Интелектуална автобиографија (11)

21.05.2014 10:26
Интелектуална автобиографија (10)

Со југословенските стипендисти на Црвениот плоштад, 1959

ДВЕ ОСОБЕНИ МОИ КНИГИ

 

Во екот на партиските расправии и напади врз мене, вистинско задоволство ми причинуваше работата врз една тема која повеќе години ја носев во себе. Главниот поттик за неа дојде сосема неочекувано, однадвор. На Меѓународниот славистички конгрес во Прага, во 1968 г. на кој учествував со рефератот „Авангардизмот во современата македонска литература“ се запознав со познатиот чешки русист Здењек Матхаузер кој претседаваше на секцијата во која настапив. Тој ми подари неколку свои книги од кои можев да видам дека станува збор за научник од највисок ранг кој, освен тоа, ми беше мошне близок во сфаќањата: беше крајно отворен и либерален, се залагаше за модерната руска литература, онаа што се создаваше надвор од рамките на соцреализмот. Во идната, 1969 година, бев поканет од Карловиот Универзитет да одржам неколку предавања како гостин. Политичката ситуација во Чехословачка се беше исцело променила, се врати стариот режим, се устоличи повторно догмата, а сите либерално ориентирани личности, меѓу кои и Матхаузер, се најдоа повторно дискриминирани. Тој присуствуваше на моето второ предавање, беше видливо загрижен и депримиран и при разделбата ми предаде еден поголем плик со зборовите: „Ова веќе кај нас не ќе може да се објави. Кај вас се подобри условите, обидете се, објавете го во Југославија“. Во хотелот можев да видам дека станува збор за извонредните писма на Марина Цветаева до Борис Пастернак за кои знаев дека постојат, но не и дека кружат во преписи меѓу почитувачите на овие две големи поетски личности. Можев веднаш да ги публикувам, но разбрав дека постојат и други додатни писма на Марина до Пастернак кои требаше да се пронајдат. Се задоволив со соопштение во културната рубрика на нашиот весник „Нова Македонија“ дека писмата се пронајдени и интензивно размислував како да ја комплетирам колекцијата добиена од Матхаузер. Во меѓувреме разбрав дека и тој и другите мои „чешки врски“, професор Здењек Урбан и други, се деградирани, отстранети од професурата што ја вршеа, така што секоја преписка со нив изгледаше напразна, a сигурно е дека мое писмо со прашања од ваков вид во тој момент до нив не би ни стасало. Требаше да направам друг план. (Иако бев под партиска истрага, можев слободно да објавувам и да патувам.) Решив да заминам за СССР и во Москва, преку моите „руски врски“ да дојдам до неопходните материјали и дополнувања. Но, тоа се покажа не само како мошне тешко изводливо, туку и како сосема наивно. Се разбира, јас заминав за Москва „официјално“, како претставник на нашиот Универзитет и со препораки за работа во архивот на „ЦГАЛИ". Во прво време бев примен мошне срдечно, ми беше ветено дека „за некој ден“ ќе ја добијам на увид сета епистоларија на Пастернак со која архивот располагаше. Одев секој ден и чекав. Ми одговараа: „Будет. Может будет – завтра“. Но, времето минуваше, а тоа „завтра" не доаѓаше. Моите московски пријатели беа доста затворени, бидејќи атмосферата беше и овде крајно непогодна, а спрема странците сите беа резервирани и исплашени. Иритиран од долгото чекање, замолив за аудиенција кај директорот на ЦГАЛИ. Ми закажаа средба за идниот ден. Од кабинетот утредента излезе висока женска персона со наметната офицерска шинела (потоа разбрав дека директорката била мајор на Црвената Армија!) и ме запраша со длабок и строг глас: „Па, што Вие заправо, барате од нас? Кажете отворено! Можеби тоа и не е кај нас“. Се обидов да објаснам, всушност несигурно пелтечев за моите истражувања на руската поезија од 20-те години, a пo изразот на нејзиното лице сфатив дека мојот архивски престој во Москва овој пат е завршен. Решив да останам уште некој ден и да сторам неколку последни обиди. Имав можност, меѓутоа, да се уверам дека овој пат мојата мисија и мојот план се не само наивни, туку и опасни. Наеднаш, започнаа ноќните сеанси на вознемирување на непожелниот гостин. Секоја ноќ, тукушто ќе заспиев, ме будеше телефонот. Станував бргу, прашував: кој е? - никој не одговараше, се слушаше само некое кркорење, кое потоа запираше. А потоа, пак, час-два спиење и одново - телефонот, и така сѐ до изутрина. По неколку дена тоа наполно ме исцрпе. Бев отседнал во големиот и мрачен хотел „Пекин“, a собата ми беше од задната страна, без дневно светло и атмосферата во неа беше и инаку морбидна. Една ноќ, одново ме разбудија. Се развикав: „Па, добро кажете кој сте и што барате, престанете веќе еднаш!“ Гласот овој пат од другиот крај на жицата за чудо беше појасен: „Се јавуваме од Министерството за економска соработка со странство, извинете, можеби телефонот префрла...“ - „Од Министерството се јавувате, во три часот по полноќ, со кого Вие се шегувате...“ извикав, но врската беше веќе прекината. Кога идната вечер, тукушто задремав, мојот „соговорник“ одново се јави, станав нагло, ја кренав слушалката и ја затворив во фиоката од бирото на која стоеше апаратот, и - легнав, надевајќи се дека најпосле му доскочив на мојот вознемирувач. Но, тоа беше уште една моја наивна заблуда. Наеднаш од слушалката во фиоката почнаа да се слушаат такви звуци и такво силно кркорење кое беше пострашно од ѕвонењето. Станав и ја отворив фиоката. Од слушалката овој пат чув сосема друг - строг и дециден, глас-наредба: „Не затворајте ја кренатата слушалка во фиоката. Тоа не е дозволено. Ставете ја на место, добра ноќ!“ Немаше што да се прави - постапив според наредбата. Потоа, обесхрабрен - легнав. Беше тишина и наредните денови, сѐ до моето заминување, никој повеќе не ме вознемируваше.

Со Меша Селимовиќ и Митја Мејак на Црвениот плоштад во Москва, средина на шеесеттите

Секако, знаев и од порано, а сега непобитно се уверив, дека секој мој чекор се следи. Но, јас бев убеден дека не правам никаков прекршок, дека во писмата на Цветаева до Пастернак нема ништо антисоветско, ништо „анти“, дека станува збор за прекрасни лирски писма, продуховени до највисок степен, чие објавување може само да значи уште една потврда за високите вредности на руската поезија од XX век и дека тоа посредно ѝ оди во прилог на власта и руската држава. Впрочем, јас тоа отворено и јавно ѝ го кажав на Романова, висок функционер во Сојузот на писателите на СССР во моментот кога ми го подари големиот син еднотомник („Библиотека поета“) на Цветаева.

Затоа, иако исцрпен од ноќните бденија и доста изнервиран, решив да ги проверам последните можности и надвор од архивите да дојдам до преостанатите писма на Марина. Наеднаш, сосема неочекувано (дали?) таквата можност се појави! На два дена пред заминувањето, ѝ се доверив на Људмила Кувановна, раководителка на архивот на ИМЛИ во Москва, за моите страдања и јаловоста на мојата истражувачка мисија. Co неа добро се знаевме, таа беше некогашна сопруга на Југословен и им помагаше сесрдно на русистите од Југославија во архивската работа, неретко надвор од законската регулатива, се разбира, преземајќи опасен ризик на таков начин врз себе. Me успокои и ми рече: „Дојдете, сам, утре попладне во 17 часот на улица Сивцев Вражек, број тој и тој, влез први, трети кат лево, стан тој и тој и поѕвонете на влезот трипати, повторувам - едно по друго - трипати.

Се разбира дека бев неспокоен, донекаде и исплашен. Помислував: што е сега ова, влегувам ли како некој Зорге во шпионска илегална акција, нема ли да упаднам во некоја стапица? Преовлада, сепак, мојата решеност да одам докрај, и така за овие дваесетина дена од престојот ништо не успеав да свршам.

Собрав сили и се упатив другиот ден кон означената адреса. По „трите звонка“ вратата се отвори и ме пречека доверливата Људмила. Повелете, рече таа тивко. Се покажа дека не е сама. Во собата во која ме прими се наоѓаше млад човек на триесетина години со благ и пријателски израз на лицето. „Здраво!“, ми рече. „Се викам Миша, тоа е сѐ што можам да Ви кажам за себе. Друго, не прашувајте“. Додека Људмила поднесуваше чај, Миша рече: „Да не губиме време, вие располагате со писмата од тие и тие датуми, а Ви недостасуваат уште неколку од тој и тој датум, така ли е?“ Погледнав во својата работна тетратка и бев вчудовиден! Мишовиот „увид“ беше апсолутно точен. Кога Вие си заминувате од Москва? ираша. My реков: „Утре вечер“. „Тогаш, го заврши Миша разговорот со мене, на еден час пред тргнувањето на возот, бидете на аголот на улицата Воровски, спроти Сојузот на писателите на СССР. Дојдете со такси и застанете, таму ќе Be чека личност која ќе Ви ги предаде преостанатите писма. Be поздравувам“. Прекрасната руска жена Људмила само трепкаше со очите. Тоа беше знак дека нашата средба во „Сивцев Вражек“ е завршена. Утредента, пред тргнувањето зедов такси и постапив според упатството на Миша. На означениот агол ме чекаше млада девојка и ми подаде син плик со писмата на Цветаева што ми недостасуваа.

Мојата вознемиреност не исчезна и во возот. Сѐ уште помислував дека упаѓам во некоја стапица, бидејќи - сепак, постоеше и границата со царинскиот преглед на патниците и нивниот багаж. За среќа, во истото купе со мене се враќаше и другарот М., наш службеник, со кого добро се знаевме. Како што се доближувавме до границата, тој го забележуваше моето неспокојство. Си мислев, дали да му кажам или не. Се решив за првото, бидејќи тој патуваше со дипломатски пасош и не подлежеше на проверка на границата. Тој со задоволство го зеде пликот со „опасните материјали“. На границата никој ништо не побара, ниту ми ѕирна во багажот. М. по преминот се радуваше што ми „свршил голема работа“, a јас уште еднаш се каснав за јазик, помислувајќи дека одново испаднав наивен.

Сепак, во мислите многупати со почит се присеќавав на деликатната Људмила и анонимниот Миша. Да, такви се руските луѓе!

Со колегите слависти, членови на президиумот на МСК, по завршувањето на XVI конгрес во Охрид, септември 2008

По враќањето сѐ одеше мошне брзо, бидејќи директорот на „Мисла“ писателот Божин Павловски, го одржа ветувањето: писмата на Марина Цветаева до Борис Пастернак беа за неколку месеци преведени на македонски (тоа го направи Тања Урошевиќ) и објавени во Скопје. Книгата наиде на многу добар прием. За кусо време изданието беше распродадено и јас бев мошне среќен, а пред сѐ благодарен на почитуваниот Здењек Матхаузер и моите руски пријатели, што успеав да извршам една акција која, меѓу другото, претставуваше една светла точка во мојот тогашен не многу весел живот.

Во една пригода бев рекол: „Книгата 'Живо и мртво' (1974) ја сметам за свое најдобро дело“. Ова не беше случајно. Можеби „црно-белиот“ наслов на оваа моја книга е донекаде претенциозен, но она што и како е во неа речено за мене беше од примарна важност. Co еден збор, во ниедна своја книга не сум проговорил така отворено, директно, со целосен морален ангажман за проблемите на својата средина и за сопствените дилеми како критичар пред сопствената литературна реалност. Тоа може најдобро да се согледа од „Поглавјето на критиката“ во кое јас ги искажувам своите најинтимни мисли и сознанија, своите внатрешни преиспитувања и исповеди за она што го правам и она што се случува со мене во мојот сопствен духовен и културен простор. Книгата се појави во 1974 година, но таа содржи избор од моите критики напишани во втората половина на 60-тите години, како и на преминот кон новата деценија. Тоа, како што е познато беше едно мошне деликатно и пресвртно време на политички план и во светот и кај нас. Мислам дека во многу нешта беше пресвртно. Требаше да се реши низ која насока да се тргне натаму, а студентските немири од ’68 беа последен аларм дека нешто треба да се стори. Кај нас сѐ уште не е осветлен на вистински начин тој период иако и во нашето општество се одигруваа мошне битни процеси и беа „во игра“ многу различни алтернативи. Како учесник во многу федерални тела, макар и од областа на културата, имав можност непосредно да го набљудувам она што се случуваше. Од власта и поконкретно од Тито се очекуваше да донесат резолутни одлуки: дали ќе тргнеме по патот на крајно неопходните реформи и промени кои ќе отворат пат за натамошниот развиток на комплексното југословенско општество и заедница или тој процес ќе биде блокиран. За жал, по првобитните надежи преовлада ова второто. Преовлада конзервативната струја во раководството, низа луѓе беа тргнати од политичката сцена, либерализмот беше во сите републики осуден и така влеговме во 70-тите години на чело со постарите кадри и анахроидните идеи што незадржливо водеше кон сеопшта дезинтеграција и конечен распад. Мислам дека тоа беа главните карактеристики на атмосферата сред која ги пишував своите текстови и која јас ја чувствував мошне сензибилно и болно. Тоа може мошне добро да се проследи во низа мои текстови од „Живо и мртво“, а најмногу од мојот „Дневник“ што го објавувам во последните шеесетина страници од книгава. Никаде дотогаш јас не се огласував јавно така отворено, без секакви „пардони“, не штедејќи ги другите, но најмалку самиот себеси. He мислам дека искреноста е некој сам по себе значаен квалитет за критичарот кој пишува пред сѐ за другите, но ако се погледне коншексшош во КОЈ таа искреност Е искажана, како и натамошниот исход на работите за кои така беспоштедно пишував во тој момент, чинам, може да се каже дека таа искреност беше не само неизбежна, туку и неопходна и императивна за авторот кој решил да ја каже вистината за своето време и својата средина.

Со Академик Ала Шешкен, професор по словенски книжевности на Универзитетот во Москва, Скопје, 2009

Книгата имаше неколку поглавја. Во второто јас пишувам за 12-ина најнови дела од нашата современа литература. Меѓу нив и за мошне значајните остварувања, како романот „Разбој“ од Владо Малески, расказите „Зима на слободата“ од Д. Солев, стихозбирките „Постела од трње“ од Петар Бошковски, „Гледач во пепелта“ од Ацо Шопов и „Горчливи голтки непремолк“ од Гане Тодоровски, како и за сјајниот роман „Големата вода“ од Живко Чинго и есеите „Врсници“ од Влада Урошевиќ. Сите тие осврти се мошне позитивни, со исклучок на оценката на збирката „Горчливи голтки“. Таа оценка најнапред беше искажана во културната рубрика на „Нова Македонија“ и предизвика доста коментари. Некои помислија дека јас, кој дотогаш пишував секогаш позитивно за поетските книги на Тодоровски, сега тоа го правам од други побуди. He беа прави. Немаше никакви други намери. Едноставно, почувствував дека поетот наеднаш ги напуштил (доста неодговорно) своите дотогашни поетски погледи и тргнал по пат на една приземна, ефемерна и преживеана естрадна поетика која посакува преку национални и критизерски тиради да го компензира отсуството на автентично креативните импулси. Дека имав право, покажа, за жал, натамошниот поетски пат на овој наш творец. По „Горчливите голтки“, Гане Тодоровски не напиша ни една поетска книга што би била макар приближно онаква какви што беа неговите песни од времето на 50-тите години кога неговото место беше беспорно меѓу врвните дострели на нашата современа поетска генерација.

Но, имаше во „Живо и мртво“ еден друг мој текст кој предизвика бурна реакција, особено во политичките кругови. Тоа беше есејот „Редот како тиранија, како проклетство, како антиживот“. Точно е дека го напишав во моментот кога почувствував дека темни облаци на политичка дискриминација се наднесуваат врз мене и кога пресметката со „либералите“ и кај нас во Македонија достигна врв. За што јас овде се залагам може да се заклучи од самиот наслов на есејот. За сите што ги читаа и дотогаш моите текстови - ништо ново, но за „новата власт“ која се устоличи пo расчистувањето со „либералите“, тоа беше аларм, како некој да ѝ објавил војна на старата гарда политичари и се подигрува со „заслужните другари“. Мојот есеј започнуваше со мото од Антоан Сент-Егзипери: „Животот го создава редот, редот не создава живот“. Посакував оваа мисла да ја применам и проверам врз нашите македонски културни (не)услови. Ништо повеќе од тоа. Но, за оние аналитичари и дежурни партиски суфлери зад дебело затворени врати, мојот текст имаше јасна политичка конотација: тој покажуваше „на која страна“ сум јас. На таков начин, бев анонимно означен и екскомунициран како приврзаник на „либералите“, до толку повеќе што мојот текст беше објавен во весникот „Комунист“ кој во тој момент беше сѐ уште во рацете на либералната струја.

Се разбира дека во заблуда беа и едните и другите. Првите, бидејќи во есејот јас го елаборирав нечовечниот ред и поредок кои владеат во нашата култура и кои успеваа да му одолеат на либералниот бран, вторите пак напразно помислуваа дека се приклонувам кон некоја политичка струја, макар и либерална. Јас секако им бев близок на либералите, но никогаш не бев готов формациски да им припаѓам, ниту ним, ниту на која било политичка струја. За тоа најдобро покажуваат резервата и одбивањето на нивниот, верувам, добронамерен предлог да бидам наименуван за амбасадор во една странска земја.

Во секој случај „Живо и мртво“ ми донесе доста незгоди. Јас не ги очекував, но не ги сфатив и премногу трагично, бидејќи работата на Универзитетот и моето пишување ми беа поважни од сѐ друго.

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел
Кон шестиот дел
Кон седмиот дел
Кон осмиот дел
Кон деветтиот дел
Кон десеттиот дел

Слични содржини

Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото