Скопските Вавилонски кули

25.03.2019 11:24
Скопските Вавилонски кули

1. Низ целата држава имаше еден јазик и повеќе говори.
2. А кога отидоа на север, најдоа празен тревник во центарот на градот Скопје, и се населија таму.
3. И си рекоа меѓу себе: Ајде да правиме бетон и челик и стакло и да ги споиме! И имаа армиран бетон наместо камен и малтер наместо вар.
4. Потоа рекоа: Сега да соѕидаме три кули, високи до небото; и да се здобиеме со име и со пари од продадените станови, пред да се растуриме по лицето на целата планета!
5. Тогаш никој не се спушти од небото да го види проектот.
6. А урбанистите беа поткупени.
7. Синовите човечки брзо ги ѕидаа трите кули.
8. Случајните минувачи и околните жители рекоа: Ете, еден народ сме и сите имаме еден јазик, но еве што почнале да прават; и нема да се откажат да го направат тоа што го наумиле. Ајде да се буниме и да протестираме, да им ги збркаме плановите!
9. Но нивните протести не успеаја и трите кули беа соѕидани за најскоро време.
10. Сите станови се продадоа.
11. Настана метеж поради малиот број паркинг-места.
12. Оние што живееја најгоре им се потсмеваа на оние најдолу.
13. И имаа убав поглед.

Слика: Zdzisław Beksiński

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото