Скопје метропола, ама пола

10.11.2014 12:10
Скопје метропола, ама пола

Честопати главните градови на државите се нарекуваат метрополи, француска метропола, руска метропола, чешка метропола итн. Многупати и нашето Скопје во странските информативни средства го нарекуваат македонска метропола. Во лексиконите зборот метропола е со грчко потекло, метрополис, а во овие случаи значи град-матица, или мајка на градовите. Многу градови во своите градски грбови го имаат ова мото. Така, на пример, во градскиот грб на Прага, покрај историските обележја, запишано е „Прага - мајка на градовите“. И нашата македонска метропола, Скопје, би требало да биде мајка на нашите градови. Само, не сум сигурен дека некои од нашите градови би се гордееле со толку неуредена, валкана и затруена мајка. Како и многу наши сограѓани, поради карактерот на мојата работа сум имал можност да посетам или подолго да престојувам во некои европски метрополи. Споредбата со нашата „метропола“ е исклучена. При првиот контакт со некоја од метрополите, веднаш паѓаат во очи редот и чистотијата на градовите.

Една од основните карактеристики на уредените градови е таа, што самиот град, во периодот од 6 часот наутро до 21 часот навечер, им припаѓа само на граѓаните и неговите посетители. Од 21 часот навечер до 6 часот наутро, се извршуваат сите сервисни и комунални служби, собирање на сметот, миење на улиците, поправки на трамвајските колосеци, помали поправки на коловозите од улиците, дотур на стока до маркетите и продавниците и друго. Овој ред строго се почитува, без исклучоци. А како изгледа животот на нашата метропола во споредба со другите европски и светски метрополи? Хаотично. Не постои метропола во која сметот се собира преку ден и нормално, се предизвикува застој во сообраќајот. Нема метропола во која дотур на стока во маркетите се врши преку целиот ден, како на пример кај повластениот Тинекс и тоа на најпрометните сообраќајници во градот. Не постои метропола во која материјалите за градење на објектите кои се изведуваат, се истовараат директно на тротоарите или железото на самите коловози од улиците и тука се подготвуваат за вградување. Не постои метропола во која кому како му треба ги прекопува улиците и тоа во текот на денот, а изведувачите ископаното ќе го затрупаат со песок и тоа така ќе остане со месеци, а возачите ќе ги кршат своите возила. Не постои метропола која не ги мие улиците, туку чека да падне дожд за да ги измие, ама не повеќе од 30 литри на метар квадратен, бидејќи ако паднат 35 литри, настануваат поплави. Не постои метропола во која средствата за јавен превоз излегуваат наутро неизмиени и неисчистени. Не постои метропола во која, во текот на денот, низ самиот централен дел, поминуваат товарни возила. Не постои, исто така, метропола во која на најфреквентните сообраќајници и во период кога е најгуст сообраќајот, се инсталираат бетонски пумпи и бетонираат објекти, со што го отежнуваат сообраќајот и создаваат нервоза кај возачите. Исто така, не постои метропола која го дочекува новиот ден со преполни контејнери, со отпад колку внатре, толку и надвор. Не постои метропола во која хигиенските кабини /хемиски тоалети / се поставени на самите тротоари низ градот, или пак секоја продавница, со поставување на една празна картонска кутија, узурпира јавен простор, улица или тротоар. Има уште многу вакви случаи кои можат да се набројат, за да се види како функционира една вистинска метропола. За жал, сето ова што е наброено се случува кај нас. Нема воспоставен елементарен ред во однесувањето на градските служби и поединци. Нашите градоначалници при посетите на некоја европска метропола, најсилен впечаток им прави како се поплочени плоштадите. Значи, вистинската метропола не ја прават само високите зданија или безбројните фонтани и тоните бронза во споменици, туку редот и строгите правила на однесување, а сè заради нормалниот начин на живот на самите граѓани и посетители.

Чинам, нема метропола и меѓу најбогатите, на која ѝ се доволни средствата од градскиот буџет, но со умешно и рационално трошење, со „малку пари“, се постигнува многу. Кај нас е обратно, со многу пари се постигнува малку и затоа градот ни е меѓу најнечистите и најзагадените. Во некои области е препуштен, туку речи, на стихијата. Најкарактеристчен пример е дивеењето на т.н. градежна мафија. Никнат објекти на секој и најмал празен простор, создаден е вистински „градежен бум“, со кој се фали власта, бидејќи тоа го зголемувало индустриското производство. За краткорочно задоволување на нечии апетити, се прават ненадоместливи штети, кои ќе ги чувствуваат многу генерации по нас.

Слика: Ајван Доктор

Слични содржини

Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Активизам / Јавни простори / Став
Јавни простори
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото