Градинарството е бунт!

03.07.2013 08:36
Градинарството е бунт!

Пристигнувам на последниот кат од една зграда во центарот на Загреб, каде што ме дочекува Андреја Кох, одгледувачка на зеленчук и други видови растенија, авторка на блогот „Урбаната градинарка“ и коорганизаторка на проектот „Урбана градина“, поддржан од Студентскиот Центар во Загреб. По малите дрвени скалички се качуваме на покривот на зградата, каде што Андреја се грижи за својата експериментална градина, и тоа користејќи ги исклучиво техниките на органско производство.

Како една оаза во центарот на урбаната прашума од сивило, нејзината прекрасна, зелена градина е исполнета со разновидни билки: тука се синапот, жалфијата, камилицата, копарот, лободата, рдоквите, хокаидо тиквите, пиперките, пченката, сончогледите, селимот (билката од која се прави Вегета!), лукот, краставиците, целерот, зелената салата, доматите, шумските јагоди, коријандерот, јапонските рдокви, малините...

Тешко е да се замисли дека сите овие билки коегзистираат на еден толку мал простор, но, како што објаснува Андреја, „градината е направена според принципите на биоградините, ливадите и бавчите, а целта е да се создаде еден екосостав во кој сите елементи ќе можат да учествуваат. Цвеќињата имаат значајна улога поради инсектите кои ги опрашуваат. Користам принцип на садење без вештачки ѓубрива, пестициди и хербициди. Сето ова е органско производство, во онаа мера во која може да биде органско, поради загадувањето, но Загреб и е не е толку загаден, овде горе нема опасни гасови, ниту пак фабрики во близина...“

Кога и како започна твојот интерес за урбаното градинарство?

Пред четири години, кога и покривот беше саниран. Секогаш има некакви растенија во нашите животи! А во еден момент сфаќате дека не умираат, туку дека се шират сè повеќе... Многу ги сакам растенијата кои ги чувам во станот, отсекогаш имав многу и им ги подарував на пријателите. Потоа преминав на зачините, а мене никогаш не ми успеваше со нив (се смее), но сепак секоја година се борам со ориганото, темјанот, надевајќи се дека ќе ми тргне. За мене нема поголема радост од онаа кога при готвењето користам свежи зачини. Затоа и секоја сезона се трудам да засадам некоја нова билка која ќе ја користам како зачин, а оваа година таа чест ја има горчливката.

Како го научи сето она што денес го знаеш за одгледувањето билки? Зошто реши да почнеш да пишуваш блог?

Кога ќе почнете да се занимавате со билките, со тек на време учите и некои основни правила, како на пример, дека се најважни воздухот, сонцето, водата и ритамот (ритамот на полевање, ритамот на вниманието кое го посветувате). Билките ни покажуваат дека ние всушност живееме надвор од тој ритам, денес дневниот ритам брзо се губи, правиме премногу нешта во истото време. Многу истражувам, бидејќи сум навикната на тој пристап (новинарка сум), и се обидувам да видам што сè има на интернет. А во однос на блогот, мојата цел е кога некој ќе чита некој мој прилог, да може да ги види и нештата на другите блогови. Се обидувам да ги споделувам информациите, да создадам мрежа, но не сакам прилозите да бидат премногу долги.

Кои книги најмногу ти помогнаа?

„Градина без мотика“ на Рут Стаут е првата книга која ја прочитав и од неа ја презедов идејата за т.н. малчирање (од англискиот термин mulch – прекривка; во градинарството го означува процесот на покривање на просторот околу билките со цел спречување на растењето на плевелот и за декорација). Стаут ја одгледувала својата градина без да користи мотика – знаев дека сепак ќе морам да ја користам мотиката (се смее), но книгата навистина ми помогна. Малчирањето е добро, бидејќи со него тлото останува влажно, а по неговото распаѓање се создава еден хумусен слој кој е неверојатно хранлив за билките. Суровата земја е најлоша, таа не постои во природата.

Би ја споменала и Силвија Колар Фодор, авторката на интернет страницата „Биоградина“, којашто живее покрај Чаковец и чии работилници ги посетував, сакајќи да научам нешто повеќе. Добро е кога градинарите се дружат меѓу себе, кога разменуваат искуства. Тоа е подобро од книгите, но и книгите се добар почеток.

Како се одвива комуникацијата помеѓу урбаните градинари/ки во Загреб? Дали воопшто ги има?

Има луѓе, но приказната уште не е распространета, тешко е да се дознае кои се другите. Загреб е зелен град. Новиот дел на Загреб е всушност преполн со диви градини, ние имаме наша урбана приказна, но би било добро таа иницијатива да заживее и во центарот. Овие проекти се одлични за будењето на свеста на заедницата, една идеја за дружба со соседите, која ќе ти помогне да дознаеш кои се луѓето околу тебе.

Каква е ситуацијата со добивањето дозвола за одгледување градина? Може ли секој да се одлучи да направи градина на покривот на својата зграда?

Јас ја презедов на мене сета одговорност за сите можни штети, прво разговарав со претставникот на станарите, а потоа и со сите други, ја презентирав мојата идеја, не беше тешко. Треба прво да се решите да преземете нешто, па кога ќе наидете на некоја препрека, ќе видите што може да се направи. Не е многу практично, ниту пак поттикнувачки да се размислува за тоа дали некој ќе го одбие вашиот предлог.

Колку време посветуваш за работа во градината?

Во градината може да се работи и по цел ден! (се смее). Дневно издвојувам околу еден час, час и половина, тоа е доволно за она што го имам испланирано за оваа година, но ако немате време доволни се и два-три пати неделно, ама треба да се знае колкава е градината и што ќе се сади во неа. Важно е да се има план за градината.

Собирам и свој компост – досега имам произведено 120 литри хумус. Кога ќе започнете да размислувате за сè што треба да се направи, на почетокот е многу тешко, но тоа е нормално. Подоцна се отвораат повеќе можности; на пример, хумусот од калифорниски глисти го набавувам преку интернет, а тоа ми е важно, бидејќи на тој начин го поттикнувам локалното производство, а поевтино е отколку во градинарските центри. Семето го набавувам преку размените, или преку групите на „Биоградина“ и на „Чувари на семињата“ на Фејсбук.

На блогот велиш дека го користиш и плодоредот како начин на садење. Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе околу тоа?

Плодоредот може да биде испланиран на три или четири години. Важно е да се знае дека градинарските култури се делат на групи: коренести, плодни, лисни, мешункасти, тревни. Секоја од нив има различни потреби за хранливи материи. Затоа и се издвојуваат делови во рамки на градината (А, Б, В, Г) и кружни патеки, па билките се садат една до друга. На пример, во делот А ќе засадите билка која го збогатува тлото со хранливи материи (на пример, мешункасти растенија), и потоа следната година таму ќе ја засадите билката на која ѝ се потребни многу хранливи материи, и така натаму.

Принципот на плодоредот е типичен за биоградините. Тоа не е нешто ново – така саделе луѓето порано, но откако се појавило минералното ѓубриво, голем дел од луѓето ја напуштиле оваа традиција, бидејќи сега е многу поедноставно – на пролет само се става ѓубривото, секоја година се поаѓа од истата точка, не треба многу да се грижите. Но овој другиот, потрадиционалниот пристап бара поголемо знаење за начинот на кој природата функционира, па секогаш мора мудро да садите, со цел билките секогаш да се најздрави. Тоа се две различни филозофии.

Ти си една од организаторките на проектот „Урбана Градина“ на Студентскиот Центар, една градинарска оаза која е отворена за сите заинтересирани за одгледување храна во урбаните средини според принципите на органското производство. Како започна таа приказна?

Јелена Коржинек и јас започнавме со „Урбаната Градина“ бидејќи сакавме да направиме градина, а СЦ ни го дозволи тоа. Се запознавме во рамки на проектот Парктиципација, кој многу придонесе за отворањето на прашањето за основање на општествените градини, но тој е повеќе насочен кон соработката со институциите и кон промовирањето на идеите за општествените градини низ овие институции, додека јас и Јелена повеќе сакавме „да ја земеме мотиката во наши раце“. Минатата есен донесовме два камиони полни со земја и така започна сé. Почнувајќи од април, речиси редовно одржуваме работилници, два пати неделно, и на тој начин собираме пари и за изработка на оградата на градината. Ќе се обидеме да вклучиме што повеќе луѓе, бидејќи овој простор има многу потенцијали, таму би можеле да се одржуваат многу настани, да се собираат луѓе. Би сакале да направиме и герила градини, како своевиден бунт против идејата дека сè мора да биде означено и сместено на своето место.

Кои се вашите понатамошни амбиции во однос на овој проект?

Би сакале да ги вклучиме студентите. Засега, речиси секогаш доаѓаат повозрасни луѓе, но и тоа е во ред, интересите се менуваат. Би сакале Градината да се осамостои, да постои тим луѓе кои ќе циркулираат и ќе се грижат за неа, за тоа да биде место на кое би можеле да одржуваме работилници и други настани, место кое ќе ги поврзува луѓето со природата.

А во однос на моите амбиции – би сакала да купам земја и да направам голема градина. Имав една градина надвор од Загреб, но сега би сакала да се преселам од градот во природата. Жал ми е што некои од населбите во градот се запуштени. Тука има многу простор, но зградите се премалку искористени. Можеби нештата би се подобриле и кога градот би се вклучил во финансирањето.

Извор: voxfeminae.net

Слични содржини

Јавни простори / Балкан / Екологија
Активизам / Екологија
Јавни простори / Екологија
Јавни простори / Екологија
Јавни простори / Екологија
Јавни простори / Балкан / Уживање

ОкоБоли главаВицФото