Судски сведочења на преживеани од Аушвиц достапни на интернет

08.10.2013 10:39
Судски сведочења на преживеани од Аушвиц достапни на интернет

Сведочењата на луѓе кои го преживеале Холокаустот и на чувари од Аушвиц од сега можат да се слушнат на снимките од аудио архивата која од понеделник е поставена на интернет, педесет години по првото судење за злосторствата во овој нацистички логор.

Институтот Фриц Бауер, независен документациски центар со седиште во Франкфурт, постави на интернет стотици часови сведочења за ужасите во логорот Аушвиц, во денешна Полска, каде помеѓу 3 и 4 милиони луѓе, од кои еден милион Евреи, го загубиле животот за време на Втората светска војна.

Институтот, посветен на истражување на Холокаустот, уште пред 50 години објавил транскрипти од 430 часа сведочење и аудио снимки во траење од 100 часа, но дури сега го направи тој материјал достапен на посебна страница.

Сведочењата на првото судење на дванаесет чувари од Аушвиц, кое е одржано во Франкфурт помеѓу 1963 и 1965 година, чувани во градските архиви, содржат и сведоштва на преживеаните кои се сеќават на ужасот за кој обвинетите ја отфрлале одговорноста.

Извор: www.auschwitz-prozess.de