Сега кажувам: Каде не одам! (2)

18.09.2019 00:41
Сега кажувам: Каде не одам! (2)


Ана Јовковска
Замисленото другарче ми го „држеше“ стравот

Кога бев помала секое враќање дома навечер ми создаваше чувство на несигурност. Кога ќе стигнев пред влезот на зградата во која живеев се преправав дека некому му мавтам, дека некој наводно ме чека да си дојдам дома и ме гледа од балконот. Потоа излегоа мобилните телефони, па враќајќи се кон дома се преправав дека зборувам на телефон. Сама прашував, сама си одговарав... како психички раслоена личност која си зборува самата со себе. Замисленото другарче ми го „држеше“ стравот.
Денес имам куче, па барам начин да се охрабрам, но, стравот ми е влезен во коски. Избегнувам да се движам сама во ноќта. Мојата слобода е ограничена. Во сенките на ноќта ги гледам сите трауматски искуства на моите другарки, братучетки, колешки...


Јована Ананиевска
„Јоф нема гајле, сама оди насекаде”

„Јоф нема гајле, сама оди насекаде.”
Никој не претпоставуваше, но ужасно бев преплашена кога одев низ темни улици или кога се возев сама со јавен превоз навечер.

Стравот го надгласував во себе со следната реченица: „Сите мислат дека си машко, никој нема ништо да каже и направи, само гледај напред”.
И стварно беше така, мојата привилегија беше да личам на машко.
Проблемите почнаа кога не беа сигурни дали сум машко или женско, ама тоа е друга приказна.


Калиа Димитрова
Првото сеќавање на сексуално вознемирување во јавен простор

Со другарка ми учевме да возиме ролери на патеката покрај Илинденска, карши Градски парк. Седнавме да одмориме на „нашата“ клупа. Немаше многу луѓе околу нас. Еден човек упорно поминуваше со точакот пред нас. Од лево кон десно, па од десно кон лево. После некое време забележавме нешто невообичаено: човекот беше со пенисот во рака и мастурбираше поминувајќи пред нас. Со другарка ми избегавме и веќе никогаш не седнавме на таа клупа. Со недели ми беше страв да излезам да возам ролери. Ова ми е првото сеќавање на сексуално вознемирување во јавен простор. Едвај имав 7 години. После тоа следеа уште многу.

Моника Тасевска
„Леблеџиската улица“

Пред десетина години, еден викенд после излегување си тргнав пешки накај дома. Само што излегов од т.н. „Леблеџиска улица“, една кола почна пребавно да вози зад мене. По некое време ме престигна и застана пред мене. Дечкото внатре почна да зборува како ме видел во дискотеката и цело време ме чекал. Му кажав дека не го познавам и дека едноставно не сакам да разговарам со него.
Ме држеше над лактот цело време и ме убедуваше како многу му сум се допаѓала, и да влезам во неговата кола - ќе сме се „забавувале“. Некако се истргнав и му кажав дека живеам две куќи погоре. Ако не се тргне ќе почнам да викам. Избегав и влегов во дворот на куќата која ја покажав. Седев таму триесетина минути и ми беше страв.
Од тогаш секогаш од излегување си одам со такси или, доколку се најдам во ситуација на тивка улица а околу мене да има некое машко, јас се преправам дека зборувам на телефон.


Ружица Антиќ
Страшните клупи крај паркингот

Моите родители пред неколку години се преселија во постара зграда во центарот на градот. Кога дојдов првпат кај нив, забележав дека зад зградата има клупи на кои постојано седат групи мажи. На почетокот мислев дека тоа се обични маалски дружби, но кога поминав сама доживеав вистински шок. Ги поздравив со добар ден и не бев подготвена за низа навреди и дофрлања од сексуална природа. Збунето успеав да стигнам до влезот и бев многу вознемирена како ќе си одам, зашто тоа беше единствената патека до паркингот.
Слични дофрлања се случуваа при секоја посета на моите родители, а јас сè повеќе се вознемирував и психички се оптоварував секогаш кога требаше да поминам оттаму. Не сакав да се жалам на моите родители, се плашев дека можеби ќе им се обратат и ќе си направат поголеми проблеми, зашто очигледно тие момци беа многу некултурни и безобразни.
Престанав да одам со автомобил, за да не морам да го користам паркингот, одев со такси превоз и се симнував на предната страна од зградата. Одредено време мислев дека мојот проблем е решен, иако имаше моменти во кои се чувствував лошо, но се чувствував безбедно, и тоа ми беше најважно.
Сепак, еден ден, иако дојдов со такси, само што влегов во лифтот и тргнав нагоре, лифтот беше повикан на вториот кат и неколку од момците кои седеа на клупите влегоа внатре. Веднаш видно се вознемирив и на нивното: „Ооооо, кого гледаме тука, нема кај да бегаш...“ почнав да се тресам. Лифтот стигна на шестиот кат и требаше да излезам, но двајца од нив стоеја пред мене и не се помрднуваа. Почнав да викам и да ги туркам, но ми одговорија: прво ние ќе се симнеме, па ти. Лифтот одеше надолу, а јас почнав да го барам телефонот да се јавам некому да ми помогне. Кога стигна на приземје и видов дека излегуваат од лифтот, почнав да плачам. Влегов кај моите родители, им раскажав сè и им кажав дека веќе никогаш не доаѓам кај нив. Го молев татко ми да не се расправа и во тој момент навистина бев убедена дека нема да доаѓам да ги посетувам.
По неколку месеци, татко ми ми кажа дека клупите ги извадиле и цел дел го направиле паркинг и дека веќе не ги гледа дека се собираат каде било. Не велам дека го решив проблемот, не велам дека постапив правилно, можеби можев да сум похрабра и посилна, но научив дека веќе никогаш нема да премолчам нешто што ја загрозува слободата на моето движење и што ме прави да се чувствувам небезбедно.

(Продолжува)
Кон првиот дел.
Кон третиот дел.

Кон четвртиот дел.



Слики: Michelle Kingdom

Споделете искуство на сексуално вознемирување на јавен простор: непријатни и вознемирувачки искуства од сексуална природа коишто сте ги доживеале на улица, јавен превоз, влез во зграда, лифт, такси превоз... Овие исуства се секојдневни, но не смее да бидат нормализирани!
Идејата на оваа иницијатива не е само да се споделат овие искуства, туку да се покаже колку тоа влијае врз слободата на нашето движење низ јавните простори, начинот на кој ги користиме и колку ги користиме тие јавни простори. На пример, дали претрчуваме или се движиме спокојно, дали одиме пешки во куси релации или трошиме пари за такси, дали се преправаме дека зборуваме на телефон кога се чувствуваме загрозени, избегнуваме некои локации, внимаваме како се облекуваме, носиме средства за евентуална самоодбрана и слично.

#СегаКажувам#КадеНеОдам #TaniTregoj #KuNukShkoj

Слични содржини

Активизам / Став / Живот
Активизам / Став / Живот
Активизам / Став / Живот
Општество / Активизам / Фотографија / Став
Општество / Активизам / Свет
Општество / Живот

ОкоБоли главаВицФото