Квиз

15.11.2023 15:01

На погребот на блиската личност најдобро се чувствувате кога

а) вие не плачете, а другите плачат

б) само вие плачете

в) уште некој плаче колку вас


Додека примате сочувство, најдобро реагирате на

а) вообичаени фрази како Примете го моето сочувство

б) ракување со кимање на главата, бакнување, прегратка

в) зборови на поддршка кои отскокнуваат од вообичаеното Нејзе спокој, а вам секое добро


Најтешкиот дел од погребот ви е

а) фрлањето поглед на крстот со името и презимето на блиската личност под кои стојат годината на раѓање и на смрт и изгледаат прекратки

б) опелото при кое свештеникот го спомнува името на блиската личност недвосмислено потврдувајќи дека веќе ја нема

в) какво било движење за преместување на ковчегот во погребната кола моментот кога колата мрднува појавата на гробарите во работнички одела спремни да го преземат ковчегот со телото на блиската личност и да го стават во дупка ископана во земјата прекинувајќи ја дотогашната возвишеност на обредот и прекривајќи го сјајниот ковчег со каллива земја што огрдува сè и убавите мермерни плочи на гробиштата и вашата болка и ги враќа природата и неминовноста и животот во смрт


Најзачудувачки дел од погребот ви е

а) кога, откако со ковчегот е закопан дел од вас, првпат се придвижувате и прозборувате ги повикувате присутните да ви се придружат во блискиот ресторан или ги прашувате оние што ве донеле каде се паркирале

б) кога во ресторанот луѓето се разнежнуваат како да не сте закопале блиска личност пред малку но тоа не ви пречи напротив

в) кога и вие првпат се насмевнувате и животот продолжува
блиската личност е мртва да живее блиската личност во новиот вечен живот во кралството негово во мирот и во спасот што нè чекаат сите

Превод: Љупка Евроска

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото