Не дозволувајте да умре европскиот идеал

21.12.2011 13:10
Не дозволувајте да умре европскиот идеал

Ако ја тргнеме настрана кусогледоста на нашите политички водачи, еден од најдепресивните аспекти на неодамнешните катастрофи во Европа е рамнодушноста на граѓаните кон настаните. Природно, тие се загрижени за општествените и економските пречки што можат да влијаат врз нив, но нема знаци дека Европа, за Европејците, е нешто повеќе од валута која навлегла во опасна зона.

Оттука, додека некои луѓе се прашуваат што колапсот на еврото би можел да значи, изгледа дека никој не е загрижен какви ќе бидат последиците од падот на европскиот сон за нашата цивилизација – вистинската катастрофа со која, ако не најдеме лек, се соочуваме.

Синдромот на брод што тоне веќе доминира во европската политика и, поттикнати од стравот, на сцената се враќаат засилените национализми. Колку повеќе медиумите го повторуваат незадоволството, толку повеќе се зголемуваат обвинувањата. Најлошото е тоа што граѓаните, заразени од некој друг или по сопствена иницијатива, почнаа да се осудуваат едни со други.

Крајната причина за сегашната состојба е сиромаштијата на духовните перспективи кои го придружуваа создавањето на Европа во втората половина од дваесеттиот век. Навистина, процесите доведоа до неколку добри резултати, како укинувањето на границите и прифаќањето на заедничката валута, но секогаш недостасуваше храброст и креативност потребни да се создаде навистина заедничко сценарио.

Вградена бирократија

Ако од економска гледна точка Европа успеа да постигне просперитет по Втората светска војна, културно таа продолжува да биде поразената сила која ја загубила својата поранешна хегемонија. Макс Ернст многу убаво го наслика европскиот пораз на Европа во „après le déluge”. Низ годините, Европа материјално закрепна, но не и духовно.

Создавањето на Европа повеќе се однесуваше на паричникот отколку на свеста. Вистина е дека во почетните години сè уште постоеја првокласни државници. Кога нивниот број почна да се намалува, кршливоста на цивилизацискиот поттик во европскиот проект стана очигледна. Предностите при комуникацијата и трговијата не значеа и решително засилување на идната идеја за Европа: Европејците почнаа да патуваат од едниот крај до другиот крај на континентот, а студентите дури почнаа да одат на студентски размени меѓу најоддалечените универзитети.

Сепак, парадоксално, овој динамизам не обезбеди темели за цврста архитектура која ќе го вдоми чувството на заедништво. Во Америка или Азија нè нарекуваа Европејци, но тука не успеавме да се чувствуваме како Европејци, и покрај огромните знаци на европејството поставени на институциите во Брисел и во Стразбур. Нашето минато беше заедничко. Сепак, нашата сегашност е маглива, а нашата иднина несигурна.

Предизвикот кој укажа на тој неуспех беше прифаќањето на Европскиот устав, документот кој имаше намера да ја прероди Европа – по римската и каролиншката империја – и кој, практично, беше израз на вградената бирократија која не предизвика никаков ентузијазам кај Европејците. За Европскиот устав се докажа дека е стерилен текст кој до одреден степен го обнови духовното и морално наследство на континентот, но тој не успеа да инспирира каква било активна поддршка од граѓаните.

Слободата како правило

А сепак, колапсот на европскиот проект би било најлошото нешто што би можело да му се случи на светот, барем кога станува збор за слободата. Европа сè уште има време да го објасни ова пред другите, а пред сè себеси да си го објасни. Како европски граѓанин јас би сакал Магна картата на Европа да биде признаена, како радикална вежба по самокритика на нашиот колонијализам и експлоататорското минато. Исто така, тоа е добар миг да се потсети светот на просветителските и хуманистички придонеси, навистина европски, за индивидуалната слобода и колективна демократија.

Меѓу кризата која се нарекува „универзална криза“, За Европа единствениот можен пат кон напред е отстранувањето на сеприсутниот пазар од неговата централна положба и враќањето на демократијата на тоа место. Во оваа операција, која е примарно културна, Европа сè уште може да биде силна и да си поврати дел од исчезнатата гордост.

Во спротивно, дефинитивниот распад на европскиот проект ќе го отвори патот за тоталитарните можности кои имаат неочекувана поддршка, од историски причини, како ефективни противотрови за кризата. За Путин, за Кинеската комунистичка партија и за арапските шеици, слободата е тегобност која мора да се истрпи за доброто на пазарите.

И токму ова е тоа со кое Европа не мора да се коцка ако сака да остане верна на најдоброто во себе. Како историска татковина на демократијата, нејзината виталност зависи од нејзината способност да ја постави во прв план демократијата како правило кое секогаш мора да ги победува сите правила во играта, особено правилата кои сакаат да го постават големиот Молох на шпекулациите врз сите граѓани на светот, вклучувајќи ги, секако, и поспаните, себични и страшливи граѓани на Европа.

Извор: Ел Паис

Илустрација: Макс Ернст

Слични содржини

Општество / Европа / Став
Општество / Теорија
Општество / Психологија
Општество / Европа / Теорија
Општество / Технологија

ОкоБоли главаВицФото