Слејер и Фројд за националистичката шега

03.05.2012 12:49
Слејер и Фројд за националистичката шега

Идолатријата знае да биде зафркната играчка. Во тоа се уверив на најтрагикомичен начин на музичкиот фестивал Егзит (Exit), во Нови Сад, пред седум години. Таму ја гледав свирката на американскиот спид-треш метал состав Слејер (Slayer). Инаку, за оние кои не се упатени во таквиот вид музика, Слејер (кои сè уште се активни) изградија препознатлива репутација, како во однос на специфичниот, исклучително агресивен пристап кон спид-треш металот, така и во однос на текстовите на песните, во кои најчесто се занимаваат со исмејување на религиозната индоктринација и со демистификација на поимот бог, како предмет на стравопочит, слепа идолатрија и средство за масовно перење мозоци.

Некаде на половината од концертот, пејачот и басист на Слејер, Том Араја (Tom Araya), одлучи следната песна да ја најави на специфичен начин. Еве како тој тоа го направи, обраќајќи ѝ се на публиката: „Следната песна е посветена на служењето на својата земја!“ Публиката на тоа реагираше еуфорично. Од сите страни обожавателите почнаа громогласно да викаат „Србија, Србија, Србија, Србија...“ (се разбира, со високо кренати три прсти), несомнено мислејќи дека и лидерот на Слејер го споделува нивното љубовно национално чувство. Меѓутоа, она што следеше беше дефинитивно најбруталниот студен туш на масовно освестување, на кој некогаш сум присуствувал. Имено, пред да почнат да ја свират песната, Араја ја заврши својата најава на следниов начин: „Песната се вика ‘Задолжително самоубиство’ (‘Mandatory Suicide’)!“

Негација, изневерување на очекувањата, предавство... Именувајте го како сакате, меѓутоа, масовното освестување дека Вашите идоли шегаџиски ги погазуваат очекувањата кои сте ги имале од нив, не може да е пријатно чувство. Не можам со сигурност да посведочам какво беше чувството меѓу младите идолопоклоници на Слејер, зашто агресивноста на песната оневозможуваше да се забележи штама или некаква поинаква реакција на разочарување. Меѓутоа, она што е далеку поважно е дека според Слејер, слепата, безусловна посветеност на слугувањето на својата земја (слично како и при слугувањето на бог) претставува, ни помалку ни повеќе, задолжително самоубиство: деградирање на човековите потенцијали преку масовно индуцирано перење мозоци. И тоа не треба да изненадува. Впрочем, доколку Слејер толку посветено се противставуваат на понижувачката идолатрија во религиозната индоктринација, не постои причина да не се очекува истото (или слично) да го мислат и во однос кон националистичката индоктринација.

Според Фројд, шегите функционираат кога свесното дозволува изразување на мисли кои општеството обично се труди да ги потисне или забрани. Или, со други зборови, кога суперегото му дозволува на егото безопасно да се зафркава, не наоѓајќи закана по своето опстојување од невини детски шеги. Меѓутоа, според несвесното на младите, националистички индоктринирани обожаватели кои ги гледаа своите идоли на сцена, нацијата (суперегото) е сериозна работа, со која никој не смее да се зафркава. За Слејер, пак, (на општо изненадување на нивните обожаватели) национализмот е сместен во онаа категорија, која може да трпи слободно исмејување и понижување, зашто тој се разбира како пречка за суперегото на поединецот. И ете го судирот!

Проблемот тука се состои во тоа што суперегото, според Фројд, не дозволува зезање со нешта кои него можат да го поткопаат и, според тоа, не дозволува брутално исмевање со него. Според таквото гледање на нештата, циничната шега на Слејер за националистичкото суперего е недозволива. Тоа е моментот кога суперегото крикнува: „Е, така веќе не може! Сега веќе не е смешно!“ Сето тоа неодоливо потсетува на злобните детски исмевања кои редовно завршуваат со плач. Повреден од бруталните, цинични шеги на своите другари, суперегото на исмејуваното дете е поразено и шегата неизбежно завршува со контраефект: плач. Така е секогаш кога постои базично несогласување за она што смее, а што не смее да биде предмет на исмејување. За несреќа на младите металци-националисти на Егзит пред седум години, тие ја играа улогата на мало, расплакано дете.

Меѓутоа, кога ќе се погледне малку пошироко, навредени, всушност, не ни имаше. Егзит, од самиот свој почеток, е манифестација која беше покрената како израз на отпор/револт кон национал-шовинизмот на Милошевиќевска Србија. Според тоа, ако некаде некој може слободно да си игра мајтап со национализмот, тогаш тоа сигурно е Егзит. Што се неколку илјади забегани металци, во споредба со стотици илјади млади космополити кои секоја година минуваат низ Петроварадинската тврдина во Нови Сад?!

Вистинскиот проблем, а воедно и непознаница во целата приказна, е дали можеме да си замислиме слично сценарио во Македонија денес, која неодоливо потсетува на Србија од почетокот на 1990-тите години. Како ние би реагирале кога некој така би се шегувал со проклетството (националистичкото суперего) кое не престанува да нè кочи. Би го изгледале концертот до крај? Без да се расплачеме како мали деца, на кои некој им ја украл играчката?

Слики: Dani Sanchis

Пу, да не пукнеш, со два

Пу, да не пукнеш, со два збора ме кандиса. Кај да се запишам и јас да бидам предавник? Отворени сте утре у Сорос?

Само да ја потсетам публиката

Само да ја потсетам публиката која ги чита коментарите дека денешното раководство на СДСМ (Бранко, Фрчко, и другите батковци) во 90тите ГО ПОДДРЖУВАА режимот на Милошевиќ.
Заедно со Латас, за волја на вистината :)

Мислам дека и авторот на текстов го заборавил тоа.
„Стотиците илјади млади космополити“ кои ги прикажува како симбол на слободоумие, парадоксално, најчесто се најотворените умови за голтање пропаганда. Многупати досега се организирани протести и слични агитпроп настани на кои истите тие „стотици илјади млади космополити“ мислејќи си дека се „прогресивни уберкул слободумни“ - всушност излегле само за да дадаат поддршка на партија.

Примерите ги има и кај нас, Распеани Скопјани, Слободен Индекс, Плоштад Слобода и уште еден куп други.

Жално е да се види таа маса млади луѓе кои имаат енергија да променат нешто, како бидуваат хипнотизирани од пропагандата која не ја препознаваат.

претпоставувам боље да иделе

претпоставувам боље да иделе на избор на драгачевска труба, на аџилак у житораѓе, или на ракијада некоја, него на егзит? пошто таму дефинитивно се космополити, а, ангеле (менгеле)?