„Реквием на бубамарите“ - приказна за соочување со стравовите

27.11.23 12:36

Анимираниот филм насловен „Реквием на бубамарите“ на Акино Кондо се осврнува на траумите од детството, во голем дел инспирирани од вистински настани.

Што се случува со нашите фобии, кошмари и стравови кои го обележуваат нашето детство и кои се чини дека избледуваат со текот на времето? Сепак, тие остануваат во еден агол од нашиот ум и понекогаш повторно се појавуваат, создавајќи одредено чувство на носталгија.


Ова е темата која јапонската уметница Акино Кондо ја обработува во анимираниот филм насловен „Реквием на бубамарите” (2006), претставен како дел од биеналето YouTube Play во музејот „Гугенхајм” во Њујорк.

Родена во Чиба во 1980 година, Акино Кондо дипломирала на Универзитетот за уметност „Тама”. Оваа уметница, која живее во Њујорк од 2008 година, креира комплексна и повеќеслојна уметност која се состои од анимации, манга, цртежи и слики.

Фантазмагорична и интроспективна

„Реквием на бубамарите” е анимација во траење од пет минути и 38 секунди која го поттикнува гледачот да погледне поинаку на повторливите кошмари од детството, на симболичните слики на страв, кои во еден дел се производ на нашата имагинација.

Во видеото, во кое музиката игра централна улога, визијата за светот на Акино Кондо е како сон. Приказната започнува со сцена во која една млада девојка случајно убива две бубамари.

Овој трауматичен инцидент ја вовлекува во свет каде едно копче од нејзината блуза се трансформира во бубамара. За да ја ублажи вината и стравот, таа почнува да шие стотици копчиња на внатрешната страна од здолништето.

Како што одминуваат сцените главниот лик во филмот се мултиплицира, навигирајќи меѓу различни средини. Оваа референца за бубамарите е преземена од еден од кошмарите на уметницата во кој бубамара паднала од нејзината рака и била згмечена од автомобил.

Овде бубамарата е алегорија за сеќавањата и за поголемите искушенија што ги подготвува животот, особено оние кои се карактеристични за жените во однос на физичките промени, сензации поврзани со оние моменти кога луѓето и природата се спојуваат за да формираат хармонична целина. Љубопитноста е поврзана со непознатото, со она што нè плаши, но како што се развиваме низ животот, ние на некој начин сме поттурнати да ги надминеме овие бариери.

Уште една од креациите на уметницата, мангата „Инсектите во мене“, објавена во 2009 година, претставува серија од осум приказни поврзани со мешањето на соништата и реалноста, со апсурдот што се провлекува низ нив, повторувајќи ги темите кои ѝ се блиски на Акино Кондо.

Извор: https://pen-online.com/

Слични содржини

Филм / Око
Уметност / Филм / Око
Живот / Филм / Око
Балкан / Филм / Око
Филм / Око
Филм / Око

ОкоБоли главаВицФото