Светот е на раб на војна

11.07.2017 01:24
Светот е на раб на војна

Уште неколку месеци можеме да се надмудруваме дали сегашното непријателство помеѓу Москва и Западот да го наречеме нова студена војна или не. Кон крајот на неделава можеме да се надеваме и на некое чудо, таканаречена надприродна појава која на самитот на членките на Г20 во Хамбург ќе не изненади сите. Што ако Путин уште еднаш го фасцинира домаќинот во Белата куќа? Што ако и Доналд Трамп, како Џорџ Буш, успее да погледне во таинствената душа на нашиот Владимир Владимировиќ? Во очекување на тоа чудо, би можело дури и да се подготви некаков фантастичен меморандум во кој би биле набројани најмалку осум точки отворени за меѓусебна соработка, осум различни области во кои руско-американската соработка би била исклучително перспективна.

Меѓутоа, ако сепак одлучиме повеќе да не губиме време, да престанеме да се криеме зад внимателната потрага по нови термини и да се занимаваме со розови теории за перспективна соработка, глетката што ќе ја видиме станува многу појасна: од недела во недела светот е сè поблиску до војна. За жал, кога станува збор за тоа минатата недела не беше исклучок. Почна така што Белата куќа изјави дека поседува податоци за подготовки на нов напад со хемиско оружје од страна на Асад, а потоа го предупреди претседателот на Сирија дека, „ако изврши уште едно масовно убиство со примена на хемиско оружје“, „скапо ќе плати за тоа“. Потоа следеа вести на каналот СиЕнЕн дека десантната флота, на чело со носачот на авиони „Џорџ Буш“, веќе е подготвен да ѝ нанесе нов удар на сириската воздухопловна база Шаират.

Сето тоа директно се однесува и на Русија. Како што порача амбасадорката на САД, Ники Хејли, на својот твитер профил, „одговорноста за сите идни напади врз жителите на Сирија ќе ја сносат Асад и земјите што ги поддржуваат неговите масовни убиства на невини луѓе, најпрвин Русија и Иран“. А, од своја страна Москва во последните три месеци двапати го наруши протоколот фиксиран со меморандум за меѓусебно предупредување заради спречување евентуални инциденти во воздушниот простор на Сирија. И покрај тоа, нашите воени гласноговорници се огласија и упатија едно мошне застрашувачко предупредување: системите за противвоздушна одбрана лоцирани во Сирија во иднина внимателно ќе го следат движењето на сите воени авиони на земјите од коалицијата под водство на САД. Тоа е сериозна закана. Во исто време тоа значи дека ако локаторот на некој сириски или руски ловец забележи противнички авион наведуван од нечиј радар, пилотот на тој авион мора да биде подготвен дека може лесно да биде соборен. Зашто „да се следи внимателно... во својство на можна цел во извршувањето конкретна оперативна задача“, во превод од комплициран воен јазик на поедноставен цивилен значи: пред вас се исправил некој, и тој „некој“ со штотуку репетиран пиштол нишани директно во вас.

„Њујорк Тајмс“ многу точно ја опиша денешната ситуација во Сирија: граѓанската војна во Сирија лесно може да прерасне во директен руско-американски конфликт.

„Од ден на ден расте можноста армиите на САД и Русија да се судрат во кој било дел од светот“, се зборови на главниот раководител на американската воена разузнавачка служба генералот Винсент Стјуарт. Тој деновиве на своите колеги им изложи реферат со тема „Воената моќ на Русија – армија за поддршка на големодржавни аспирации“. Чесно кажано, рефератот самиот по себе претставува совесна анализа на промените што се случија последниве години. Како во редовите на Вооружените сили на Русија, така и во политиката на државата која одлучи во својство на воена сила повторно да се потврди во меѓународната политичка арена. Но, според моето скромно мислење, во рефератот нема никакви нови откритија. Меѓу другото, рефератот најсериозно го опишува системот на подземни тунели, скриените и заштитени командни пунктови длабоко под земјата кои се ископани под Москва и кои на руското раководство му даваат можност со месеци да води нуклеарна војна. Според тоа, се покажува дека за време на евентуална нуклеарна војна Врховната команда ќе биде сместена длабоко под главниот објект на Московскиот државен универзитет.

Во тој документ се важни два моменти. Првиот е што авторите не ја ни кријат генетската врска на овој реферат со годишните публикации кои под назив „Советската воена моќ“, почнувајќи од 1981 година, па сè до распадот на СССР, беа редовно објавувани. А, како одговор на тоа, во СССР беа издавани сликовити брошури „Од каде доаѓа заканата за мирот“. Навистина, во актуелниот американски документ, никаде не се споменува Русија како закана. Се зборува за „предизвикот“ што го претставува таа. Но, главниот командант на американската воена шпиунажа – и тоа е вториот важен момент во рефератот – сосема отворено ги набројува и опишува елементите на тој „предизвик“: „Окупацијата на кримскиот полуостров, дестабилизирачкото дејствување на југоистокот од Украина, вмешувањето во сирискиот конфликт на страната на Башар Асад и формирањето поволен информациски амбиент за ширење големодржавни интереси и амбиции – сето тоа се сериозни предизвици за САД... Русија продолжува да ја модернизира својата моќна нуклеарна сила и ја усовршува прецизноста на своето класично вооружување со голем дострел. Активно се занимава со манипулации на глобалното информациско поле, ги користи инструментите за дејствување против соседните земји и со помош на својата војска ја проектира силата и разгранетоста на своите експедициски трупи далеку од границите на својата земја. Нејзините нуклеарни сили се способни во рок од неколку минути да извршат нуклеарен удар на цели ширум САД“.

Дали токму сега не е дојдено време повторно да започнат преговори за заемна соработка?

Особено ако се има предвид свежата сензација – истрагата која минатата недела ја објави „Вашингтон пост“. Во согласност со информациите кои новинарите од оваа куќа ги собрале летото 2016 година, Обама од своите разузнавачки служби добил веродостојна информација дека лично Путин дал наредба за акција на руските оперативци со цел вмешување во американските претседателски избори. Тогаш, на највисоко ниво било одобрено воведување некаков специјален код во руската компјутерска мрежа, одговор од типот „внимателно момци, можеме да ви направиме огромна штета“. Опомената наводно имала позитивно дејство и обидите за мешање во американските избори биле запрени. Но, и покрај тоа Обама сепак сакал темпираните „сајбербомби“ да се постават на руската мрежа. За секој случај, за да може да се изврши удар „ако за тоа се укаже потреба или кога ќе дојде време за тоа“. Ако сето тоа е точно, тешко дека долгоочекуваната средба со Трамп, закажана за 7 јули 2017 година, ќе се претвори во нов триумф на Путин.

06.07.2017

Извор: http://www.ej.ru

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото