1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 15:59
Студентите повторно маршираат: Сè побројни и сè погласни!
Вториот студентски марш против мерката воведување на државен испит на универзитетите помина во најдобар ред и тоа многу помасовно од претходниот! Проценките за бројноста се движат од минимум 10.000 демонстранти па нагоре.
„Екстерно за владата!“, „Доста беше молк!“, „Брзи реформи слепи студенти раѓаат!“, „Сега ќе нè слушнете!“, „Ова е почеток!“ - беа само дел од паролите извикувани од толпата за време на маршот, како и пред Собранието и Владата на РМ.
Маршот помина без никакви инциденти и провокации. Студентите овој пат тргнаа од платото на УКИМ со поддршка на колегите од Штуловиот универзитет од Тетово, средношколците (кои дојдоа и покрај забраните од училиштата да се појават на маршот), како и сите граѓани кои почувствуваа порив на солидарност и им се придружија - иако директно незасегнати од реформата. Во исто време се организираа протести и во Прилеп и Битола.
Полетот и енергијата на студентите ги трогнаа минувачите во центарот на градот, од кои многумина освен што ги поздравуваа со поддршка исто така им се приклучија во марширањето. Меѓу нив имаше родители, професори, па и пензионери кои дојдоа да ја дадат својата поддршка со индексите од времето кога и самите биле студенти.
Со бројни креативни транспаренти, индекси во рацете и хартиени црвени кругови како пародија на етикетирањето со кое се служат порталите од типот на „Курир“, студентите уште еднаш кристално јасно ја артикулираа својата непобитна волја:
Да се повлече предлогот за воведување на државен испит како реформа која најмалку ќе ги подобри состојбите во високото образование и притоа ќе ја погази уставно загарантираната автономија на универзитетите. Студентскиот Пленум достави уште едно писмо до Владата, во кое на шест страници детално ги елаборира причините за противење на реформите од страна на студентското тело.
И покрај прекинот на мобилните и интернет врски за време на протестот, за кој од операторот Т-Mobile се оправдаа со технички проблем, социјалните мрежи во текот на целиот ден беа преплавени со слики и снимки од маршот на кои јасно се гледаше бројноста и пораките. Над толпата беше пуштен еден дрон за снимање од птичја перспектива, кој беше запленет од полицијата. Студентот во чија сопственост беа снимките и леталото беше задржан на кратко во полициска станица, а снимките беа запленети.
После првиот студентски марш одржан на 17 ноември и проследен со бројни акции и обиди од страна на студентите да воспостават дијалог со власта околу најновите реформи во образованието, стана јасно дека е невозможно да се воспостави конструктивна комуникација помеѓу помеѓу Министерството и студентите за кои реформите се директно наменети. Недостапноста на институциите за соработка и нелегитимноста на Студентскиот Парламент при УКИМ како тело кое никогаш не се зазема за реалните потреби на студентите кои би требало да ги претставува, доведоа до потребата волјата на младите да се канализира и да се изрази на ваков непосреден начин.
Фотографии: Ванчо Џамбаски