Исусовата алтернатива

08.04.2013 11:55
Исусовата алтернатива

Не морате да бидете христијанин за да го цените значењето на воскресението. Воскресението е победа на утописките мисли. И тоа од оваа страна, не на некое седмо небо. Тоа е триумф на утопијата над безнадежноста на смртта. Смртта доаѓа по нас и како некој капиталист тврди дека „нема алтернатива“. Но, Христовото воскресение го порекнува тоа. Тоа е нечуено! Постои алтернатива! Од тоа можеме да научиме многу, за политиката.

Во септември 2012 е снимен еден младич како насмеан, со рака издигната кон небото, напушта една продавница во Минхен. Во рацете држи бела кутија, од неговата лева и десна страна стојат насмеани крупни мажи во јакни со логото на продавницата. Ралф М., 21-годишник, прв во Минхен купи iPhone 5. „Да се купи iPhone е култна работа“, изјави за медиумите, додавајќи дека персоналот во продавницата му аплаудирал.

Валтер Бенјамин би го разбрал тоа. Тој го опиша капитализмот како „чист култ, веројатно најекстремниот кој воопшто постоел“. Без догматика, без теологија - само култ. На лицето на ова момче од Минхен се оцртуваше среќа, вистински восхит. Но, што ако капитализмот повеќе не ги исполнува своите ветувања, како што е тоа случај во Шпанија и во Грција? Тогаш исчезнува насмевката од лицата на луѓето и мораме со полициски пендреци да ги потсетиме дека интересите на финансиските пазари се и нивни интереси.

Стручните луѓе водени од логиката на пазарот го доведоа светот на работ на колапс. Затоа би било логично да се напушти оваа логика. Меѓутоа, наместо тоа, рецептот на нашите политичари гласи: уште повеќе од истиот лек! Демократијата мора да се направи „уште поконформна за пазарите“, сè додека не ја достигнеме состојбата на политички парадокс кога се плашиме од исходот на демократските избори, бидејќи тие можеби нема да бидат по волја на пазарот. Капитализмот и демократијата во никој случај не се меѓусебно условени, како што би сакале да нè убедат англосаксонските либерали. Понекогаш тие случајно постојат едно покрај друго. Во кризата стана јасно дека капитализмот и неолиберализмот не влеваат надеж. Тоа се идологии на дистопијата, со кои во секуларно време политиакта би требало да се соочи со силата на утопијата. Но политиката потфрли. За време на кризата, Ангела Меркел покажува застрашувачки недостиг на политичка имагинација. Конзервативците не поднесуваат утопии. Тие им пречат. Какво олеснување имавме прилика да чуеме во зборовите на Јоаким Фест, конзервативниот интелектуалец пар екселанс, кога во 1991 година напиша: „Срушени се сите интелектуални соништа за човечката иднина кои од светот направија голема кланица. Метежот минатите години беше, наспроти целата своја површност, пред сè побуна против теророт на идеите, а ослободувањето, кое конечно дојде, беше ослободување од стварноста“. Тоа беше време на крах на источниот блок, а со него и крах на „разграничувањето на стварноста“ (Оскар Негт), пред која западот мораше постојано да се правда. Се слушна голема конзервативна воздишка на олеснување: конечно повеќе нема причини да се мавтаме со идеи за поинаков свет! Конечно тишина!

Но тоа беше грешка. Тие соништа се дел од нас, а дури и кога повеќе не би имало социјални утопии, Библијата и понатаму останува идеален прирачник. Христијанската култура според својата природа е утописка. Под површината на христијанството се слуша негодување. Со овие прекрасни зборови Лутер го опишал безутешниот копнеж за подобар свет. Пророкот Амос се лути што „тие ги продаваат праведните за пари, а сиромашните за пар облека“. А неговиот колега Исаија претскажува: „Ќе им дојде крајот на тираните и на оние кои ни носат несреќа.“

Христијанството е религија на угнетените и не би требало да заборавиме дека Исус бил првиот комунист, за што во Делата апостолски се вели: „А во народот кој верува имаше едно срце и една душа; и никој не зборуваше дека неговиот имот е негов, туку сè им беше заедничко.“

Овие зборови сè уште се актуелни и секогаш достапни. Кога новиот папа ќе го земе името на Свети Франциск, името на човекот кој целиот свој имот им го поделил на сиромашните, тогаш во време на алчност на финансискиот капитализам целиот свет ја разбира оваа порака. Ниту црквата ниту свештениците веројатно не се толку расипани за да се обидат да ја заташкаат. Но, тоа нè потсетува на тоа што ние би направиле со човекот кој како Свети Франциск разговара со животните. Докторите го знаат одговорот: три недели во изолирано одделение, 25 милиграми Зипрекс дневно - и тогаш настапува крајот на таа светост.

Ернст Блох во „Принципот на надежта пишува: „Човекот сè уште живее во праисторијата. Да, сè постоело уште пред создавањето на светот, освен праведниците. Вистинското настанување не е на почетокот, туку на крајот и тоа почнува дури кога општеството и битието се радикализираат, т.е. кога ќе се фатат во костец со своите корени.“

Само радикалното е реалистично.

Извор: Spiegel
Слики: Стјуарт Брејсвел

ОкоБоли главаВицФото