светот – главно тоа се суровините, како да ги користиме и како да го направиме светот подобар за живеење. Меѓутоа, потешко е прашањето кој е односот меѓу загадената околина и нејзините корисници. Понекогаш се чини дека одредени општествени услови даваат спротивставени одговори. Што работат архитектите? Што гледаат? Прашањата кои се поставуваат овде се од различни аспекти, при што многу битно станува вклучувањето и исклучувањето, т.е. учествувањето и ангажманот.

Општествен ангажман, ослободен од бирократијата

Таквиот ангажман е многу сличен со моите искуства од Јужна Африка, каде што во 2003 г. ми се пружи можност да учествувам во неколку проекти. Таа држава е доволно развиена во еден поглед, и многу неравиена во друг. Постојат многу проблематични теми поврзани со домувањето, општеството и економијата, како и пост-апартхејдот. Сквотери живеат и работат насекаде, и секој празен простор е искористен за живот.

Со посредство на неколку невладини организации бевме вклучени во работата над проекти од областа на училиштата и образованието. Јужноафриканската Република вложува големи напори во обезбедувањето домови, градејќи ги т.н. ПОР куќи (Програма за обнова и развој, јужноафриканска социо-економска програма која ја воведе Африканскиот национален конгрес на Нелсон Мандела во 1994 г.), односно низа идентични градби од 32 квадратни метри за шест до осум лица.

Нашиот прв проект беше основното занаетчиско училиште Магалула Хајтс (Magalula Heights) во Суикербосранд, во близина на Јоханесбург. Тоа беше центар за совладување на вештините како што се обработка на дрво, метал, шиење и готвење. Проектот го развивме со студентите во Салцбург, го претставивме во Суикербосранд и за шест недели изградивме комплекс од 350 квадратни метри. Во работата учествуваа 27 студенти од Европа и 27 волонтери од месната заедница. Ова искуство беше различно од она во европската архитектонска пракса, каде што сите работи, поради бирократски причини, траат предолго и поради тоа не учествуваме во нив. По првото училиште се ангажираа и останатите австриски уиверзитети, па набрзо во Суикербосранд беше изграден речиси цел еден училишен комплекс.

Детската градинка Lesedi Nhale

Што воопшто може да промени архитектурата?

Откако имавме еден неуспешен проект во Најроби, Кенија (поради проблеми во врска со сопственоста на земјиштето, бевме спречени да изградиме детски центар во сламот Матара, па само теориски го обработивме проектот), повторно се вративме во Јужна Африка за да го развиеме проектот за детска градинка Lesedi Nhale во Хаенертсбург, околу 360 км северно од Јоханесбург. Решението се состоеше од детска градинка и јасли, со сместувачки капацитети за учител(к)ите и нивните семејства. Идејата и овојпат беше да се доведат европските студенти сами да го изведат проектот. Пред почетокот на изградбата соработувавме со месната заедница, невладините организации и локалните компании кои финансираа дел од проектот. За седум недели изградивме покрив од 420 кв. метри со 180 кв. метри затворен простор.

Следниот проект повторно беше теориска расправа. На летната работилница во 2008 г. студентите по архитектура од Венеција учествуваа на проектот „Изградба на подобар свет – архитектурата по архитектурата“ (Building for a better world – architecture beyond architecture), со цел да се интерпретираат животните услови во сламовите, да се анализираат нивните потреби и проблеми, да се најдат изворите на проблемите, и да се развие стратегија за работење во такви услови. Шест групи студенти одбраа шест различни истражувања на сламовите во Кибера (Кенија), Ибадан (Нигерија), Катманду (Непал); Гватемала Сити (Гватемала), Рио де Жанеиро (Бразил) и Мадрид (Шпанија). Нивна задача беше осмислување на основни шеми за самоградливи единици и нивна примена со цел промена на постоечките животни услови. Главното прашање кое се наметна беше дали воопшто можеме да ги промениме лошите услови за живот со едноставни архитектонски решенија.

ПОР куќите од Cosmo City

Враќање на школите и становите

Следеше повик за учество на работилницата за алтернативно, евтино и иновативно домување – Eunic Architecture Studio – во 2008 г. во Јоханесбург, каде што осмислувавме екпериментални решенија за (социјално) домување во Јужна Африка – т.н. ПОР домови. Досега вкушно се изградени околу 100.000 сосем идентични ПОР куќи. Го анализиравме Cosmo City каде што се изградени домови за 450.000 лица, поделени на три нивоа според приходите: ниско, средно и високо. Во истражувањето директно беа вклучени и јужноафрикански студенти, со кои изработивме низа проекти, реинтерпретирајќи ги стандардните ПОР градби и нивните урбанистички обрасци, најчесто градени брзо и за многу луѓе, без доволно време за осмислување на вистинските нивни квалитети.

Следниот проект беше основното училиште Канана во Ivory Park, во близина на Јоханесбург. Задачата беше слична со онаа од детската градинка Lesedi Nhale, односно експеримент за остварување нова одржливост низ меѓународна соработка. Проектот и изградбата ги остварија студенти-волонтери од европските универзитети во Венеција, Фиренца, Виена и Салцбург. Беа вклучени три невладини организации за осмислување на едноставни градби, чии училници подоцна би се изведувале во сериско производство, во зависност од различните потреби. За една недела го развивме основниот систем од седум училници со соодветните содржини, што беше потребно за проширувањето на постоечкото училиште во една од најсиромашните населби во Јоханесбург – Ivory Park.

Когнитивна урбаност наместо чиста одржливост

Сите наведени теоретски и изведени проекти се дел од моето истражување на одржливоста. Мислам дека секој може да се согласи со тоа оти поимот „одржливост“ мора да се измени. Темите со кои се занимавам под тој поим подразбираат намалување на лошите последици од градење врз пејзажот, поедноставување на самите градби и нивната поголема достапност, присвојувањето на техологијата за планирање во склад со локалните потреби и создавање на бази на знаење за т.н. „когнитивна урбаност“.

Тој поим го опишува стремежот во секој од нашите проекти да се сосредоточиме на процесот на учење и развивање на потенцијалот на заедничкиот интерес за „реалниот простор“, односно просторот кој овозможува учество, ја поттикнува свесноста, креативноста, ја прифаќа комплексноста и подразбира достоинство.

Во рамки на „социјалното-одржливо домување во урбаните метрополи“ развивме модуларна префабрикувана шема за домување во урбаните центри. Врз основа на начелото на стопостотна енергетска самостојност, минимални површини потребни за домување и употребата на рециклирачки материјали, развивме единици од 20, 30 и 40 кв. метри на тој начин што 2-3 единици можат да се поврзат во една целина. Можат да послужат како хотел, ателје или за живеење. Основната теза беше дека за живеење во урбаните центри на поединецот не му се потребни повеќе од 40 квадрати личен простор.

Неколку такви единици изградивме – низите основни префабрикувани единици се превезуваа со камиони и привремено ги поставивме на градски локации за неколку дена. Одбравме неколку места во центрите на Виена, Салцбург и Трст, и се обидовме да го поттикнеме разгледувањето поинакви можности за социјално домување во урбаните центри. Колку мал може да биде животиот простор, кога сè што ни треба имаме во опкружувањето?

Извор: Grad POST-kapitalizma

www.slumnet.wordpress.com

Слични статии:

Кога истражувањето ќе стане милитантно

Како живее мултитудата?

Правото на град - повеќе од популарен концепт?

Пукнатини вo урбанизмот што го познаваме

Поуката од периферијата на моќта

Одржливо користење, управување и финансирање во градот

Направи сам

Вистинска утопија

Изградбата на утопијата ги поврзува луѓето

Слични содржини

Активизам / Јавни простори / Свет
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија

ОкоБоли главаВицФото