Зачестија книги за потенцијален конфликт на Кина и Сад. Чии шанси се поголеми за победа? (2)

30.06.2020 00:36
Зачестија книги за потенцијален конфликт на Кина и Сад. Чии шанси се поголеми за победа? (2)

Поинаков пристап и поинакви аргументи

Ако книгата на Броуз со изборот на ефектицен наслов и алармантни повици за освестување на можноста Америка да изгуби во војна против Кина, потсети на своевидниот бестселер на Кларк и Кнејб Cyberwar, тогаш најновата книга на Кренинг директно асоцира барем на две култни дела од областа на меѓународните односи.

Таа со насловот потсетува на познатото дело на Џон Џ. Миршмаер The Tragedy of Great Power Politics. Познато е дека Миршмаер како истакнат претставник на офанзивниот реализам тврди дека големите сили се нужно недоверливи една кон друга и дека трупањето воена моќ го сметаат за единствена гаранција за сопствениот опстанок. Иако намерата во одреден момент може да ѝ биде само засилување на сопствената безбедност, сопарниците секој знак на зголемување на воените капацитети некои држави го толкуваат како подготовка за агресија против нив. Се создава безбедносна дилема, ситуација во која настојувањето една држава да ја зголеми својата безбедност ги прави другите држави помалку безбедни па така се зголемува несигурноста на сите. Резултат на тоа е трката во вооружувањето и зголемување на шансите за избивање војна. „Ако во кое било време мултиполарниот систем опфаќа сила која има најсилна војска како и најголемо количество богатство, смртоносната војна помеѓу големите сили е веројатна.“ (Миршмаер 2001:359) Притоа не е однапред загарантирано дека токму одредена сила ќе победи. Количеството акумулирана моќ и способноста таа да се искористи ефикасно, а не внатрешното политичко уредување на некоја држава, ќе бидат пресудни за победа во војна.

Кренинг ја прифаќа реалистичната теза за неизбежен конфликт на големите сили, но нивното внатрешно политичко уредување го смета за пресудно за победа во хегемонска војна. Со другиов аспект потсетува и во изнесувањето на своите тези многу се потпира на гласовитата книга на Ацемоглу и Робинсон Why Nations Fail. Постоењето инклузивни институции е пресудно за постигнување благосостојба за голем број поединци и за богатството на нациите. Екстрактивните институции се обележје на недемократските, диктаторски режими во кои арбитрарните одлуки на властите пресудно влијаат на алокацијата на ресурсите додека во општествата со инклузивни институции тоа го прави пазарот кој е регулиран со закони кои гарантираат заштита на приватната сопственост и правна еднаквост за сите. Второ важно обележје на добро организираните држави е високото ниво на здравствена заштита и социјалната грижа за целокупното население со што јасно се искажува свеста за важноста на општото добро. Секако, во тоа спаѓа и образованието кое е достапно за сите. Државите засновани на инклузивни институции се поспособни да генерираат моќ и да ја проектираат надвор од своите граници отколку авторитарните држави. Во долгорочниот геополитички натпревар, тврди Кренинг, демократиите имаат предност. Неговиот демократски оптимизам особено јасно се гледа кога тврди дека „демократските земји се поспособни да натрупуваат моќ, богатство и влијание на светската сцена отколку нивните автократски конкуренти. Демократијата е засилувач на моќта кој на државите им помага да удрат над нивната категорија во меѓународната геополитика.“ (4) Тој сосема нескромно го уверува читателот дека неговата книга претставува напредок во теоријата на меѓународните односи зашто пружа „јасно и ново теоретско објаснување кое изворите на моќта во светската политика ги открива во домашните политички институции. Аргументот на оваа книга е дека демократиите доминираат.“ (231)

Пофалба на Макијавели како заговорник на републиканската власт

Интересно е што Кренинг предноста на демократскиот политички поредок ја аргументира и со повикување на Николо Макијавели. Макијавели, заедно со античкиот историчар Тукидид и англискиот филозоф Хобс, е канонски лик во реалистичниот пантеон. Макијавелизмот подразбира отфрлање на сите морални обѕири и норми ако тоа е во интерес на сопствената држава. Моралната одговорност на владејачот се сведува на тоа дека тој по секоја цена треба да ги зачува безбедноста и опстанокот на својата држава зашто од тоа зависат животите и имотот на неговите поданици. Еден современ теоретичар на меѓународните односи констатира дека Макијавели обидот за примена на христијанските морални начела во меѓународните односи „го гледа како врв политичката неодговорност: ако политичките лидери дејствуваат во согласност со христијанските доблести, тие ќе настрадаат и ќе изгубат сѐ.“ (Џексон во Џексон/Соренсен 2007:64)

Секако, реалистите главно се повикуваат на Владетелот, делото на Макијавели. Кренинг, пак, потврда за своите тези дека Макијавели на домашен план заговарал републиканизам наоѓа во делото Дискусии за првата декада на Тит Ливиј. Впрочем, тоа е дискусија за републиканското уредување на антички Рим. Кренинг заклучува дека Макијавели „не ги велича републиканските системи на власт зашто тие ја штитат слободата и човековите права на своите граѓани, туку повеќе заради една инструментална причина: тие помагаат државата да стане помоќна.“ (13)

Книгата на Кренинг изнесува низа примери кои ја потврдуваат неговата хипотеза дека во текот на историјата демократските/републиканските режими главно ги победувале непријателите чие уредување се засновало на автократска, диктаторска власт. Демократска Атина ја победила неслободарска Спарта, која ѝ била рамноправен противник, но и несразмерно поголема персиска деспотија. Републикански уредениот Рим воспоставил една од најголемите држави во историјата победувајќи ги и демократските и недемократските држави. Навистина, Кренинг констатира дека во последните четири и пол векови постоење Рим бил уреден на автократски принцип со царски авторитет, но се одржал толку долго благодарение на наследството од претходното републиканско владеење кое траело колку и царската власт. Римското царство пропаднало зашто се откалажо од инклузивните институции во корист на автократијата па неговиот пораз од варварските племиња не може да се смета за пораз на демократијата пред дивјаштвото. Републиканска Венеција го надвладејала автократскиот Бизант и доминирала со трговијата на Медитеранот.

Но, вистинско подрачје за докажување на претпоставките на Кренинг е новиот век, периодот од почетокот на 17 век. Републиканска Холандија се ослободила од шпанската кралска власт и повеќе од стотина години била економски и воено најсилна држава, во периодот од 1609 до 1713 година. Иден хегемон повторно била држава со веќе зацврстени инклузивни економски институции, со развиена прекуокеанска трговија и со сите правни и воени инструменти за нејзино одржување. Тоа е Обединетото Кралство чија доминација во системот на меѓународни односи траеше сѐ до 1945 година. Ни фашистичка Германија, ни комунистичкиот Советски сојуз од Втората светска војна не излегоа како доминантни светски сили. Положбата хегемон го зазема демократска Америка. Нејзините институции, благодарение на кои успеа да акумулира енормна моќ и да ја проектира во секој дел од светот, ѝ овозможија да го уништи недемократскиот Советски сојуз без примена на воена сила. Тоа беше можно затоа што „националните економии примарно функционираат во склад со политичката логика, а не со економската, а политичката логика во демократиите го поттикнува видот на економските институции, практиките и политиките кои тежнеат да промовираат економски раст. Во автократиите, спротивната политичка логика ги охрабрува институциите кои го ограничуваат економскиот развој. Според тоа, не е никакво изненадување што светските трговски генератори исто така тежнеат да бидат најмногу демократски.“ (24)

Историјата како учителка

Предвидувањето на Кренинг дека ниедна недемократска земја не може да ја замени Америка на местото доминантна светска сила, ако Америка остане демократска, е заклучок изведен со индукција на избрани примери од минатото. На истиот заклучок се темелат и неговите предвидувања за судбината на сегашните американски конкуренти, Кина и Русија.

Како што не беше изгледно дека Советскиот сојуз, кој своевремено оствари импресивна трансформација од претежно земјоделска земја во голема индустриска сила и недвосмислено воена велесила, да се загрози приматот на Америка, така што ни денешна Кина, која во последниве децении постигнува незапаметени економски успеси, нема да превладее во системот на меѓународни односи. Кренинг нѐ уверува дека искуството и теоријата зборуваат дека државно-планските економии не можат трајно да одржуваат високи стапки на раст. Непостоењето соодветни економски институции не поттикнува инвестиции и активности насочени кон растот, а заради тоа не може да се вкорени ни финансискиот пазар. Генерално, економиите со кои управува државата на централизиран начин се помалку иновативни од либералните слободни пазари. Иако примерот на современа Кина навидум ги демантира таквите оценки, Кренинг е уверен дека тие ќе бидат потврдени во блиска иднина.

Заради недвосмислено авторитарната политика која со децении им забрануваше на паровите да имаат повеќе од едно дете, кинеското население старее рапидно па во Кина наскоро ќе се појави недостаток на работоспособно население и вишок од оние кои веќе не можат да работат, а државата ќе мора да се грижи за нив. „Кина ќе остари пред да се збогати.“ (196)

Здружувањето на демократските држави и очекуваниот распад на Кина

Кренинг е уверен дека системската кражба на интелектуалната сопственост која Кина ја спроведува со децении за да го избегне трошокот од долготрајно вложување во истражувања и развој и колку што е можно побрзо да го прескокне технолошкиот јаз кој ја одделуваше од развиениот Запад, претставува „најголем трансфер на богатството во човечката историја“ (197), и затоа демократските земји почнаа да искажуваат помала подготвеност и во иднина да го толерираат таквото однесување. Трговската војна која ја започна претседателот Трамп против Кина, би можела да резултира со разорни последици за кинеската економија.

Некои од фактите врз чија основа Броуз заклучи дека Кина би можела да ги премине САД на подрачјето на напредните технологии, ги согледа и Кренинг. На остварувањето на плановите за доминација во областите на вештачката интелигенција, квантните компјутери, 3Д принтерите, роботиката, 5Г бежичната технологија и генетскиот инженеринг, Кина постигнува видливи успеси благодарение на совршено координираните политички напори и енормните средства обезбедени во државниот буџет. Иако напредокот е очигледен а шансите Кина да ги надмине западните конкутенти се опипливи, Кренинг е уверен дека тоа нема да се случи. Тој напредок го остваруваат џиновски компании под контрола на власта. Таквите компании со текот на времето тежнеат кон задржување на статус кво-то, ги кочат инвентивноста и претприемништвото. Со концентрацијата на капиталот и кадрите во големите компании се оневозможува појавата на вистинска, независна и амбициозна конкуренција која принудува на висока продуктивност. Моделот на апсолутна доминација на големите компании долгорочно води во пропаст независно од моменталните воодушевувачки успеси.

Ако ова предвидување не се оствари, Кренинг се надева на слободните нации во светот: „Слободните нации во светот нема да бидат наклонети да ѝ дозволат на една автократска држава да води на глобалната сцена.“ (206) Основа за тоа очекување му дава историската поука дека автократиите, за разлика од демократиите, немаат капацитет за создавање сојузништва. Меѓу другото, тоа е поткрепено со пример од историјата на антички Рим: „Реалистичната теорија на меѓународните односи тврди дека земјите балансираат против, а не се поврзуваат со најмоќната нација во системот. Но случајот со Рим укажува дека државите се поврзуваат со демократските сили и балансираат против автократските.“ (86) Според тоа, слободните нации ќе се здружат околу демократскиот светски лидер без разлика во колку лоша состојба е тој денес. Ако избие Трета светска војна, на американска страна би биле сојузниците кои заедно сочинуваат 60 проценти од светскиот БДП. Кина не може да смета на никој, а особено не на соседите Индија и Јапонија со кои е во постојано затегнати односи.

Дополнителен проблем заради кој авторитарните режими не се конкурентни во натпреварот за светска доминација, лежи во тоа што мора да посветат многу енергија во надзор и оневозможување на функционирањето на домашните политички противници, односно целокупното население. Фактот дека Кина во моментов предничи во некои технологии никако не значи дека моќта може да ја проектира глобално. „Таа е светски лидер во технологијата на вештачката интелигенција, но наместо да развива роботи-убијци или други способности со кои би можела директно да им се закани на американските сојузници или сили, Пекинг ги користи за технологијата за препознавање лица за да ги следи можните предизвикувачи на неволји дома.“ (209)

Колку се поизразени тенденциите на кинеската Комунистичка партија во целост да ги стави под контрола економијата и животите на населението, толку поголем ќе биде отпорот кој во Кина ќе доведе до колапс на еднопартиската власт, како што се случи во поранешниот СССР. Според уверувањата на Кренинг, поверојатно е дека Кина ќе се распадне отколку да стане светска сила број еден. Постојаното незадоволство на Ујгурите и жестоките демократски протести во Хонг Конг се најави за такво сценарио во блиска иднина. Тоа очекување Кренинг го поткрепува и со искуството со промена на автократската власт. После смртта на лидерот настапува криза. Никој не знае што ќе се случи кога ќе умрат Путин и Џи. „Дали ќе настапи некој од нивните следбеници или нивните персонализирани системи комплетно ќе се распаднат? Демократските избори можат да бидат конфузни, но не толку колку кинеската граѓанска војна.“ (61)

Во поголема мера пропагандистички манифест отколку научно дело

Мајсторски напишана, книгата на Кренинг во голема мера е инспиративен манифест наменет за мобилизација на демократските држави заради спротивставување на растечкото влијание на комунистичка Кина во светската политика отколку научно дело кое настојува да биде што пообјективно и понепристрасно. Историските поуки ги темели на внимателно избрани прикази и интерпретации на одредени периоди и случувања, а не на сопствено истражување и вреднување на сите релевантни извори. Фактите и интерпретациите кои не се вклопуваат во теоријата едноставно ги занемарува.

Историчарите веројатно би ја оспориле неговата тенденциозна интерпретација на историјата според која конфликтот на демократијата и автократијата секогаш завршува со победа на демократијата. На пример, може да се забележи дека автократското Отоманско царство во 15 век ја истиснало демократска Венеција од источниот Медитеран и во вековите што следеле царството било несомнен господар на тие региони. Ако повнимателно ја проучел историјата на Русија, можел да утврди дека автократска Московија во 15 век извојувала одлучувачка победа над демократскиот Новогород воспоставувајќи хегемонија на просторот помеѓу Балтичкото и Црното море.

Оние кои малку повнимателно ќе ја погледнат книгата за републиканскиот Рим на Макијавели, таму ќе ја најдат и неговата оценка дека внатрешното уредување на Спарта било подобро од атинското и дека така уредената Спарта траела цели осум векови додека демократска Атина траела многу пократко. Самиот Кренинг утврдува дека Атина успеала благодарение на својот отворен систем на власт, но најпосле пропаднала заради директната демократија што ја применувала. Притоа не констатира дали истиот систем на политичко одлучување довел и до атинските триумфи и до атинскиот пад и, ако е така, како да се објаснат толку различните исходи на примена на истиот систем на власт.

Но нему Атина, како и сите други примери од историјата на кои се повикува, му послужила само како илустрација за неговите тези за современиот свет. Така анализата за подемот и падот на Атина, Кренинг го завршува со забелешката за американската војна против Авганистан: „Замислете само каков хаос ќе се создадеше ако САД одржеа онлајн референдум за избор на соодветно ниво на американските сили во Авганистан.“ (84) Неговата порака е дека американскиот систем на претставничка и претседателска демократија е најдобриот можен. Тоа имплицитно го потврдува и забелешката за хаотичното функционирање на администрацијата на Трамп, што некои ги наведе на помислата дека во Америка треба да се воведе кинескиот систем во кој тесен елитен круг одлучува за водачот па Американците „би можеле да имаат достоинствен и нормален водач како што се Џо Бајден, Хилари Клинтон или дури Џеб Буш. Наместо тоа демократијата ни го донесе Доналд Трамп.“ (56) Типично за методот за истакнување на она што му конвенира и премолчување на она што не се вклопува во неговата концепција, Кренинг изнесе алтернатива: или кинески или американски систем на избори. Кога алтернативата е поставена на тој начин, јасно е за што ќе се одлучи демократски определениот читател. Притоа е премолчено дека американскиот начин на избор на претседател може да се промени така што за претседател ќе биде прогласен оној што добил мнозинство од гласовите на гласачите. Таквиот систем на избор е демократски, а не кинески, и - ако се применува во Америка - на изборите во 2016 година ќе победеше Хилари Клинтон, а не Доналд Трамп. Исто така, победник на претседателските избори во 2000 година беше Ал Гор, а не Џорџ Буш.

Го гледа трнот во туѓото око, но не го гледа балванот во сопственото

Како што видовме, Кренинг како судбоносна слабост на кинеската економија ја гледа концентрацијата на капиталот на истражувачките потенцијали во само неколку џиновски компании. Заради непостоење вистинска конкуренција, таквиот систем ќе колабира, тврди тој. Притоа воопшто не спомнува дека идентичен проблем може да се воочи и во САД. Иако во образложувањето на предностите на демократиите над автократиите често се повикува на Ацемоглу и Робинсон, нивната најнова книга The Narrow Corridor воопшто не ја ни спомнува.

Коментирајќи ја концентрацијата на капиталот и политичката моќ на областите на информатичките и компјутерските технологии во Америка, овие двајца автори предупредуваат на можните опасни последици од примената на начелото победникот зема сѐ. Кога споредливата концентрација на капиталот се појави во Америка на почетокот од 20 век, тогашните влади донесоа закони против монополот. „Денес на дневен ред нема слични институционални решенија и предлози. Секако, вистина е дека многу од овие компании растеа брзо зашто понудија нови, подобри и поевтини производи. Тоа никако не ја отстранува загриженоста во врска со растечката концентрација особено со оглед на шансите дека компаниите кои доминираат со пазарите во одреден момент ќе ја покажат моќта на својот монопол, наплатувајќи повисоки цени и гушејќи ги иновациите.“ (Ацемоглу/Робинсон 2012:621)

Како демократска алтернатива во таква состојба и со такви шанси во американската економија и општеството, Ацемоглу и Робинсон ја нудат социјално-либералната и социјалдемократската концепција на инклузивни институции коишто претпоставуваат соработка на општествените групи наместо судир/конфронтација. За разлика од Кренинг кој, често повикувајќи се на нивните претходни дела, нуди црно-бела слика на светот во кој единствен можен избор е оној помеѓу американската демократија и кинеската автократија, овие двајца нудат значително поизнијансиран поглед на случувањата во современиот свет. Алудирајќи на опасноста од популизмот како израз на незадоволство на голем број граѓани од начинот на функционирање на институциите на либералната демократија, Ацемоглу и Робинсон предупредуваат: „Одговорот на многу западни држави денес е поблизок до вајмарска Германија отколку до Шведска, со елити кои се борат за да ги одбранат своите предности и оние во најнесигурна положба кои подлегнале на повикот на автократите, а поларизацацијата и непопустливоста стануваат вообичаени.“ (623)

Кинеското системско хакирање податоци кои се интелектуална сопственост на американските компании и владините агенции овозможи најголем трансфер на богатството во историјата. Секако, тој трансфер е проблематичен зашто богатството во сопственост на западните сили стана плен на непријателска Кина. Различни трансфери на богатство се случуваа и во претходните историски периоди. Дали окупацијата на двата американски континенти, а потоа делови од Азија, Австралија и Африка, која ја спроведоа европските држави, може да се опише како трансфер на богатство? Секако дека може зашто исклучива цел беше богатењето на освојувачките држави и освојувачите на теренот. Но, за тие трансфери кои во дотогашната историја недвосмислено беа највредни и за милиони поробени луѓе беа кобни, не се зборува во книгата на Кренинг. Тие трансфери за него се само уверлив приказ на надмоќта на тогашните водечки потенцијално демократски држави во однос на автократските сопарници и, секако, во однос на инфериорното домородно население.

Со оглед на тоа дека за Кренинг е исклучително важно која држава е водечка во системот на меѓународни односи, оправдано е да се постави прашањето зошто би било неприфатливо на таа положба да биде држава која не е демократска. Дали фактот дека доминира демократска држава гарантира дека на жителите на другите држави, подредени на таа држава, ќе им биде подобро отколку под доминацијата на некоја автократска држава? Се чини дека неговиот одговор е негативен Споменувајќи ја епизодата од античката историја кога Мелијците одбиле да ѝ се покорат на атинската власт па Атина ги победила на бојно поле и потоа ги убила сите возрасни мажи, а жените и децата ги продала како робови, тој лаконски констатира дека тоа е „сосема во склад со централната поставка на оваа книга која вели дека државите со кои управува демократската влада тежнеат да бидан грозни сопарници на меѓународната сцена.“ (83)

Тоа е во согласност и со макијавелистичкиот пристап на меѓународната политика, кон кој е наклонет Кренинг. Но тоа ја релативизира уверливоста на неговите аргументи против автократијата. Автократиите, според неговото сфаќање, немаат потенцијал за склопување трајни сојузништва и се склони кон неверничко однесување. Често не ги почитуваат меѓународните конвенции па нивните војници полесно им се предаваат на демократските непријатели зашто знаат дека кон нив ќе постапуваат хумано додека војниците на демократските сили ќе се борат до крај зашто знаат дека ако бидат заробени во автократска земја нема да им биде гарантиран статус на меѓународно признаени воени заробеници. Но ако демократиите, како што вели Кренинг, во војна се груби кон непријателите, зошто војниците на спротивната страна би очекувале милост и попустливост? Ако влезат во конфликт две демократски земји, како би изгледало тоа војување? И најпосле, дали Америка како водечка земја од демократскиот свет, која војувала повеќе од која било држава во модерната историја, ги почитува сите меѓународни конвенции кои се однесуваат на војувањето? Кренинг тврди дека на автократските држави не може да им се верува, но не успева да покаже зошто би требало да им се верува на макијавелистички расположените демократски држави.

Најпосле, Кренинг како да им се обраќа на граѓаните на автократските држави. За да избегнат сигурна пропаст до која ќе ги доведе конфронтацијата со Америка, на автократските сили треба да им се направи само едно, треба да се демократизираат, вели Кренинг. Нивните шанси да ја преземат лидерската позиција со тоа би биле значително зголемени. Ако Кина спроведе целосна демократска транзиција, односно ако го прифати американскиот политички систем „веројатноста дека таа ќе стане најсилната држава во системот на меѓународни односи би се зголемила дваесет пати. Последиците од целосната демократизација на Русија би донеле зголемување на нејзините шанси за глобална хегемонија за осум пати. Спротивно на тоа, пропаста на демократскиот систем во САД и воспоставувањето диктатура, веројатноста Вашингтон да го задржи водечкото место ќе ја направи дваесет и пет пати помала.“ (71)

Ако му е толку важно Америка да остане на положбата водечка светска сила, зошто Кренинг би ги советувал непријателските сили како да ја совладаат и да ја сменат? Тоа прашање е особено оправдано со оглед на нескриениот макијавелизам во меѓународните односи кон што е наклонет Кренинг. Според тоа сфаќање сите држави, независно од нивните внатрешни уредувања, се сопарници и потенцијални непријатели едни со други. Дали зад тој повик не се крие намерата Америка на тие земји да им ја наметне својата волја и така да ги пацифизира? Неолибералната порака од осумдесеттите и деведесеттите години дека економската глобализација и дерегулацијата донесуваат вин-вин ситуација, се покажа неточна за повеќето земји во развој. Кина е една од ретките земји која ја преживеа трката до дното и потоа започна незадржлив економски подем.

Дали зад повикот за демократизација не се крие истото очекување кое се криеше зад повикот Кина да се зачлени во Светската трговска организација, односно очекувањето дека ќе се промени кинескиот политички систем и дека Америка ќе има одлучувачко влијание на политичкиот живот на Кина? И, најпосле, ако во секое соочување на демократска сила со автократска е загарантирана победата на демократската сила, зошто толку да се инсистира на демократизација на сѐ уште недемократизираните делови од светот? Впрочем, со тоа се зголемуваат шансите Америка веќе да не биде глобален лидер. Тие прашања остануваат неодговорени и после читањето на книгата. Но, се чини дека во цитираниот извадок од пораките до граѓаните од недемократските држави најважната порака беше упатена до граѓаните на Америка: ако вашата држава престане да биде демократска, ќе ја изгуби положбата на прва воена и економска сила во светот. Со тоа директно се признава дека на Америка ѝ се заканува пад од демократија во диктатура.

Завршен збор

Иако книгата на Броуз е песимистична, а онаа на Кренинг оптимистична во поглед на шансите Америка од можна војна против Кина да излезе како победничка, кај двајцата е заедничка загриженоста за судбината на Америка и за состојбата на системот на меѓународни односи.

Броуз со причина предупредува дека Американците мораат да се навикнат на мултиполарна дистрибуција на моќта и да се помират дека во современиот свет Америка не може да доминира како што доминираше на западната хемисфера за време на Студената војна, а после пропаста на Советскиот сојуз во целиот свет. Со цел придобивање на воениот и политичкиот естаблишмент за своите предлози за промената на начинот на стратешкото размислување и поимањето на идното војување, Броуз на драматичен начин ја преувеличува опасноста која ја претставува Кина за американската безбедност.

Обидувајќи се да ја зајакне разнишаната самодоверба на Америка, Кренинг дава тенденциозен пресек на историјата од кој изведува поука дека исходот од хегемониската војна помеѓу демократските и автократските претенденти на местото хегемон во системот на меѓународни односи е однапред зададен. Во таков конфликт нужно победува демократската сила. Начинот на кој тој ги обработил примерите од историјата кои би требало да ја потврдат неговата теза во голема мера покажува дека неговата желба заклучокот да биде во корист на демократиите е значително помоќна од аргументите кои успева да ги изнесе. Многу од неговите критики упатени до современите автократии ја губат уверливоста зашто со право можат да ѝ бидат упатени на современа Америка, особено во мандатот на претседателот Трамп кој не ги крие своите автократски амбиции.

Двете книги се напишани пред избивањето на пандемијата со коронавирусот. Дефинитивната неспособност на Америка да го преземе глобалното лидерство во совладувањето на пандемијата како и неодговорното постапување на централната власт на домашен план јасно покажаа дека е оправдано да се запрашаме дали Америка сака да биде глобален лидер и, ако сака, дали може успешно да ја извршуваа таа задача. Расните немири кои се разгореа покрај незапирливата пандемија и економската безнадежност кај голем број луѓе отворија прашања кои не би требало да бидат актуелни во една стабилна демократија. На пример, јавно се дискутира дали војската ќе го исфрли Доналд Трамп од Белата куќа ако одбие да го признае веројатниот пораз на претседателските избори. Сето тоа наведува на заклучок дека црно-белата логика презентирана во двете книги треба да се замени со значително поистенчен пристап до актуелните проблеми на американската политика и меѓународните односи. На пример, силно нагласената теза дека демократиите имаат потенцијал за склопување трајни сојузништва, политиката на претседателот Доналд Трамп ја демантира уште од првиот ден од неговиот мандат. Затоа е малку веројатно дека авторите ќе можат да ги уверат читателите во она што не веруваат ни самите.

Останата користена литература:

Acemoglu, Daron; Robinson, James A. (2012), Why Nations Fail, London: Profile Books
Acemoglu, Daron; Robinson, James A. (2019), The Narrow Corridor, New York: Penguin Press
Clarke, Richard; Knake, Robert (2010), Cyberwar: The Next Threat to National Security and What to Do About It?, New York: Harper Collins
Jackson, Robert; Sorensen, Georg (ed)(2007), Introduction to International Relations, Oxford University Press
Machiavelli, Niccolo (1985), Izabrano djelo I,II, Zagreb: Globus
Mearsheimer, John J. (2001), The Tragedy of Great Power Politics, New York: W.W. Norton & Company
Presidential Policy Directive/PPD20, www.quardian.co.uk/world/interactive/2013/jun/07/obama-cyber-directive-full-text

Крај.

Кон првиот дел. 

Слики: Chappatte

Извор: http://ideje.hr/