Или во Хаг му се судеше на Тарчуловски, или јас не сум Македонец

20.04.2013 10:42
Или во Хаг му се судеше на Тарчуловски, или јас не сум Македонец

Не знам во каков свет живееме – дали омразата кон другиот е најмоќната емоција која може да ја почувствуваат граѓаните на оваа сеуште Република Македонија. Застрашувачки е да се видат реакциите на официјалните власти и припадниците на најбројната етничка заедница во оваа, ако сè уште можам да ја наречам, моја држава. Пред да ги искоментирам случувањата околу господин Тарчуловски, прво би сакал да се навратам на еден не така далечен случај.

02.2012

По изминатите неколку недели продолжен зимски распуст ова беше првата вистинска учебна недела. Предавав во едно училиште во кое учениците се од мешан етнички состав и каде бројот на ученици Македонци е во драстично мал број, но тоа мене како професор воопшто не ми пречеше. Напротив, целата таа измешана етничка структура од секогаш ме привлекувала со некаков посебен шарм. Учебната година продолжи, па така и јас продолжив со часовите во Гостивар. Заради мојот профил и предметот кој го предавав, голем број ученици ми се доближуваа и бараа од мене професионална помош и дополнителни часови. Еден ученик од албанска националност исто така сметаше дека можам да му помогнам, па се договоривме и почнавме со дополнителните часови. Овие часови се одржуваа во една просторија во центарот на Гостивар токму над еден од главните булевари во градот. Паметам дека токму спроти просториите се наоѓаше една фурна на која сопственикот, Македонец, го беше поставил своето фамилијарно име. Најверојатно ја забележав токму заради кириличниот текст кој во Гостивар, и тоа како, беше многу повпечатлив отколку на кое било друго место во државата.

28.02.2012

За волја на вистината, тој вторник бев во Гостивар. Денот како ден, замина, часовите како часови, завршија, се спакував и си заминав. Влегов во возилото, излегов од градот и се најдов на магистралниот пат кој по еден час ме водеше дома. Имав навика да го вметнам стикчето во радиото и да не обрнувам многу внимание на ништо повеќе отколку на патот пред мене. Некаде околу 17:30 бев во Скопје во домот на еден од моите многу ученици каде одржував дополнителна настава. Веќе преморен по крајот на часот едвај чекав да се довлечкам дома каде ме чекаа неколку пребледени лица со прашањето – „Кај ти е телефонот? Зошто не се јавуваш?“. Во целосно бунило и снемогнат од долгиот ден не планирав да дадам каков било одговор и тргнав да се освежам малку, кога слушнав дека токму во местото каде бев пред неколку часа се случило двојно убиство – каде припадник на МВР застрелал две лица.

01.03.2012

Во Гостивар беа организирани протести на кои голем број на граѓани беа присутни. Протести беа далеку од мирни. Имаше големи инциденти каде граѓанскиот револт се одрази на многубројни излози. Некаде околу 16:00 часот со својот ученик Албанец мирно го одржувавме својот час кога се слушна како масата поминува по главната улица. Имаше свирежи, врисоци и по околу пет минути многу тишина. Продолжив со часот и за нешто помалку од еден час веќе беше време да си одам. Се симнав од зградата на главната улица, уште еднаш ја видов дрвената реклама испишана со кирилични букви, иста онаква каква што ја знаев, над истата фурна, потполно иста како и кога доаѓав, си влегов во автомобилот и си тргнав по патот кон Скопје. 

За жал непослушниот телефон повторно откажал, па враќањето дома беше повторно проследено со сите познати клетви, а јас навистина не разбирав што и како се случило. Потоа видов како граѓаните во мојата држава го виделе настанот. Сите мои напори да им објаснам дека тоа што било пренесено во медиумите не одговара на вистинската слика беа залудни. Ме нарекуваа со секакви имиња и ме исмеваа, ми говореа дека не сум реален, дека намерно измислувам и што ли уште не.

22.02.2013

Повеќе не одам во Гостивар, сега работам поблиску до дома. Морам да признаам дека ми недостига времето поминато со тинејџерите, со нив барем сè беше некако лесно, и интересно. Денот како и секој обичен петок – едвај чекаш да заврши работното време и леташ кон дома. Сепак една од вестите дополнително ме потсети на Гостивар. Имено, конечно по скоро цела година заврши и судскиот процес и ме потсети на сите оние случувања од пред една година. Пресудата – доживотна казна затвор. Судот одлучил овој човек кој остави семејство зад себе да го казни со најсуровата казна. Во мене се судрија правдата и милоста и навистина бев многу работи во тој момент, лут, гневен, потиштен, но најмногу од сè бев збунет – не знаев што точно да мислам и да кажам. Дури и денес кога се навраќам на сите околности не можам да најдам најсоодветен термин на моите чувства по однос на таа судбина.

11.04.2013

Враќањето на господинот Тарчуловски во Македонија. Помпа, фешта, славје! Организираниот државен врв приреди спектакл – имаше дури и огномет среде бел ден. Значи, не би говорел многу околу оваа тема да не беше постојаното наметнување на вината на г-дин Тарчуловски врз целиот македонски народ. Со истакнувањето на пароли „Јохан е еден од нас“ и потенцирањето дека „во Хаг не му се судело на Јохан туку на македонскиот народ“ постои колективизирање на индивидуалната вина на господинот Тарчуловски.

Сега кај мене се наметнува прашањето по што е поразличен Јохан Тарчуловски од Јаким Трифуноски? Како што милуваат националистите да потенцираат – и едниот и другиот „тепаа Шиптари“, и едниот и другиот беа припадници на МВР; зошто едниот за четири пати повеќе убиени беше осуден на 12 години затвор и пуштен по 8 години, а другиот до крајот на својот живот ќе биде во затвор? Дали и по хипотетичкото ослободување на господинот Трифуноски ќе се организира голем пречек на плоштадот со очигледно неопходната помпа и фешта? Дали и господин Трифуноски, кој според неговите тврдења, а богами и на многу други, го штител своето малолетно дете не е херој? Или бројот на убиени игра директна улога во прогласувањето на некого за херој или не?

Сите овие прашања неминовно се наметнуваат – за жал, основниот одговор е омразата покажана во дејствувањето на господинот Тарчуловски во 2001, која е многу поприфатена отколку љубовта на г-дин Трифуноски во 2012. Затоа единствено нешто што ќе потенцирам е – или Јохан ќе ја прифати вината за својот чин без да им ја наметнува на своите сограѓани или јас ќе се дистанцирам од сите мои сограѓани кои со задоволство ја прифаќаат неговата вина; или во Хаг му се судеше на Тарчуловски или јас не сум Македонец!

Слика: Мајк Савад