1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
Пленум е секако зборот што ќе го одбележи цел овој период на своевидната македонска граѓанска ренесанса. Минатата недела, своите активности ги започна неформалната иницијатива Новинарски пленум, која веќе започна со активности во однос на состојбата во која се наоѓа македонскиот журнализам.
За волја на вистината, многумина ќе констатираат дека новинарскиот еснаф задоцнето се буди, но ние ќе се обидеме да бидеме нешто поблагонаклони, зашто во периодот кога власта се обидува дури и преку чудни лустрации да ги дискредитира и оние малку новинари со интегритет, а Македонската радио-телевизија, тој столб на македонското новинарство, е киднапирана од партиските центри на моќ, а не од јавниот интерес, додека повеќето приватни медиуми, исто така, го следат приватниот, а не јавниот интерес, ако Новинарскиот пленум направи, што би рекол Бубо Каров, само мал исчекор напред, тоа нема да биде голем чекор за новинарскиот еснаф, туку пред сè гигантски напредок за кревката и целосно рудиментирана македонска демократија.
Можат да се слушнат и приговори на епигонството во изборот на името, односно во инфлацијата на употребата на терминот „пленум“, но и тука ќе бидеме беневолентни, зашто по храбрата студентска зима, „пленумот“ е секако симбол на граѓанскиот отпор кон актуелниот режим. Конечно, иако е малку познато, и етимолошки „пленум“ е вистинскиот избор за лапидарно означување на состојбата и на целите што треба да се постигнат. Имено, „пленум“ означува полност (plenum spatium – полн простор, лат.), односно „пленумот“ е опозит, спротивставеност на „вакуум“ (празен, испразнет простор, пустош), така што пленумот е единственото логично решение што може да го исполни актуелниот демократски вакуум во земјата.
На таа трага е и генералот Стојанче Ангелов во неговите катадневни донкихотовски обиди да ја „ослободи“ Македонската радиотелевизија од „стегите“ на власта. Имено, и Ангелов најави неформално здружување во еден голем граѓански пленум, некаква натпартиска, наднационална, надрелигиска структура која ќе го пополни тој вакуум, таа испразнетост не само од граѓански активизам, туку воопшто од граѓанската култура.
Пленум доаѓа од латинскиот „plenus“ (целосен, комплетен, исполнет), а во европските јазици влегува токму како физички термин во XVII век (1670 година), односно токму како опозит на „вакуум“. Во политичката терминологија, каде што и најчесто се употребува, влегува стотина години подоцна (1772 година) со значење на „собрание на сите законодавци“ (спореди со „пленарна седница“). Денес најчесто се употребува за означување на целосниот состав на некое политичко тело или за заседание на сите членови на некоја организација или тело.
Во македонската лексика терминот „пленум“ веќе неотповикливо ќе биде врзан за студентските протести, но и за будењето на граѓанскиот отпор кон самоволието и ароганцијата на актуелниот режим. По затишјето на активностите на Студентскиот пленум, по обидите Средношколскиот пленум да ги истера своите правдини, ете, дојде на ред и Новинарскиот пленум. А ќе видиме дали ќе се оствари и визијата на Ангелов за создавање на еден широк граѓански фронт, односно граѓански пленум кој би требало да ја потврди, потолно да ја реафирмира идејата за граѓанинот како политички суверен и директен носител на политичката власт.