Ни срам ни перде!

02.06.2018 01:52
Ни срам ни перде!

Ги слушам пратениците на ВМРО – ДПМНЕ како заборуваат загрижено за културното наследство, префрлајќи му на претходниот министер, м-р Роберт Алаѓозовски, дека малку средства одобрил за неговата заштита.Особено ме допре ,,грижата,, за Курбиново кое не било ,,спасено“ и дека некој го излажал премиерот! Ни срам ни перде да се немало!

Па каде бевте да се јавите за Курбиново додека се трошеа стотици илјади евра за накарадниот проект ,,Скопје 2014,“; додека се градеа бетонските чудовишта на Плаошник и се уништуваа археолошки сведоштва; додека гореше Бигорскиот манастир и Трескавец; додека премиерот го продаваше Официрскиот дом во Битола и ја манипулираше јавноста со античкиот театар во Скупи? Каде бевте да изразите загриженост за направените штети на црквата и трпезаријата во манастирот Трескавец, на новиот конак во манастирот Арханѓели во Варош! Каде бевте да изразите загриженост за направените штети во црквата Св.Никола Манастир прилепско...! Сега изразувате загриженост за Курбиново? За Курбиново почнавте да доделувате средства откако стручната и пошириката јавност изврши притисок, инаку ќе го оставевте да пропаѓа.

Но што ако одвојувавте средства за Курбиново кога не знаевте да го заштитите? Ние направивме ревизија на досегашните работи и констатиравме дека работата се изведува целосно вон востановените процедури и стандарди и без конзистентно спроведена методолошка постапка за еден вака сложен интердисциплинарен пристап каков што бара заштитата на културното наследство.Тоа го констатираше и Комисијата за прием на Проектот за конзервација и реконструкција на архитектурата.

Е па, почитувани пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, грешите и кажувате невистини затоа што не знаете што е тоа заштита на културно наследство. Во изминатата година ги спасувавме спомениците од вас и ги саниравме штетите кои ги направивте.

Го спасувавме Курбиново од вас и од вашето незнаење со кое дополнително ќе му нанесевте штети. Еден споменик, еден артефакт може да се заштити и да се спаси само доколку се познава истиот како вредност во целина. Не само изгледот туку и како метријал и техника која е вградена во него.Такво познавање вие немате. Немате ниту познавање на методологијата која претпоставува примена на сите последователни постапки. Затоа Курбиново пропаѓаше. Ние го спасивме со тоа што работите ги канализиравме во вистинскиот правец. И не е само Курбиново! Цела година се обидуваме да ги исправиме вашите грешки во фазата на истражувачките работи и т.н.конзервација и реконструкција на манастирот Трескавец и во манастирот Св.Никола. Исклучително вредни споменици на културата!

Во изминатите седумедесет години во заштитата на култирното наследство не се случил ниту еден пример на загрозување на споменик заради крајно нестручно изведени истражувачки работи. Ете тоа се случи во вашето време и претставува срам за професионалната фела. Целосно ја пореметивте статиката на црквата и на трпезаријата во Трескавец која беше една од ретките сочувани од 14 век, во скоро интактна состојба пред да влезат во неа вашите ,,експерти“. И сето тоа е документирано како сведоштво на едно време во кое целото културно наследство го загрозивте заради немарност, негрижа и незнаење!

Уште зборувате дека некој го излажал премиерот дека Аквадуктот е заштитен.Тоа вие го говорите? Во периодот од 2008 до 2017 година потрошивте околу 60.000 евра на истражувања, но Проект за конзервација и реставрација не успеавте да направите и да го заштитите! А сега покажувате загриженост и се сомневате дека аквадуктот ќе биде заштитен! Воопшто да немате сомнеж, ве убедувам дека аквадуктот ќе биде заштитен и адекватно презентиран, затоа што ние го почитуваме нашето културно наследство за разлика од вас кои увезувате туѓо и го вметнувате во нашиот културен простор како диво месо.

Вие не пројавивте искрен интерес за нашето наследство, затоа што сте фрустрирани од туѓото. Ваквата состојба во која се наоѓате ве оневозможува да ја видите убавината на сопственото културно наследство!

 

ОкоБоли главаВицФото