Комунизам или капитализам?

02.04.2016 16:42
Комунизам или капитализам?

Комунизам или капитализам? Или поинаку: дали луѓето се „природно добри“ (толерантни, широкогради, спремни за жртвување...) или „природно зли“ (себични, нетолерантни, деструктивни...)? И што најмногу нè мотивира за дејствување: материјалната награда или нешто друго?

Во книгата Drive: The Surprising Truth About What Motivates Us (2009), Даниел Пинк дава некои многу интересни одговори на посочените прашања. Според Пинк, истражувањата во бихевиоралните науки често укажуваат на тоа дека надворешните поттици (паричната награда, на пример) можат да бидат контрапродуктивни; до оптимални резултати доаѓаме тогаш кога луѓето во она што го работат наоѓаат природено (или инхерентно) значење. Поттиците веројатно се важни кога луѓето треба да се наведат да одработат здодевни рутински задачи. Но, кај интелектуално покомплицираните задачи успехот на поединците (а и на организациите) многу повеќе зависи од снаодливоста и иновативноста.

Пинк предупредува на три елементи што се темел за таквата мотивација: автономијата, можноста за избор кои задачи и како се решаваат; овладувањето, постапката на стекнување вештина во одредена активност; и целта, желбата да се подобри светот. Ова е дел од извештај за едно истражување спроведено на американскиот универзитет MIT:

„Пред група студенти бил поставен сплет од предизвици: требало да се запомнат низи од броеви, да се решат загатки со зборови, просторни загатки, дури и телесни задачи, како што е уфрлање топка во кош. За да ги поттикнат на подобри резултати, испитувачите на испитаниците им понудиле три нивоа на награди: мала парична награда за соодветно слаби резултати, средна парична награда за средни резултати и голема парична награда за исклучителни резултати.

Еве што откриле. Кога задачата се ограничувала само на телесна вештина, наградите функционирале според очекувањата: колку наградата била поголема, толку и резултатите биле подобри. Но, кога задачата опфаќала веќе и некоја рудиментарно когнитивна способност, поголемата награда доведувала до полоши резултати.

Како е тоа можно? Тој заклучок е во спротивност со она што многумина од нас го учеле по економија: колку е поголема наградата, толку резултатите се подобри. Во случајов испаднало дека кога еднаш ќе дојдете над нивото на рудиментарните когнитивни способности, ситуацијата станува обратна; и поради тоа се чини дека претставата за тоа дека таквите награди на тој начин не функционираат некако неодредено е левичарска, социјалистичка, зарем не? Тоа е чудната социјалистичка завера.

Оние меѓу вас кои ја поддржуваат таквата теорија на завера би сакал да ги предупредам на ноторно левичарската социјалистичка организација која го финансирала истражувањето: американската централна банка, Federal Reserve Bank.

Можеби тие награди од 50 или 60 долари не биле доволно мотивирачки за студентите на MIT - па затоа истражувачите заминале во Мадураи, во руралниот дел на Индија, каде што тие суми се мошне значајни. Во Индија, значи, го повториле експериментот и заклучиле дека луѓето на кои им била понудена средна награда не оствариле подобри резултати од оние на кои им била понудена сосема мала награда; но овојпат најлоши резултати оствариле оние на кои им биле понудени најголеми пари: поголемите поттици довеле до најлоши резултати.

Тој експеримент веќе безброј пати го повторувале психолози, социолози и економисти: при едноставни, неизискувачки задачи таквите поттици го даваат посакуваниот резултат, но кога задачата изискува и малку повеќе концептуално, креативно размислување, таквите мотиватори докажано не функционираат. Парите најдобро ќе послужат како мотиватор кога на луѓето ќе им платиме доволно за прашањето на парите да престане да биде тема на разговор. Плати им на луѓето доволно, за да не размислуваат за парите и да размислуваат за работата. Ќе добиете купишта луѓе кои работат високостручна работа, но волни се да ја работат понекогаш и бесплатно и без надокнада да работат дваесет, понекогаш и триесет часови неделно. Тоа што го создаваат го даваат бесплатно, не го продаваат. Зошто тие луѓе, од кои многумина технички се мошне напредни и стручни и вработени, работат технички исто толку изискувачки, ако не и потешки работи, не за работодавачот, туку за некој друг, и тоа бесплатно?! Мошне небично однесување во економска смисла.“

Славој Жижек во еден есеј го анализира филмот 300 на Зак Снајдер, сагата за тристоте спартански војници кои се жртвувале кај Термопили за да ја спречат инвазијата на персиската војска на Ксеркс. 300 е интересен филм кој го присвојуваат и од кој се инспирираат и набилданите патриотски милитаристи (во САД, да речеме) и романтичните борци во малите земји кои се борат против насилството и хегемонијата на големите (во филмот малата Грција е нападната од неспоредливо поголемата држава Персија).

Спартанците во филмот велат: слободата не е слободна. (Можеби оваа тема, за слободата, достоинството, разумот, задачата, има врска со експериментот во MIT - затоа ја спомнувам, за да доловам аналогии и поживописни слики.) Слободата, значи (од теророт на парите и наградувањето, на пример), не е нешто што се дава, туку се стекнува со макотрпна борба во која човек мора да биде спремен да жртвува сè. Како што вели Жижек, снажната спартанска дисциплина не е само надворешна спротивност на атинската „либерална демократија“, туку и своевидна природена состојба, нешто што поставува темели за „демократијата“: слободниот поданик на Разумот може да настане само благодарение на снажната самодисциплина.

„Вистинската слобода не е слобода на избор од сигурна оддалеченост, налик на избирање торта од јагода или торта од чоколада. Вистинската слобода се преклопува со нужноста, вистински слободниот избор го опфаќа ставањето и на сопственото постоење на коцка - ’оти човекот едноставно не може поинаку’. Ако земјата му е под окупација, а човека го повикаат да се придружи кон отпорот, наведената причина не гласи ’Можеш слободно да избираш’, туку ’Зарем не гледаш дека тоа ти е единствената опција за да го задржиш достоинството?’“

Впрочем од спартанскиот дух на снажната војничка дисциплина во која е содржано јадрото на слободата, силно биле инспирирани и француските и советските револуционери. Троцки, на пример, во текот на тешките години на „воениот комунизам“ Советскиот Сојуз го нарекувал „пролетерска Спарта“. 

Се разбира, темиве денес ги отворам не за истовремено да ги затворам - особено не на олку мал простор. Една од насоките која се отвора по поставениве прашања сигурно води и кон биополитиката, една исклучително интересна научна дисциплина со која се занимава, меѓу другите, и Џорџо Агамбен, често на трагата на Мишел Фуко. Едно од важните прашања на биополитиката е: дали ние го имаме своето тело или ние сме телото? И, кога станува збор за телото, дали може да се занемари разликата помеѓу „да се има“ и „да се биде“? Според Агамбен, конкретниот човек едновремено е тело, индивидуална свест и колективитет.

Фотографиите се од филмот 300 (Zack Snyder, 2006)

Слични содржини

Никола Гелевски
Општество / Европа / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото