Крајот на „Дневник“ или - тотална ликвидација!

14.06.2017 10:20
Крајот на „Дневник“ или - тотална ликвидација!

Ете, почитувани читатели, заврши процесот на тотална ликвидација на изданијата на МПМ. Пропадна царството на Срѓан Керим. И покрај обидите за реанимација во последните неколку денови – верувале или не, „Слободен печат“ го печатеше и го дистрибуираше „Дневник“– не издржа срцето на пропагандата на Никола Груевски. Првиот македонски независен дневен весник замина во историјата.

Не можам да кажам дека ми е сеедно, а верувам дека не им е сеедно ниту на Миле Јовановски, на Александар Дамовски и на другите мои колеги, со кои го основавме „Дневник“, весникот што во првите десет години од своето постоење беше вистинска тврдина на независното и слободарско новинарство, епицентар на модерниот журнализам во Македонија.

„Дневник“ почна да пропаѓа од оној момент кога новиот мнозински сопственик ВАЦ ги прекрши сопствените принципи и за водечки менаџер на компанијата постави човек со скромни познавања на новинскиот бизнис, но со огромни политички амбиции. Од оној момент кога Срѓан Керим ја презеде контролата врз уредништвата во трите дневни весници, уредниците и водечките новинари во редакциите (чест на исклучоците, се разбира), станаа дел од пропагандната машинерија на режимот и заборавија на својата света обврска секогаш да се на страна на вистината и секогаш да го почитуваат неговото височество читателот.

Еден по еден, основачите, уредниците и новинарските пера со интегритет, почнаа да ја напуштаат империјата на Керим, или да ги губат своите работни места. Во последните години со „Дневник“ завладеа една неспособна уредувачка екипа, која вложи огромни напори да ги убеди своите читатели дека додека во Македонија тече мед и млеко, западните земји – а посебно скандинавските! – пропаѓаат од криминал, корупција и од други „болештии“.

Освен бесмислата да се фрлаат пари за да се продолжи животот на еден таков не-весник, каков што стана „Дневник“, сега кога хунтата е поразена, мене не ми се познати други причини за затворањето на весникот. Но, истовремено, сакам отворено да кажам дека нема зошто да се жали за овој производ. Таков каков што беше, тој никому нема да недостасува.

А весници имало и ќе има. Можеби ќе се покренат и нови, подобри, поблиски до читателите. За мене, сепак, ќе останат спомените на едно јуначко време, на една младост-лудост која одамна ми недостасува.

Извор: Плусинфо