Книга за Реформацијата

08.05.2009 13:33
Мрак

Дармејд Мекалох, професор по црковна историја на универзитетот во Оксфорд и член на Британската академија на науките, е автор на повеќе угледни статии, меѓу кои најпозната е Thomas Cramner: A Life и The Boy King: Edward VIand the Protestant Reformation, напиша и стандардно дело за револуционерната епоха на Реформацијата кое деновиве е објавено во германски превод.
Оваа монументална студија од илјада страници The Guardian ја нарече „најдобрата книга која некогаш е напишана во таа област“.

 Во 2017 година ќе се наполнат петстотини години од почетокот на Реформацијата, односно 31 октомври 1517-та кога Мартин Лутер во Витенберг ги изложил своите тези и со тоа го означил почетокот на Реформацијата и радикалниот теолошки пресврт кој трајно ја измени конфесионалната топографија на Европа. Евангелистичката црква на Германија, имајќи го предвид овој историски јубилеј, оваа деценија ја прогласи за декада на Мартин Лутер. Во тие подготовки, книгата на британскиот теолог и историчар може да има централна улога во стратегиските односи со јавноста. Во неа авторот на илјада страници ни ја покажува густо исткаената панорама на Реформацијата која трајно го одреди конфесионалниот прифил на Европа и нејзините региони. Низ опис на настаните во поединечните земји од Реформацијата, настана фасцинирачки историски преглед на политичките, општествени и ментални процеси на целокупниот европски контитент. За овој монументален труд авторот во 2003 г. ја доби угледната награда Волфсон, потоа наградата на британската академија на науките во 2004, како и одликувањето National Books Critics Circle 2005 во САД.

Авторот го составува овој џиносвки мозаик повеќе од историска отколку од теолошка граѓа, реконструирајќи ја менталната слика на религиозноста во таа динамична епоха. Во целокупниот европски преглед на Реформацијата, улогата и местото на Мартин Лутер е во апсолутен фокус. Авторот го портретира како харизматичен монах и катализатор на реформаторските процеси кои не се монодимензионална потрага по божјата милост само со средтствата на теологијата, туку претставуваат и историска културна револуција со епохални последици. За животот и делото на Лутер, Цвингли, Калвин се посветени опсежни делови, а Реформацијата е претставена како нова шифра на „епохата на конфесионалноста“. Авторот детаљно ја опишува и противреформацијата - маскарот на Вартоломејската ноќ, советот во Триенто - како и војните на реформаторите со противреформаторите. Тој не е исклучиво заинтересиран за црковната историја, туку и за современата историја на Европа и реконструкцијата на заедничкото „латинско наследство на католиците и протестантите“, кое го запечати идентитетот на Европа, односно, го означи трајното „поделено наследство“ во западната црква.

Структурата на оваа книга е невообичаена: Првиот од трите основни дела гласи Заедничка култура и важи за периодот до 1570 г. Авторот искажува мислење дека конфесионалните прилики сè уште биле отворени пред тој датум. Дури по воените пресметки во Шкотска, Франција и Холандија во 1650-те години, било јасно дека судбината на Европа лежи во нејзина поделба. Дури тогаш се формираат јасно оцртаните конфесионални идентитети и граници на религиозните системи.
Вториот дел е насловен Делбата на Европа 1570-1619, со поглавје за Триесетгодишната војна, со мала дигресија за британското наследство во периодот 1600-1700 г. Третиот дел е насловен Животни модели, и претставува дијахрон преглед за општествените и идејни гледишта на Реформацијата. Овде станува збор за различните конфесионални култури, на пример, за времето, смртта, животот, љубовта и сексот, како и завршното поглавје за „последиците“ и претставува еден вид резиме на конфесионалните разлики и констатира дека христијанството пред 1500 г. било „најнетолерантната религија во светската историја“.

Оваа книга е неверојатно обемна во која Европа е претставена од Гренланд до Малта, од Канарските острови до Естонија и понатаму, надминувајќи ги географските меѓи, до опис на приликите во Америка, Далечниот Исток и Африка. Помпезната поворка на кралеви и реформатори, папи, калуѓери и шамани излегува на историската сцена. Во неа станува збор како за религиите, така и, меѓу другото, за лиењето на камбанските ѕвона, масонските ложи, сифилисот, контрацепцијата...
„Но, во суштина, идеите биле решавачки за сè“ гласи авторскиот заклучок. Реформацијата може да се разбере само доколку таа сила на идеите се сфати во новата религиозна парадигма.

Извор: Данас
 

ОкоБоли главаВицФото