1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 22:59
Сè си е на место
Везач везе седло кај сарач, берач му мавта на машиновозач, барач на правда станал бегач, на гранка грака црн грабач.
***
„Нонсенс книжевноста, ви се молам, е нонсенс!“, на клупа во парк им рекол обликувач-одредувач на познавач-поправач, прегледувач-преведувач и толкувач-забранувач, кои сложно кимале со главите.
„Не се слагам!“, дрекнал играч-посматрач, кој понекогаш се вмешувал во ситуациите, минувајќи крај клупата.
„Ти си обичен дрекач-одрекувач, контраш!“, му рекол обликувач-одредувач на играч-посматрач.
„А ти си замразувач-замрачувач и замрзнувач на мртви форми“, одговорил играч-посматрач.
***
Откривач-издавач на клупа во парк побарал отворач за пиво од основач-оставач.
Тогаш се појавил познавач-поправач и прашал: „Како на македонски е правилно: покривач или прекривач?“
„Јас се служам со откривач-покривач, почитуван колега поправач-прекривач“, рекол откривач-издавач.
„Кхм, кхм, јас сум познавач-поправач, а не поправач-прекривач.“
„Простете“, рекол откривач-издавач, со крајчето на окото во грмушките здогледувајќи го сокривач-сомневач.
***
На клупа во парк тренирале оцрнување без поцрвенување следниве ликови: оценувач-оцрнувач, потценувач-поцрвенувач, насмевнувач-обезвреднувач и замолчувач-замолувач.
Брзо дотрчале и обликувач-одредувач, познавач-поправач, прегледувач-преведувач и толкувач-забранувач.
***
Покажувач-претскажувач на клупа во парк го оговарал гатач-одгатнувач пред ловците по сензации, читач-пишувач и трагач-раскажувач.
„Дури и бајач-трујач ми е поприфатлив од гатач-одгатнувач!“, гневно рекол покажувач-претскажувач.
Отстрана сеир фаќал решавач-поврзувач.
***
Испитувач-воспитувач на клупа во парк малтретирал поправач-повторувач. Дошол терач-туркач и од клупата го истуркал испитувач-воспитувач.
***
Откако крстосувач-пљачкосувач во паркот опљачкал невини жртви во грмушките бил дочекан од казнувач-пресретнувач, на молба од помагач-преземач.
***
Забранувач-заканувач и заканувач-заколнувач малтретирале народ низ парк сè додека не налетале на казнувач-одмаздувач и пречекувач-попречувач, коишто на двајцата им врзале по два бокса.
***
Покрај клупата на која муабетеле наоѓач-испраќач и занесувач-разнесувач поминале носач-непушач и акач-бакнувач.
„Носачов-непушач е баш нослест.“
„А другиов е будалест.“
Слики: Rokuro Taniuchi