Прирачник за спас на еврото

17.05.2012 10:44
Прирачник за спас на еврото

Секој ден ги изнесува своите аргументи на својот блог во Њујорк тајмс, секоја недела во својата колумна објаснува зошто стратегиите за решавањето на кризата на американската влада, а пред сè на европските елити, мораат да нè одведат во катастрофа: Пол Кругман, добитник на Нобелова награда во 2008 г. Штедењето на сите нивоа среде економска криза која нè води во длабока долгогодишна депресија не предизвика само страдање на милиони луѓе туку ќе ја утне и својата зацртана цел, а тоа е консолидација на буџетот, бидејќи со намалувањето на економските активности се намалуваат и буџетските приходи, и со тоа задолженоста продолжува да расте.

Оној кој барем малку се разбира во економија или ја сфаќа математичката логика знае дека Кругман е во право. Катастрофата во Грција, но и во Шпанија, Ирска и Португалија претставува емпириски дказ: штедењето не функционира. А од минатата недела знаеме дека европскиот таван набрзо ќе ни падне на глава ако продолжиме вака. Французите ја сменија самоубиствената тактика на „Меркози“, а Грците ја исчистија целата стара политичка каста.

Но, Ангела Меркел и понатаму неуморно тврди: „Нема преговори за Фискалниот пакт, остануваме на моменталниот курс“.

„Еден речиси религиозен фанатизам“, вака ги нарекува Кругман ваквите ставови во својата книга, израз скован, пред сè, за радикалните либерални економисти кои ја советуваат и Ангела Меркел.

Кругман не е само еден од најдобрите и најреномирани економисти на нашето време, туку е и исклучително надарен автор кој е во состојба исклучително сложените поими и релации да ги објасни на начин што без проблеми можат да разберат и љубопитните лаици. Тој има една мисија: потиснување на неокласичните шарлатани од економската професија кои во текот на последниве триесет години го имаа главниот збор, и иницирање политичко-економска промена на курсот. Поради тоа неговата нова книга е исполнета со страст и борбени тонови. Нејзиниот наслов е „Спречете ја депресијата сега“ (End This Depression Now), а само господ знае зошто германскиот издавач се решил за насловот „Заборавете ја кризата“. Која криза? Да ја заборавиме? Па, тоа е последното нешто што го посакува Кругман.

Во својата нова книга Кругман не се задржа сосем на причините кои доведоа до финансискиот крах во 2008: дерегулацијата на финансискиот сектор, ендемската корупција во оваа бранша, драматичниот пораст на нееднаквоста во изминативе триесет години; туку уште во првата глава објасни дека овојпат помалку ќе се занимава со прашањето „Како се случи тоа?“, а пред сè ќе се позанимава со „Што можеме да направиме?“

Владите располагаат со средства за стимулирање на екномиите, што би овозможило излегување од фазата која Кругман вака ја опишува: „Хроничната состојба на субнормална активност која трае прилично долго без јасни тенденции ниту во правец на заздравување ниту во правец на целосен крах“. За САД тоа значи: да се доведе банкарскиот систем во ред и повторно да се воведат правилата кои за време на изминатите триесет години беа укинати; да се укинат даночните поволности за богатите и супер богатите кои доведоа до тоа дури 80 центи од секој новозаработен долар да заврши во рацете на најбогатите 1%.

Тоа не е само прашање на правда туку со тоа би се придвижила и економијата (бидејќи праведната распределба ја зголемува побарувачката) и истовремено би пружило задоволувачки одговор на должничката криза: бидејќи порај задолженоста во банкарскиот сектор постои и презадолженоста на приватните домаќинства, што е индиректна последица на реалното намалување на доходот за време на изминативе десетлетија.

Ситуацијата донекаде е слична и во Европа, но сепак со одредени значајни разлики. Европските економии се поврзани со ЕУ, земјите од еврозоната имаат заедничка валута – еврото, но значајни делови од економската и фискалната политика останаа во рацете на поединечни држави. Владите повеќе немаат влијание на монетарната политика и со тоа изгубија важен инструмент за реагирање на економската нерамнотежа, бидјеќи повеќе не можат да ја девалвираат својата валута за да ја зголемат конкурентноста на тој начин, поради што станаа играчка во рацете во финансиските пазари.

Склопот од овие околности овозможи појава на еврокризата и доведе до тоа земјите како Грција, Шпанија или Португалија да се соочуваат со банкрот. Земјите од еврозоната, како што покажува Кругман, „плаќаат повисоки камати одошто другите земји во светот во слична економска или буџетска ситуација“.

Тоа е вистинската причина за еврокризата, а не огромната државна задолженост или „лошото управување“ на одредени влади. Да, во Грција лошо управуваа – но во Шпанија и Португалија не, а Ирска не ја плаќа цената за државното расипништво туку за големите ризици во кои се впуштија нејзините банки.

Решавањето на кризата го спречуваат погрешните идеи: како што се набљудувањето на економскиот живот како морална бајка и наводното оправдано казнување на Грците бидејќи се однесувале неморално. А бидејќи Грците се однесувале „неморално“, треба да ги задавиме и истовремено да си пукаме во нога. „Неразумна стратегија“, вели Кругман.

Богатите европски земји би требало да им помогнат на послабите членки. На пример, кога во Германија платите повторно би пораснале до разумно ниво за да се подигне конкурентноста на другите земји, со тоа би се зголемила и побарувачката. Само силните земји од еврозоната можат да го придвижат моторот на растот, а Европската централна банка мора да престане да биде извршител на германските барања. Она што ни е потребно, според Кругман, „е Рузвелтовата решителност да ги донесеме сите неопходни мерки за оживување на економијата“.

Извор: Frankfurter Rundschau

Фотографии: Кели Николаисен

ОкоБоли главаВицФото