Глобално враќање на голотијата како облик на протест

21.12.2011 11:55
Глобално враќање на голотијата како облик на протест

Во последно време сведоци сме на користењето на голото тело за предизвикување на авторитетите и барање на своите права. Дури и во денешниот, претерано сексуализиран свет, јавата голотија и понатаму претставува силен облик на протестирање.

Кога околу стотина поддржувачи на Аи Веивеи неодамна се соблекоа голи во знак на протест поради неговото прогонување од страна на кинеските власти, тие на некој начин ѝ се придружија на глобалната ренесанса на голиот активизам. Тие ги поставија своите голи фотографии на социјалните мрежи во знак на солидарност со овој уметник, откако пекиншките власти започнаа истрага во врска со фотографијата на која се наоѓа Веивеи со неколку голи жени.

Кинескиот репресивен апарат ја искористи старата фотографија како повод да го обвини Веивеи за „ширење порнографија“, што е само уште еден од низата обиди на властите да го замолчат овој познат уметник и остар критичар на режимот.

Уште еден случај со голотија како општествен протест го привлече вниманието во Египет, кога блогерката Алија Магда ал Махди постави своја гола фотографија на интернет. Нејзиниот потег не само што се најде на удар на безочната омраза од страна на исламските „чувари на моралот“, туку исто така беше критикуван и во секуларните, либерални кругови во Египет.

Држејќи ја пишаната порака на која се вели „Љубов без граници“, околу 30 израелски жени јавно ги разголија своите гради во знак на солидарност со блогерката Ал Махди.

Топлес протестирањето со години претставува акциска стратегија на украинската феминистичка група ФЕМЕН, која често протестира и надвор од украинските граници против прекршувањето на правата на жените. Активистските на оваа група, од кои повеќето се млади и привлечни, намерно се претставуваат себеси во провокативен манир за да го привлечат вниманието на своите политички и општествени ставови. Меѓу другото, тие се обидуваат да ја спречат легализацијата на проституцијата за време на европското фудбалско првенство во 2012 г. во Украина и Полска.

Соблекувањето до гола кожа е знак за побуна против угнетувачките општествени норми, но и покарј тоа не претставува нов облик на привлекување внимание. Единственото изненадување е тоа што денес, и покрај сеприсутната голотија и порнографија околу нас, оваа техника и понатаму дејствува. Покажувањето на голото тело во јавноста и понатаму претставува табу и се доживува како нарушување на јавниот ред. Се разбира, последиците за таквото однесување се различни во различните општествени структури и делови од светот.

Во многу исламски земји ваквото нешто несомнено носи тешки телесни казни, а понекогаш и смрт, посебно ако станува збор за жена. Статусот на женското тело се наоѓа во центарот на културната војна меѓу просветената модерност и реакционарната религиозност во муслиманскиот свет. Машкото полагање право на целосна контрола над телото и животот на жената е една од најдлабоко закопаните сили на исламските фундаменталисти, заедно со лудачкото барање дека жената мора да биде покриена во јавноста.

Не случајно е тоа што со омразената западна „декаденција“ најмногу се поврзува начелото на женското самоопределување. Храброста на египетската блогерка удри право во сржта на политичкиот и културен синдром на назадноста во арапскиот свет и поголемиот дел од муслиманскиот свет.

Сè додека на жената не ѝ се дозволи целосен суверенитет над себе и своето тело, сите обиди за напредок ќе останат цинична фарса. Постои мала надеж дека арапските револуции ќе ги отворат вратите на промените, бидејќи повеќе е невозможно да се игнорира фактот дека успехот на демократијата во регионот зависи од степенот на женските слободи.

Иако не е споредливо со храброста на египетската блогерка, американските и европските бунтовници за време на 1960-те години исто така успеваа да го шокираат авторитативниот и инхибиран естаблишмент. Од калифорниските деца на цвеќето до Џон Ленон и Јоко Оно, секој кој ќе посакал да го крене гласот против општествените ограничувања и конвенции, едноставно, само би ја соблекол облеката од себе во јавност, обично ризикувајќи само обвинение за нарушување на јавниот ред.

Соблекувањето на облеката во јавност било синоним за уривање на општествените стеги по прашањето за тоа што треба а што не треба да се прави, но исто така му давало нов живот на обликот на протест кој беше омилен и кај претходните поколенија. „Нудистите“ од 1960-те како свои претходници ги гледале реформските движења од крајот на 19-от век. Луѓето кои биле вклучени во тие движења голотијата ја доживувале како вараќање кон она што се сметало за суштина на чистата човечка природа. Нудизмот бил спарен со вегетаријанизмот на познатата колонија Монте Верита во Аскона, во швајцарско-италијанскиот кантон Тичино.

Теоријата на Жан Жак Русо (1712-1748), женевски филозоф и писател, е длабоко вкоренета во европската културна историја. Според него, во еден миг постоело време на „природни луѓе“, за кои неправдата и грдотијата на современата цивилизација била сосем туѓа, и кои живееле во племенски заедници. Оттогаш таа идеја за враќање на природната голотија е поврзувана со вродената човечка добрина.

Во денешниот свет, кога кинескиот уметник Аи Веивеи и неговите поддржувачи ќе се соблечат голи, тоа во основа е во склад со толкувањето на Русо од 18-от век за просветителската порака, апелот за подобро и подемократско општество. Нивната голотија ја симболизира нивната апсолутна ранливост во однос на волјата на државата, но исто така содржи знаци на спротивставување на сопствената волја. Нивните гестови велат: моето тело ми припаѓа мене, природата ми го даде ова дело и тоа е неотуѓиво дури и кога ќе ми одземете сè останато.

Апсолутната голотија на Веивеи има цел на моќен личен исказ: види ме, ова сум вистинскиот јас. Моето постоење е навреда за вас, така ќе биде и во иднина. Во случајов, неговото несовршено голо тело е егзистенцијален приговор кон тоталитаризмот.

Меѓутоа, младите украински феминистки ФЕМЕН дејствуваат на друго симболичко ниво. Тие се деца на времето во кое женското тело е сексуализирано во јавноста во трговски цели. Откако активистите за човекови права со децении се бореа против понижувањето на женското тело како објект на желба, заводлива „стока“, овие нови феминистки облекуваат униформи на сексуални објекти и ги користат како средство за изразување на самосвеста и борбениот дух.

Тие се свесни за својата сексуална привлечност како потенцијално оружје. Доколку нè сакаш, дојди и земи нè, велат тие, но ќе мораш да платиш со прифаќање на нашите општествени и политички барања.

Во една од нивните кампањи тие бараа од жените да се воздржат од секс со мажи сè додека не бидат исполнети целите на нивната кампања. Објектите на желба, целосно свесни за своите моќи, се наоѓаат во предност.

Извор: Die Welt

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото