Маските полека паѓаат

05.02.2014 10:04
Маските полека паѓаат

1.

Се разбира дека и овој театар на апсурдот во македонската култура, оваа маскарада во квазибарокна македонска варијанта ќе заврши. Кад – тад, што би рекол Душан Силни на Мостот на „цивилизациите“. Ваквите (по опфат) мали, заради историските (не)прилики неизживеани и во принцип фрагилни култури не смеат да се држат затворени, гетоизирани, и плус ретроградно идеологизирани, зашто бргу ќе генерираат самоуништувачки процеси. Ќе почнат да се јадат одвнатре, како и секој болен организам. Што всушност и ни се случува. Ние можеби има(в)ме силни носечки столбови во традицијата (којашто полека но сигурно ја уништуваме), ама неопходните двигатели на совремието ги уништивме во инфантилната борба за власт и пари. Оваа култура нема на што да стои. Останавме и без култура и без творештво. Станавме комплетно коруптивна културна маса, (з)гмечена до зла бога од некадарници и малоумници. И оние со „сменетото мислење“. Ако сакаш да бидеш дел од нејзиното совремие треба да се антиквизираш или, барем, барокизираш. А по можност – и двете!

2.

Пред извесно време, по повод изборот на Емил Алексиев за селектор на ДЛУМ-овиот Зимски салон, јавно го повикав да не ја прифати таа јалова работа зашто ми се виде дека влетува во некаква / нечија утешна варијанта, заради беспарицата и безидејноста на ова Друштво. Мислев дека со нив, едноставно, не треба да се игра, дека треба да се остават да се удават во сопствените да не кажам што… Зашто тие, очигледно, ни имаат ниту пак им треба ум. Тие бре брате знаат сѐ. Затоа и дојдоа до ова дереџе.

Се разбира, Емил Алексиев постапи како што тој мислел, и – бил во право. Зашто, прво, навистина не се сите членови на ДЛУМ одговорни за состојбите во коишто се најдоа. Ама поголемиот дел сe, и тука немам дилеми. (Само ја чекам онаа госпожана Балаќ, да гукне нешто апропо сето ова што се случува! Го измрцвари Друштвото толку години. Ама и тие околу неа… па, па, пааа!).

Второ, не е ниту публиката одговорна за сето ова што ни се случува и немаме право да ѝ ја ускратиме можноста да види добра изложба. Потенцирам – добра изложба, зашто сето она што досега се правеше на овие и вакви изложби беше живо, да простите, срање. Балаќевци си ги вежбаа трите мозочни ‘елии (оние за дишење, за стоење исправени и викање „да“) со некакви бомбастични теми и темички, се редеа на автобуска станици со куферчиња, абе да ти одмили животот. Тоа, за нив, била уметност, тоа да ти бил Зимски салон. Будалаштини! А тука секако се вбројуваат и оние странски „селектори“ кои ги м’кнеа по некакви лични профитабилни (канализациони) канали и каналчиња, па кои понатаму им средуваа изложбички и изложбичиња во некакви периферни галеричиња, во истото странство против кое (тогашните) ДЛУМ-овци божем протестираа. А и тие „селектори“ им ги натураа нашите таканаречени уметници на привремена работа во странство, па ги викаа од соседствово и ни ги претставуваа како светски ѕвезди, па ги тинтраа и плаќаа… и – од нив повеќе ни траг, ни глас. Неколкумина наши „уметници“ се офајдија, ама сега се кријат ко… да не речам што!

3.

Трето, Алексиев ја искористи добиената можност да ги отвори работите. Иако тие одамна се отворени – веќе едно чудо промаи ги фатија – ама, сепак, подобро е и кога повторно, и повторно, јавно ќе се проговори за веќе очебијните нешта. Дека не нѐ бива бре брате. Дека сме во такво до гуша, дека не ни функционира ништо, дека нѐ нема никаде… Дека одамна сме „во агонија“, како што констатира Алексиев. Дека „сето она што во минатото го градеа поколенија културни дејци и уметници, денес е урнато и овие тажни урнатини на нашата национална култура не можат да ги прикријат веселите фасади на новите градби, ниту баењето и мамењето на политичарите“ и нивните трабанти од типот на Сарајлија, „архитектон“, или оној што си го „менува мислењето“ ко чорапи, и ним слични сподоби. Алексиев недвојбено има право да смета дека ја разоткрива, уште еднаш, „културната катаклизма што се случи во нашава земја“.

Или, можеби, како што сметаат некои, Алексиев не требаше да нѐ потсети дека „судбината на ликовната уметност во Македонија е доведена во прашање“. Или, ако сакате, на целата култура. Дека „наскоро ќе бидеме единствена земја на планетава кај што нема да има ликовна уметност. Нема да има кој да работи. Да не се лажеме. Не сме повеќе во ситуација да бидеме фини, нежни, културни. Катастрофата веќе се случи. Ова е постапокалиптично време во кое ние се обидуваме да одржиме некаква идеја за ликовна уметност во Македонија“.

Односно, според нашите нови мудреци со „сменето мислење“, Алексиев можеби требаше да ни раскаже некои „мали наративи“, некои негови локални приказни? Од типот: како се буди сабајле, што појадува, како оди на работа? Тоа, според нив, ќе беа битните за нас нешта, денес и тука?

4.

Она што мене ме чуди е прашањето како воопшто човек како Алексиев, со веќе изречени / познати дијагностицирања за нашава тековна епидемија, влегол во комбинација за селектор на Зимскиот салон. Дали нашиве ДЛУМ-овци веќе не можат да ја трпат диктатурата на антиквизаторскиот лумпен-пролетаријат? Дали им е преку глава од нивните „стручњаци“ од типот на Ацика и компанија? А всушност, и ги немаат повеќе, толку беа таквите минхаузени, на прстите на една рака да ги наброиш. А и не се многу по работата. Тие попрво би да кажат два лафа, да напишат три збора, и – да инкасираат. Тие бре брате не се за сериозна работа. Ем не знаат, ем ги мрзи.

Оттука, токму заради сосема неочекуваното влетување на Алексиев во таква комбинација, ми се чини дека во македонската култура веќе паѓаат маските. Веќе се гледа кој е кој, и што е што. Премногу е очигледна ем малубројноста ем неспособноста на барокољупциве да сработат нешто пристојно во културата. Ист филм веќе им се врти насекаде, во сите области, не само во ликовната уметност, иако таа е дефинитивно пример за показ за неспособноста на една ступидна културна политика „темелена“ исклучиво на партиски опции. Ограничени до немајкаде. Та видете на што спадна театарот, издаваштвото, филмот…! Маските допрва ќе паѓаат, допрва ќе се разоткрива голотијата на македонската култура. Односно, на она што останало од неа.

Но, од друга страна, да не ги викнат сега ДЛУМ-овци на идеолошко пеење и прочистување за „пропустот“ од типот Алексиев? Не знам каде, и не знам кај кој „идеолог“ денес обично одат, ама да се надеваме дека лесно ќе поминат. Порано, во проклетиот социјалистички реализам, за „идеолошка“ инструктажа во ДЛУМ барем доаѓале сериозни уметници од форматот, на пример, на еден Лубарда. Сега, во епскиов реализам, којзнае која будала ќе ги пее!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Joao Ruas

Слични содржини

Став / Култура
Култура / Уметност
Став / Култура
Став / Култура
Став / Уметност
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото