Пронајден таксист кој не знае нешто

04.06.2014 10:47
Пронајден таксист кој не знае нешто

Скопје, 4 јуни 2014

Минатиот понеделник семејството Крстевски ќе го памети по крајно несекојдневниот настан, кој се одиграл кога сопружниците Елена и Марин се возеле со такси до куќата на нивната ќерка Сара, наидувајќи притоа на таксист кој немал одговор на ниту едно прашање кое му било поставено.

Веднаш откако започнало возењето, Марин прокоментирал дека не му е јасна најновата стратегија на премиерот за решавање на спорот со името и реализирањето на евроинтеграциските процеси во Македонија, а прокоментирал и дека не му се јасни некои од најавените кадровски решенија во новата влада. Марин прво помислил дека таксистот не го разбрал, па го повторил прашањето дополнително прашувајќи дали мисли дека медиумскиот простор кој Груевски го зазема секојдневно ќе се одрази позитивно врз неговиот рејтинг, на што таксистот одговорил дека не е сигурен, бидејќи политиката не го интересира.

„Разменив поглед со жена ми и мислам дека не сум ја видел толку збунета уште од времето кога го слушаше последниот говор на Амди Бајрам на еден митинг. Претпоставувам дека ни јас не сум делувал ништо подобро“, рече Марин и напомена дека до крајот на возењето не прозбореле ниту еден збор со таксистот, плашејќи се дека овој нема да знае да одговори на уште некое прашање.

Репортерот на Пара вести го најде таксистот, кој замоли да не го откриваме неговиот идентитет, бидејќи поради признанието дека не го интересираат некои сфери од општеството, веќе имал проблем и со муштериите и со колегите.

„Колегите често ми велат дека не смее да постои ниедна тема за која немам свој став. Исто така, постојано ме опоменуваат дека кога зборувам за нешто, тоа не го правам со доволно самодоверба, со што го загрозувам имиџот кој го има нашата професија. И кога станува збор за муштериите, веќе наидов на проблеми. Пред речиси една година, еден човек ме праша дали на еден квалификациски меч пред десетина години македонската фудбалска репрезентација згрешила што играла со долги топки. Реков дека не сум некој стручњак за фудбал и дека отсекогаш повеќе ја сакам кошарката, на што патникот моментално побара од мене да застанам и излезе да бара друг таксист“, открива нашиот соговорник.

Според психологот Душко Сезнајчев, кај народот веќе со години владее верувањето дека таксистите, заедно со берберите и шанкерите, се луѓе кои имаат одговори на сите прашања и се во состојба да ги посоветуваат граѓаните за сите проблеми кои ги мачат.

„Истражувањето кое неодамна го спроведовме во соработка со вредните апсолвенти од Филозофскиот факултет на катедрата за психологија, покажа дека повеќе од половина граѓани кои користат такси услуги, најмалку го прават тоа поради самото возење, а повеќе за да добијат одговор на бројните дилеми кои ги имаат“, изјави Сезнајчев и додаде дека постои опасност таксистите со тек на време да ги заменат психолозите бидејќи се поевтини, дури и ако станува збор за возење од Ѓорче Петров до населба Илинден.

Извор: www.njuz.net