„Mother is a bitch“ – промоција на уметничка книга на Шејла Камериќ

09.10.2023 11:34
„Mother is a bitch“ – промоција на уметничка книга на Шејла Камериќ

Со промоцијата на книгата за творештвото на босанска уметница Шејла Камериќ продолжува осмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура и пријателската соработка помеѓу Контрапунт/КРИК – фестивал за критичка култура, Тиииит!Инк./Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО и уметницата Шејла Камериќ.

После минатогодишната изложба на Камериќ „Доаѓаме со поклон“, која КРИК и ПРВО ПА ЖЕНСКО заеднички со уметницата Камериќ ја претставија во Националната галерија - Чифте амам, оваа година ќе биде претставена уметничката книга „Mother is a bitch“ во авторство на Шејла Камериќ и пријателите - за Камериќ најважно нешто е плетењето на пријателски мрежи и наративи кои создаваат амбиент на закрила и взаемна поддршка.

Промоцијата ќе започне денес (9-ти октомври), во 19:30 со разговор помеѓу уметницата Шејла Камериќ, уредничката Жива Клајндиенс, како и Јасмина Тумбас и Милица Радуловиќ. Воведничарка и модераторка на разговорот е Јованка Попова.

Промоцијата ќе биде на англиски јазик, а ќе биде обезбеден симултан превод на македонски јазик.

За себноста, меморијата и ... смеата

Во текот на изминатите 25 години, Шејла Камериќ (р. Сараево 1976 година; живее и работи во Сараево, Берлин и Истра) создаде извонреден број уметнички дела засновани на гестови за самопретставување. Тие ја откриваат трајната верност на Камериќ кон темата на автопортретирање и нејзиното неконвенционално разбирање на оваа авто-референтна практика.

„Mother is a Bitch/Мајката е кучка“ обединува текстови и слики кои се одразуваат на повеќеслојната практика на Камериќ, следејќи ги двете главни линии во суштината на нејзиното творештво: автопортрети и текстилни дела. Овие уметнички дела се засноваат на сопствените искуства, сеќавања и соништа на Камериќ кои нѐ водат во глобалните простори на раселување и дискриминација. Тие се гледаат низ леќите на родот, трудот, миграцијата, класата и грижата, а проткаени се со испреплетени темпоралности - минатото и сегашноста. Инспирирани од écriture feminine, или „женското писмо“ на Хелен Сиксу - теорија на феминистичката филозофија која комбинира елементи на психоанализа, книжевна теорија и постапка на деконструкција - автор(к)ите на книгата ги сметаат актите на пишување како субверзија на патријархалните императиви.

Приложените текстови се преплетуваат и проникнуваат, графички и тематски, и се поставени во релација со репродукции на делата на Камериќ, конфронтирајќи теми како што се вештерство, феминизам, саморефлексија, самоистражување и само-експлоатација. Во однос на овие и други теми, како и во однос на делото на Камериќ, во книгата рефлектираат: Хана Ќурак, Искра Гешоска, Јана Коцевска, Еди Мука, Наталија Пауниќ, Линда Пајц, Бојана Пејиќ, Никола Петек, Магдалена Радомска, Милица Радуловиќ, Матилде Сандларц, Милица Тракиловиќ, Адријана Транца, Јасмина Тумбас, а уредничка на ова исклучително уметничко и текстуално дело е Жива Клајндинст.
---
Тимот на КРИК - фестивал за критичка култура се: Искра Гешоска, Артан Садику, Тијана Ана, Петар Милат, Станимир Панајотов, Наташа Гелева, Ѓорѓе Јовановиќ. Односи со јавноста на фестивалот: Александра Бубевска.
---
Постојани стратешки партнери на Kontrapunkt и KRIK се: MaMa (https://www.mi2.hr/en/) од Загреб, kuda.org (https://kuda.org/) од Нови Сад и Kulturtreger од Загреб. Посебна благодарност до студиото за графички дизајн KOMA (@koma.mk). Настанот се реализира во соработка со Музејот на современа уметност, Скопје.
---
Тимот на ПРВО ПА ЖЕНСКО се: Јана Коцевска, Јана Старделова, Кристина Леловац, Славица Ќурчинска, Јулијана Младеновска Елизабета Пољоска, Џемилиана Абдулова, Георги Старделов и Дино Милосављевиќ.
---
Контрапункт и фестивалот КРИК се поддржани од Министерството за култура на Северна Македонија, Гете институтот, Европската Унија преку проектите на Креативна Европа, Re-Imagine Europe и Peripheral Visions. Финансиран од Европската Унија. Сепак, искажаните ставови и мислења се само на авторот(ите) и не мора да ги одразуваат ставовите на Европската Унија или Европската Извршна Агенција за образование и култура (EACEA). Ниту Европската унија, ниту органот што го доделува не може да биде одговорен за нив.
---
ПРВО ПА ЖЕНСКО е поддржано од: Sigrid Rausing Trust, Шведска и The Kvinna till Kvinna Foundation, Equality Fund и Министерство за култура Република Северна Македонија.

ОкоБоли главаВицФото