Груевски, кога ќе почнеш да апсиш директори на кабловски оператори?

27.09.2013 10:31
Груевски, кога ќе почнеш да апсиш директори на кабловски оператори

Помалите кабловски оператори од внатрешноста, преку непријавување на околу 150.000 ТВ претплатници, затајуваат речиси 2,75 милиони евра годишно и тоа само за ДДВ. Дознајте зошто ниеден од нивните директори нема да заврши во затвор.

Во периодот пред 1 јуни годинава, пред телевизиите да се префрлат на емитување преку дигитален сигнал со процесот на дигитализација, на виделина почнаа да излегуваат некои детали околу работењето на радиодифузниот сектор.

Иако никогаш не дознавме и нема да дознаеме колку точно пари чинеше дигитализацијата, од оние скудни податоци што излегоа на виделина знаеме дека само во последната фаза МРТВ и Македонската радиодифузија (МРД) добија 6 милиони евра од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), дека 85.000 домаќинства требаше да купат дигитални приемници по 16 евра парче, односно за 1,35 милиони евра вкупно, дека државата даде уште 640.000 евра за 40.000 дигитални приемници за социјалните случаи, но не дознавме колку точно чинеше целиот процес. Претпоставките одат од 15 до 25 милиони евра, но никој точно не знае.

Она што, сепак, (случајно) излезе на виделина е огромната сума пари што како неплатени даноци ги затајуваат кабловските оператори од непријавувањето на сите свои претплатници.

Бројките веднаш изгледаа чудно. Во Македонија има 564 илјади домаќинства, но има само 278.000 претплатници кај сите провајдери на комерцијални ТВ пакети. И тоа и од овие 278 илјади претплатници не се сите домаќинства, туку има хотели, кампови, кафеани, болници, пензионерски домови, кладилници, фирми и слично. Тоа значи дека претплатници кај домаќинствата има не повеќе од 237.000.

КАДЕ СЕ ДАНОЦИТЕ ОД 150.000 ПРЕТПЛАТНИЦИ?

Од друга страна, пак директорот на Советот за радиодифузија, Зоран Трајчевски, во деновите пред воведувањето на дигитализацијата тврдеше дека во земјава има само околу 85.000 домаќинства што треба да купат дигитални приемници (без социјалните случаи) ако сакаат да гледаат телевизија. Ако тука се изземат и оние домаќинства што живеат во зафрлени подрачја каде што нема телевизија, оние што се претплатени на албанските ТВ провајдери како Тринг и ДигиталТВ (што е забрането и за што, исто така не се плаќа данок, но тоа е друга приказна), оние што гледаат ТВ со нелегални Дримбокс приемници и некои други групи на домаќинства што ТВ сигнал добиваат на поинаков начин, на крајот излегува дека 150.000 домаќинства недостигаат, односно дека се претплатници на комерцијални ТВ пакети кај кабловските оператори, но никаде не се пријавени како такви.

За што стануваше збор и од каде ваква дискрепанца во бројките остана нејасно. Најпрвин мислевме дека СРД и Трајчевски манипулираат со бројките од само 85.000 домаќинства на кои им се потребни дигитални приемници, сѐ додека АНФАС случајно не дозна за што станува збор во оваа негова изјава за НОВА (од 2 мин. и 14 сек. до 3 мин. и 48 сек.).

Видео: ТВ НОВА

Директорот на Советот за радиодифузија тука отворено признава дека во земјава има 150.000 домаќинства, кои се претплатници на помалите кабловски оператори, пред сѐ, во внатрешноста, но дека тие не се пријавени како такви. Ова значи дека даноците од средствата што тие ги плаќаат како претплата од месец во месец се затајуваат.

Ако земеме дека во просек претплата кај кабловските оператори чини по 8,5 евра (520 денари) тоа значи дека 150.000 претплатници плаќаат 1,275 милиони евра месечно или 15,3 милиони евра годишно. Ова, исто така, значи дека износот од 18 отсто за ДДВ или 2,75 милиони евра не завршува во буџетската каса, туку во приватните џебови на газдите на кабловските оператори. За 4 години овој износ достигнува сума од 11 милиони евра. Ако сте заборавиле, за износ од 10 милиони евра неплатени даноци на државата и тоа за период од 1993 до 2009 година Велија Рамковски е осуден на казна затвор од 14 години.

Кабловските оператори повеќе од ова затајуваат само за 4 години. И тоа само кога станува збор за ДДВ-то и само за основната ТВ претплата. Како што е познато, редица кабловски оператори нудат и интернет пристап, фиксна телефонија, потоа нудат дополнителни ТВ пакети, така што претплатата наместо 8,5 евра месечно, може да достигне и до 25 евра месечно. Исто така, ако овие пари не се пријавуваат за плаќање ДДВ, тие сигурно не се пријавуваат и кога треба да се плати данокот на добивка (10 отсто), на пример, како и редица други даноци.

ШИРИ ВМРО-ВСКА ПРОПАГАНДА И УЖИВАЈ

Така што, ако ВМРО-вската „правда“ е вистинска, сега би требало да очекуваме акција под име „Кабел“ во која би се уапсиле директорите и финансиските директори на сите оние кабловски оператори што имаат непријавено претплатници и кои од година во година затајуваат даноци. Но, како што е познато, најголем проблем е што ВМРО-вската правда е селективна и таа се спроведува само врз политичките противници. Заради ова, ниеден директор на кабловски оператор нема да види како изгледа внатрешноста на затворска ќелија.


Список на кабловски (и други) оператори што нудат ТВ пакети според АЕК - прв квартал 2013 година

 

Распоредот на политичката наклонетост на телевизиите и тоа особено на националните, кои се најчесто гледани од дури 96 отсто од граѓаните, им оди во прилог на овие криминалци. Непреченото работење на националните телевизии, кои сега се во огромна мера отворено провладини, е од голема важност за продолжителното владеење на оваа политичка гарнитура.

Имено, кабловските оператори се оние кои ги дистрибуираат програмите на телевизии како Сител, Канал 5, Алфа и другите, кои го шират ВМРО-вскиот пропаганден отров врз македонското население. Секој обид да им се нанесе некаква штета ним и тоа во внатрешноста, каде што локалните провајдери на комерцијални ТВ пакети се во најголема мера кабловски оператори, може да има негативни последици по партиската и идеолошката пропаганда на власта. И така, тие добиваат слобода да прават што сакаат со непријавените пари и тоа особено кога опозицијата сега веќе и нема национална телевизија што е блиска до неа.

Со оглед на сето ова, во конкретнава ситуација Груевски има лесен избор – да почне да апси и да си направи проблем, или да остави сѐ да си да тече како и досега додека тој тек ја носи и неговата властодржечка пропаганда и до последното село во земјава.

Извор: anfas.blogspot.se