Велосипет

11.05.2020 11:15
Велосипет

Во домот на стаорот Ришвалипед
Живееше тажниот Велосипет.
Не одеше нигде по белиот свет,
Заробен беше ко птица в омлѐт.

„Зошто не ме сака стаорот мој?“
Од жал си свитка една спица тој.
„Тркалата ми се сите во строј,
гумите – нови по најкружен крој.

Да не е зашто јадам само паштета?
Можеби треба да држам диета?
Но диета држи само тој што лета
А не и некој што по земјата шета.“

И пред да му дојде мислата следна
Некој го грабна, на седло му седна
И в двор се најде со гумата предна,
Низ врата летна ко камен во бездна.

„Добар ден, дали е тука лекарот Мед?“
„Да, ве чека со вашиот велосипет –
Првата врата лево – соба со број пет,
Седнете, почекајте да ви дојде ред.“

А таму – заедно со лекарот Мед,
Седеше и строгиот трут-логопед.
„Повелете, Стаорец, што не е вo ред
Со говорот на вашиот велосипет?“

„Не може да рече Д, докторе Мед,
Место Велосипед вика Велосипет“.
„Ах, па тоа не е за трутот-логопед,
Вам ви е потребен само лекторот Цвет.“

„Добар ден, дали е тука лекторот Цвет?“
„Да, ве чека со вашиот велосипет -
Собата со маса со книги и букет
Пред која чека електричен тротинед.“

„Па тоа е Нед!“ – извика Велосипет,
„Тротинетот на гавранот Касподипед!
Се судривме лани дур чекавме ред
Пред шалтер за букви и бројки до пет.

Ни испаднаа сите букви на под,
Нѐ поправи дислексичен октопод.“

И пред да влезат кај лекторот Цвет,
Сами ги ставија буквите в ред:
„Здраво, јас сум стаорски велосипед!“
„Здраво – јас сум електричен тротинет!“

 

илустрација: Владимир Лукаш

Извор: Чудна шума

 

 

Слични содржини

Пандалф Вулкански
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Книжевност
Пандалф Вулкански
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото