За инфериорноста

14.03.2018 01:47
За инфериорноста

Дали македонскиот народ е инфериорен? Дали чувството на инфериорност му го задушува креативниот потенцијал и го прави да се чувствува мизерен и беден? Не еднаш сум пишувала дека постојат (скоро сите) елементи потребни да се оформи македонска автентична култура (да се заокружи како ентитет, бидејќи таа веќе е изградена), но автодеструктивниот елемент (чувството на инфериорност) спречува да се сплоти во модус вивенди. Недостасува модус на радост, на живо(с)т, на убавина. А тоа веќе го имаме. На пример, само ако внимателно се изучува македонската (и албанската, турската, влашката итн.) народна поезија, особено љубовната, во малечки дози, како најфини екстракти е присутно чувството кое исполнува...

Славеј пеит во градина,
                    на утрина, во недеља.
                    Девојка му говореше:
                    - Ој, ти славеј, мило пиле,
                    ајде да се натпеваме:
                    ако мене ти натпеваш,
                    ќе ти даам градината,

                                    градината со сè цвеќе;
                                    ако тебе ја натпевам,
                                    да ми даиш ливадата,
                                    ливадата со тревата!

                                                    Мома славеј натпеала,
                                                    и му зела ливадата
                                                    ливадата со тревата!
                                                   
(Славеј пее во градина)

Сакам да посочам на умешноста да се откријат малечките нешта кои исполнуваат со смирена радост наспроти мегаломанијата која ги смачкува на секој чекор. Одговорот на прашањето дали македонскиот народ е инфериорен може да се разгледа и од друг агол. Сè додека се одалечуваме од архетипот како таков (според Јунг најдлабокото ниво од каде што изнурнуваат сите архетипски слики, претстави, симболи, сонот) и ги имитираме другите, сè додека не ги истражуваме оние наши малечки нешта кои нè прават душевни и духовни, ние ќе бидеме „инфериорни“ и нема бидеме среќни и задоволни. Да, да, и треба да бидеме „инфериорни“, тоа е природен закон, кога мислиме дека (така бескрајно самосожалувајќи и самозалажувајќи се дека не сме вредни) не придонесуваме за светската култура.

Луѓе од други земји се чудат како сè уште не ни успева да го заокружиме својот културен идентитет кога имаме фантастично богат фолклор и особено силен афинитет кон музиката и талент за ликовните уметности. Зашто? Недостасуваат кохезивни сили. Во една статија посветена на трилогијата анимирани филмови Кружно движење се обидувам да одговорам на ова прашање. Една национална култура не може да опстои ако нема виталност која се обновува во склад со духот на новото време. Исто така, не е доволно една земја да има само добри уметници, туку непходен е и културен амбиент кој ќе биде стимулативен и инспиративен за нивната работа. Тој амбиент се гради сега, низ многу мака и преку едно ново будење. Будењето значи да се верува во својата визија и духовна сила, да се верува во сопствените чувства, во љубовта! Тоа е моќна на малите нешта, не на грандиозните

Но, несоменено, факт е дека постои македонски синдром на инфериорност кој најнепосредно се манифестира како дефект во комуникацијата. Сè нешто ни недостасува за да бидеме потполни, и во таа празнина која треба да се исполни со убави нешта се вгнездуваат негативни емоции, омраза, завист, страв, љубомора, разни отрови се лачат кои и понатаму ни ја цицаат силата, нè туркаат кон дното. Како одговор на„македонскиот синдром“ пред четири-пет години објавив текст „ 3,2,1, 0... почнуваме од нула“ каде што ја опишував агонијата на паѓање, паѓање, паѓање... Бездната нема дно. А секоја точка во тој пад е дно на бездната!

Се разбира, нашата криза е дел од големата криза во Западната цивилизација. Бидејќи ние ќе бевме во криза и да не беше оваа, нашата, домашната, Made in Macedonia... Јас предлагам конечно да умреме... Да умреме, во смисла, да ги деконструираме лажните идеи кои сме ги присвоиле како свои, значи сите накалемени идеи, и да дојдеме до ништо, нула, дно на бездната, она што сме ние, изворно, гола реалност.

Вака умираме по малку, не до крај, тоа е самоуништување кое не раѓа никаква конструктивност... Во Македонија конечно интелигенцијате треба да падне на дното, да заечи силно ТРАААС или тапо ТУП, на дното на бездната... (Потоа разни уметници се распростираат со своите тела и дела да ја покријат бездната, или попрецизно кажано, да ја зачепат, и да нема повеќе страшни паѓања...) Добрите и убавите елементи да се прифатат во конструкцијата, во концептот за градење на новиот живот, грдото, негативното да се отфрли. Верувам дека веќе имаме доволно искуство и знаење и проникнувачка моќ за да можеме добро да го разлачиме едното од другото!? Исто така имаме слободна Волја да го одбереме едното а да се откажеме од другото?

Навистина да го почувствуваме дното, за да спознаеме какво е тоа наше „дно“ мислам дека препорачува и Тричковски во текстот за инфериорноста. И за „дното“ треба да се има свест, за неговата „ структура“, само ако не нè вовлекува во садо-мазохизам, „ автошовинистичка култура на самоомраза“ и автодеструкција и ако креативно го истражуваме, ако ни ја поттикнува желбата и копнежот за вистински потребните дејствија и дела. Секогаш поривот за творештво на некој начин доаѓа од такви „дна“, односно од архетипските јазли на примордијалниот мрак (атхетипот како таков блештука со далечна светлина како светилник на брегот). „Крај“ е зборот кој го има двојното значење со кое најдобро се објаснува ова: крај како место и каде што нештата завршуваат во мирување. Најнеопходно е тоа крајно соочување. Потенцијалот, „материјалот“, лежи таму.

Ќе ја разгледам „инфериорноста“ од уште еден агол, агол кој зафаќа поширок потег, а тоа е инфериорноста на човештвото како целина во однос на повисокиот статус во кој требе да премине. Во реализација на тој премин препрека е Злото. Злото во течната и гасовитата современост на Зигмунд Баумен - состојба во која според него се наоѓа цивилизацијата денес -, е неспособноста да се видат нештата во самиот корен, неспособноста да се опфати злото како напластена негативна енергија која се самообновува, да се пресече кругот на причинско-последични акции-реакции. Тоа не може да се согледа, пред сè, бидејќи човекот е научен да го проектира надвор од себе таму негде далеку, и, уште повеќе, бидејќи нема развиено чувство на одговорност. Оттаму новата „религија“ која се раѓа денес е акутното чувство на одговорност. Човекот се доведува до ситуација да се соочи со злото како негативен набој и да го преобрази најпрвин во себе, што истовремено значи да го преобрази и во заедницата, на ниво на колективно несвесно. Така се менува образецот на животот и се влегува во повисок статус. Единствено во таа психологија, со длабински зафат, може да се случи промена. Сето зло на човештвото денес на особен начин се натрупува на линијата за премин во повисок статус.

Човештвото го има злото во себе и е инфериорно во однос на повисокиот статус. Ако не се забега лево-десно, и ако се издржи големото страдање и болката кое го предизвикува, ќе успее да се преобрази на емотивно ниво. Со други зборови, се вперува погледот во вертикала - длабоко и високо, и се гледа во средиштето, право во очи на проблемот. Ако се издржи тоа се добива сиот „материјал“ кој треба понатаму да се обработува. Умешност и уметност е тој „материјал“ да се неутрализира од негативниот набој, да се доведе до нулта позиција, до поле зеро. Најдобар критериум или тест дали добро се одвива процесот е чувството.

Едноставно, искрено, чисто чувство. Сложена ситуација, сложени емоции, „хаос“ е знак дека сме на правиот пат.
Храбро и здраворазумско разлучување е стожерната доблест за соочување со злото. Умот (менталот) помага за координација на акциите, но главната работа е во емотивното ниво каде што набојот се доведува до апстракција - „живот или смрт“ ситуација. Тоа е точката за премин во повисок статус. Човекот веќе нема избор и мора да го направи тој чекор.

Таа квалитативна промена на свеста, или еволуцијата, се остварува низ страдање. Еволуцијата се реализира кога од „страдањето“ нови органи (свест) се развивале и нови видови, кога веќе постоечките форми не биле доволни, „се немало друг избор“ освен да се промени образецот, да се развие нов вид, или да се доразвие нов орган. Нов орган кој треба да го развие човештвото денес, за да премине во повисок статус, е органот на сочувство, емпатија, солидарност, разбирањето. И етиката на грижа за планетата која ни дава живот, грижата за другиот, за следните генерации, грижа за животот.

Не е само Македонецот инфериорен во однос на оваа нова свест која носи нов квалитет, туку целото човештво. А ние сме дел од човештвото, во заедништвото на големото семејство на народите и само како дел од човештвото ќе го откриеме ем нашето автентично битие, ем страдањето и болката како такви кои човекот го потсетуваат дека е крајно време да дејствува за да ги преобрази нештата кон подобро...


Слики: Татјана Миљовска, од сериите „Океанморе“ (2018), „Среде море бела ружа“ (според народни песни на Албанците) (2018) „Крилја“ (2017). Цртеж од циклусот „Македонска љубовна лирика“