Кој го пишувал Шекспир?

17.01.2020 17:19
Кој го пишувал Шекспир?

  Дали Вил, синот на шверцерот и ракавичар Џон Шекспир од Стратфорд, со своето скромно образование и исто такво потекло можел да биде Вилијам Шекспр, најзначајниот писател на англиски јазик, темелот и гордоста на британската култура? Сигмунд Фројд, Хенри Џејмс, Марк Твен, Хелен Келер, Чарли Чаплин, сер Дерек Џејкоби или Орсон Велс мислат дека не е. И илјадници други театролози, режисери, историчари, глумци, новинари и авантуристи веќе 150 години се обидуваат да покажат зошто не е. Исто така небројни илјади нивни колеги од спротивно уверување, стратфордијанци, не седат со срстени раце да гледаат како монументалната конструкција околу Вилијам од Стратфорд се распаѓа. После децении смирена супериорност, кога било каков сомнеж во авторството на Шекспировиот опус можело да го отфрлат со презриво одмавнување и надмоќно потсмевнување, не удостојувајќи го прашањето со одговор, нештата во последните години се промениле.

Дали Шекспир и Марлоу се коавтори?

Не само што сѐ поголем број истражувачи почнале да пронаоѓаат аргументи против идејата дека Вил од Стратфорд е Шекспир и да ги публикуваат во импозантен број трудовите со сѐ поголем степен на сериозност и втемеленост, туку до нови откритија се дошло и благодарение на наглиот развој на посебни научни дисциплини – стилометрија, статистичка анализа на варијациите во книжевниот стил на авторот. Првично се сведувала на споредување на стиловите на писателите врз основа на должината, бројот на слогови или зачестеноста на појавување на одредени зборови во текстот. Прво такво истражување темелно спровел др Томас Менденхал на почетокот од дваесеттиот век. Ангажирал група од десетина секретарки на херкуловска задача да пребројат и сортираат по должина повеќе од милион зборови, колку што останале зад Шекспир и Марлоу и на сопственото, а сигурни сме и на воодушевување на вредните секретарки, пронашол потполно поклопување. Помеѓу стилот на Вилијам Шекспир, сосопственикот и епизоден глумец во Дружината на лордот Коморник и стилот на неговиот лут ривал од конкурентската Адмиралова дружина на Кристофер Марлоу немало никаква разлика. На крајот од деведесеттите, со користење софтвер што за своите сосема поинакви потреби го развиле ФБИ, се дошло до наод кој во голема мера ја потврдил работата на доктор Менденхал и неговите помошници. Меѓутоа, истражувачите и театролозите сочувале извесна скепса спрема прецизноста на ваквиот метод генерално, односно се покажало дека во поединечните контролни примероци не дал сосем точни резултати. Требало експертите од Универзитетот Пен да развијат значајно попрецизен софтвер, што во анализата вклучува неспоредливо повеќе параметри и критериуми, за во 2016 да дојдеме до прагот на големо откритие. Овде исто така може во дигресија да се забележи дека постојат и земји во кои универзитетите имаат подобри компјутери од полицијата. Значи, во новото издание на Шекспировите собрани дела, што во 2016 година го објави Оксфорд Јуниверзити Прес, Шекспир и Марлоу во сите три дела на Хенри VI се потпишани како коавтори, што претставува речиси револуционерна промена во шекспирологијата. После повеќе стилометриски истражувања и други театролошки анализи што ги извршил тим од единаесет научници од различни области, дошло до доволно докази дека не само што соработката меѓу Шекспир и Марлоу на Хенри VI постоела, туку и дека била од таков обем што уредниците на изданијата ги потпишувале како коавтори.Сер Френсис Бејкон; Кристофер Марлоу; Едвард де Вер, 17-ти ерл од Оксфорс; Вилијам Стенли, 6-ти ерл од Дерби

Меѓутоа, тоа не било крајот на изненадувањата. Со истите методи се дошло до заклучок дека уште шеснаесет драми од Шекспировиот опус настанале во соработка со уште еден или дури и повеќе писатели. На таа друа листа, освен Марлоу, се нашле и драматичарите Мидлтон, Пил, Неш, Кид, Џонсон, Флечер, неколку поети, еден непознат автор, како и авантуристот, поет и пират со нежно срце – сер Волтер Рали. Овој последниов, и групата аристократи од неговото опкружување се од посебно значење за настанувањето на оваа мистерија.

Така, идејата за коавторството конечно добила и сериозна научна потпра. Ова истражување не се бавело со личноста на Вилијам Шекспир од Стратфорд и прашањето дали баш тој е автор на наведените драми, туку само се констатирало дека во нивното настанување учествувале повеќе автори, што секако ја зајакнало позицијата на антистратфордијанците.

Првите сомнежи

Но како и зошто воопшто дошло до необичното прашање дали Шекспир го пишувал Шекспир? Причините се многубројни а првите сомнежи се појавиле уште во негово време. Така, неуредниот Роберт Грин го нарекол „врана што се кити со туѓи перја“, а Џон Дејвис „нашиот англиски Теренцие“. Тоа бил лукав убод во кој во обландата од комплименти се криело отровно обвинување, што станува појасно ако кажеме дека во уметничките кругови на елизабетанска Англија владеело уверувањето што сосем неодамна добило и своја научна потврда, дека зад делото на големиот Теренцие сепак се кријат неговите патрони од редовите на римската аристократија. Вилијам на Грин му се одмаздил со тоа што според неговата крупна фигура, бушава брада и многу сомнителен карактер го конципирал еден од најголемите ликови во светската драматургија., развратникот и бунтовник, чудовиште поголемо од животот – Фалстаф. Дали се одмаздил и на Дејвид историјата сѐ уште не открила.

А ако само површно го погледнеме делото на Вилијам, не е ниту посебно необично што многумина започнале да се сомневаат во него. Користел речиси 30 000 различни зборови, а еден Френсис Бејкон сѐ на сѐ околу 9000; смислил околу 3000 нови зборови, повеќе отколку неговите современици заедно, како што се belongings, addiction, cold-blooded, manager, eyebаll, fashionable, uncomfortable или assassination; совршено ги познавал латинскиот, грчкиот, францускиот и шпанскиот јазик; стотина студии докажале неговите извонредни знаења од областа на правото, медицината, ботаниката, астрономијата, морепловството, воените вештини, орнитологијата, спортот а собено соколарството, во тоа време многу скапа забава неменета само за високите слоеви, чии некои аспекти за неаристократи биле дури и забранети. Шекспир исто така, одлично ја познавал географијата и архитектурата на италијанските градови, протоколот на данскиот двор или специфичниот сленг на студентите на Кембриџ; неговите современици главно го споменуваат како сосопственик на театар, понекогаш глумец, почесто како лихвар, а многу ретко како писател; разликите во стилот на пишување меѓу поединечните фази на неговата работа се огромни, а тој сите свои дела ги напишал во период од сѐ на сѐ деветнаесет години; неговите родители, сопругата Ана, ќерката Џудит и Сузан биле неписмени; во неговото наследство не останала ни една единствена книга, а погребан е без никакви почести во локалната црква во Стратфорд. Поставена е и биста на која можео да се види проќелавен мустаклија, како заштитнички гушка вреќа со жито, како ознака дека примарната професија на починатиот била трговијата со пченица. Дури шест години подоцна, на годишнината на смртта на ерл и леди Ратленд, како дело на истите вајари кои ги правеле скулптурите за гробницата на аристокраскиот пар, е поставена нова Шекспирова биста, на која вреќата со жито е заменета со пченица, на која, сега веќе со доста разубавен мустаќ достоинствено пишува со перо по свиток хартија.
Листа на можни Шекспири

Како главен кандидат за, многумина мислат, испразнетото место на бардот, се искристализираа и Кристофер Марлоу, Френсис Бејкон, аристократите на Оксфорд, Ратленд и неговата сопруга Елизабет Сидни, Дарби и леди Мери Пемброк. Трката моментално ја предводи Едвард де Вер, седумнаесеттиот ерл од Оксфорд, поддржан од некои групи од Универзитетот во Оксфорд, а некои од нивните аргументи може да ги видиме во филмот „Анонимус“ на Роналд Емерих, забавно филмско дело ослободено од обврски кон историската вистина. Најсилните аргументи во прилог на Оксфорд секако се сонетите и „Хамлет“, чија содржина, во навистина зачудувачка мера се поклопуваат со неговиот живот. Освен тоа, пронајдена е и Де Веровата библија, во која се подвлечени околу илјада редови од кои голем број директно се поклопуват со библиските цитати кај Шекспир. Оксфорд нешто поезија од незнаен квалитет објавил и под свое име, па останува нејасно зошто послабите стихови би ги потпишал со свое, а оние неспоредливо подобрите со туѓо име.

Роџер Манерс, петтиот ерл од Ратленд, освен густите локни и долгите, слаби нозе во бели чорапи, баш како што највеќе сакала веселата жена Виндзорска, девицата кралица Елизабета, имал и дипломи од Оскфорд и Кембриџ, темелно познавање на латински, грчки, француски, извонредно чувство за уметност и прекрасен, неконвенционален брак, базиран на платонска, а сепак страстна љубов, заеднички интереси и нежна блискост со својата Елизабета, ќерката на големиот поет Филип Сидни, љубов толку длабока што Елизабет Сидни, седум дена по неговата смрт, на свои дваесет и девет, следејќи ги стапките на одлучната госпоѓица Капулети, од некој лондонски аптекар набавила отров и тргнала по својот сопруг и пријател. Според една од верзиите на настанот, погребани се заедно во гробницата на нејзиниот татко, во Црквата на Свети Павле во Лондон. Елизабета и самата била одлична поетеса, според зборовите на Бен Џонсон, можеби и подобра од својот славен татко. По желба на кралот Џејмс, Ратленд бил пратен на крунисувањето на данскиот крал како претставник, а непосредно по неговото враќање во Англија, во „Хамлет“се допишани околу триста стихови од кои се гледа совршено познавање на дворскиот протокол и обичаите во Данска. За време на своите младешки патувања по Европа, Ратленд една година минал студирајќи на прочуениот универзитет во Падова. Вредните театролози во архивата на универзитетот пронашле дека истата година со него студирале и две момчиња од Данска. Се викале Розенкранц и Гилдестерн. Но фактот дека „Хенри VI“ и другите рани дела објавени меѓу 1590 и 1593 година, кога Ратлед имал четиринаесетинагодини, секако би требало сериозно да ја ослабне неговата кандидатура.

Марлоу е мртов

За Марлоу како прикриен бард ситуацијата е уште полоша од сосем прозаични причини што тој во таа 1593 не бил премногу млад, туку мртов. Го убил, наводно, во кафеанска тепачка во лондонското предградие Депфорд, неговиот колега, шпион во службата на легендарниот Френсис Волсингем, извесен Инграм Фрејзер. Да не беше тој детал, Марлоу би бил идеален кандидат – по своето образование, стилот на пишување, општата почит, начинот на живот, владеењето на англискиот јзик и многу други странски јазици и тоа во таа мера што се чини дека би бил многу подобар Шекспир и од Шекспир. Таа непријатност околу убиството на Кристофер Марлоу секако би чинела претензија на книжевниот трон, доколку истражувањата на десетина театролози, криминолози, историчари и познавачи на чудесниот свет на тајните служби во Елизабетанска Англија не била сериозно доведена под сомнеж официјалната верзија на убиството и прилично уверливо претставена можноста дека целата работа била исценирана, а дека Марлоу продолжил да живее, патувајќи по Европа како шпион во служба на семејството Волсингем и пишувајќи драми уште добри дваесетина години. Меѓутоа, факт е исто така дека Марлоу бил автор на брилијантни трагедии и историски парчиња, додека комедии не пишувал послабо, туку не ги пишувал воопшто.
Да не е кралицата Елизабета?

Многумина, сосема добронамерно, забележуваат во Шекспировата последна фаза – „Перикле“, „Зимска бајка“, „Бура“ женска писателска рака, така што започнало во таа смисла да се говори и за Елизабет Сидни Ратленд, Мери Пемброк, а понекогаш и за самата кралица Елизабета, што е идеја што не привлекла голем број следбеници. Тоа не може да се рече за Мери Сидни, умната и храбра вдовица на Хенри Херберт, вториот ерл од Пемброк, со истакнати таленти за пишување и организација на интересен социјален живот. Ако некого малку го збунуваат овие разни Сидниевци во приказнава, ќе помогне објаснувањето дека Филип и Мери Сидни, мажена Пембрук, биле брат и сестра, што пак значи дека Мери била тетка на Елизабет Сидни, подоцна Ратленд. Елизабет, пак, по женска линија била внука на споменатиот Френсис Волсингем, шефот на тајната полиција и работодавач на Кристофер Марлоу. Мери го организирала и уредила издавањето на легендарниот Прв том од Шекспировите драми, а некои од нив за потребите на тоа издание самата ги преработила. Таа била ерудит и покровител на уметници и научници, таа била првата жена во Англија која ги објавувала своите книжевни дела. И токму тоа е најсилниот аргумент против неа – зошто некои дела би ги објавувала под своето име, а за некои би се криела зад Вил од Стратфорд.

Новата аристократија од тоа време, благодарение на порастот на своите економски моќи, па со самото тоа и влијанијата, но и ослободувањето на Англија од католицизмот и неговиот ноторен презир спрема науката и уметноста, добила прилика да стане патрон на новите идеи и погледи на живот. Често, во својата желба својот економски статус да го зацрвстат и со оној културниот, во своите куќи собирале интересни и неконвенционални луѓе и ги организирле во јавни или тајни групи, за што навистина има многу примери. Волтер Рали, така, во паузите меѓу лукративните прекуморски авантури, организирал состаноци на својата школа со Марлоу и група слободомислечки поети и научници.

Леди Пемброк, Ратлендови?

Леди Пемброк имала свој Вилтон кружок на музичари, уметници и мислители блиску поврзани со роднински и шпионски врски, љубовта спрема поезијата и театарот и навиките слободното време да го прекратуваат со урнебесни шеги и сплетки. Меѓу нив бил и големиот поет Едмуд Спенсер, а Ејдриен Гилберт, полубратот на Рали ѝ помагал во алхемичарските експерименти, кои не довеле до Каменот на мудроста, но, сосем случајно, довеле до рецептура за невидливо мастило. Лесно е да се замисли како на тоа откритие се смешка Френсис Волсингем, конечно гледајќи некаква корист од тие шашави научници и поети.

Брачниот пар Ратленд со својата група блиски луѓе, од непознати причини, а ние се сомневаме во мајката на сите бељи – досадата, го зеле кај себе несреќниот Томас Кориат, тогаш ангажиран на работа на дворските шутови на дворот на принцот Хенри и под негово име започнале да објавуваат книги патописи. Во нив Роџер, Елизабет, и нивните пријатели отпрво ги опишувале своите вистинити искуства од патувањата, а потоа ја пуштиле фантазијата и така Кориат, без никаква вина, постојано седејќи си во своето пикторескно селце Откомба, стигнал и до Индија. Ратлендови изгледа ги понела оваа раблеовска фарса, па натерале дури 56 еминентни писатели да го возвишуваат книжевната умешност на Томас Кориат и неговите книги ги прогласиле за ремек-дела на англиската книжевност. Измамата била толку уверлива што била откриена дури пред неколку години.
Две решенија

Значи, да скратиме – ако Вил не бил Шекспир, тогаш кој од многубројните осомничени кандидати би можел да биде? Одговорот не е сосем оригинален, но е изненадувачки. Такво решение на оваа мистерија веќе понудиле американскиот адвокат Вилбур Циглер во својата книга од 1895 година, и, сосем несвесно, Агата Кристи во „Убиство во Ориент експрес“. Работата е едноставна – ако повеќе осомничени имаат мотив, средства и прилика за злосторство, а никој од нив нема доверливо алиби, тогаш потполно е разбирливо да се претпостави дека сите тие се и извршители.

Сосем е лесно, во светло на овие докази и во духот на тоа време, да се замисли група пријатели истомисленици – аристократи и поети, лордот Оксфорд, Роџер Манерс, Елизабет Сидни и Кристофер Марлоу, кои под водство на Мери Пемброк и сер Волерт Рајли, секој од свои мотиви, уметнички, политички, лични, секој за себе а некогаш и во меѓусебна соработка, пишуваат и скриени зад името на способниот театарски претприемач и епизоден глумец од Стратфорд, на светот ги донесуваат тие 884 421 зборови во 39 париња, 4 поеми и 150 сонети, кои во длабочината на препознавањето на драмата на човековиот живот, ниту до ден денес, освен Чехов, никој не се ни приближил.

Бидејќи ни една добра детективска приказна не може без некои откритија и докази што се појавуваат во писма, за крај еве две такви:

Кога Рали при некои политички сплетки влегол во неволја, па бил осуден на смрт, неговата пријателка Мери Пемброк организирала за кралот Џејмс, за да го одоброволи, на дворот да го изведе Шекспировото дело „Како што милувате“. Во таа прилика на својот син Вилијам му пратила пимо во кое, помеѓу останатото, стои и еден необичен коментар: “We have this man Shakespeare with us”. Не писател, не поет или автор, туку само човек.

Неколку години подоцна, Волтер Рали во писмо упатено до леди Пемброк од некое од своите патувања, се распрашува за приликите на дворот, нејзиното семејство, настаните во Англија, за на крајот, речиси попатно, да ја праша и како стојат нештата со нивната мала книжевна завера.

А ако се прашувате што се случило со Вил, тој неколку дена по смртта на брачниот пар Ратленд во 1612 година, од управникот на нивниот имот примил непозната сума пари, брзо го напуштил Лондон и пишувањето на нарачаното дело за „Хенри VIII“ му го препуштил на Џон Флечер, се вратил во Стратфорд, до крајот на животот ги прекинал контактите со театарот, успешно тргувал и уште поуспешно се судел со соседите околу невратени заеми. На денот кога умрел, во 1616, сопругот на неговата ќерка Сузан, стратфордскиот лекар Џон Хол во својот дневникот запишал: „Таткото на жена ми умре во вторникот“.

 

Извор: Време (Белград)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото