Капиталистите и државата во глобализацијата

24.04.2023 00:40
Капиталистите и државата во глобализацијата

„Тенденцијата за создавање светски пазар непосредно е дадена во самиот поим капитал. Секоја граница се појавува како ограничување кое треба да се совлада... Според оваа негова тенденција капиталот преминува како преку сите национални граници и предрасуди, така и преку обожувањето на природата и сите традиционални, ограничени и самодоволни... репродукции на старите начини на живот. Тој е деструктивен кон сето тоа, постојано револуционализира сè, рушејќи ги сите пречки кои го попречуваат развојот на производствените сили, проширувањето на потребите...“ итн. (Grundrisse)

Карл Маркс ја посматраше глобализацијата како неодвоив дел од капиталистичките интереси и нагони. Горниот пасус е напишан пред 180 години, а изгледа дека поттиците кои управуваат со однесувањето на капиталистите нималку не се промениле. Дали можеме да кажеме дека „високата глобализација“, која почна со отворањето на Кина и падот на комунизмот во Советскиот сојуз и источна Европа, е резултат на пририодниот и незаприлив процес со кој капитализмот во потрагата по профит ги руши сите пречки на просторот, технологијата и старите навики? Капитализмот денес не се шири само географски туку и со воведување нови активности и отворање нови пазари, од изнајмување на становите во кои живееме до заработка од влијаењето на потрошувачките одлуки на другите луѓе или со продажба на сопственото име како бренд. Тогаш како да се толкува одлуката на една капиталистичка земја за пример, како што се САД, да се повлече од процесот на глобализација или барем да се обиде да го ограничи неговото понатамошно напредување?

Верувам дека е можно тоа да се објасни ако во приказната се воведат уште два „актери“ покрај оној на кој укажуваше Маркс. Прво, треба да се вклучи државата, со претпоставка дека таа донекаде е автономна и дека нејзините постапки не им се целосно потчинети на капиталистичките интереси. За тоа се води дебата повеќе од еден век, без консензус на повидок. Ако државата располага со извесна автономија и е способна за самостојно функционирање, тогаш таа во некои случаи би можела да извојува победа во конкфликт со интересите на капиталистите.

Втора можност е капиталистичката класа да е поделена одвнатре. Покрај „космополитските капиталисти“, кои профитираа од глобализацијата со разместување на производството во странство, постои и класа на „воени капиталисти“, оној сегмент од капиталистичката класа кој е во спрега со „безбедносниот“ сектор и директно учествува во бизнисите со оружје и супституција на технолошки сомнителни увозни стоки од непријателски земји. Исфрлањето на антивирусната програма Касперски и замената на Си Си Ти Ви камерите за јавен надзор произведени во Кина се корисни за претприемачите кои нудат алтернатива, што ги поттикнува да ги поддржуваат борбените политики и да ѝ се спротивставуваат на глобализацијата.

Но воените капиталисти ги оптоваруваат два хендикепи. Прво, тие се невообичаен вид капиталисти зашто профитите директно им зависат од висината на даноците и буџетската потрошувачка. Зголемувањето на даноците начелно им е од корист, зашто државата единствено така може да го финансира купувањето стока од оние што ја продаваат. Од зголемувањето на даноците имаат повеќе корист отколку штета, а тоа ги прави нивните интереси поинакви од интересите на другите видови капиталисти. Втор проблем е тоа што со обидите за сузбивање на глобализацијата работат против оние сили кои го овозможиле успорувањето на растот на номиналните заработки, меѓу другото увозот на поевтина стока од Азија. Веројатно најзначаен придонес на Кина и остатокот од Азија не е најдиректниот (раст на профитабилноста на инвестициите), туку тоа што овие земји овозможија да се зголемат реалните заработки на западот, додуша скромно, додека вкупната распределба на приходот во исто време се поместува во корист на капиталот. Во САД и другите развиени економии тој тренд во последниве 30 години се манифестираше како сè поголемо заостанување на растот на реалните заработки во однос на растот на продуктивноста: што е уште еден начин со чија помош може да се констатира дека опаѓа уделот на трудот во приходот. Тој пад не доведе до намалување на реалните заработки благодарение на пониските цени на стоките за широка потрошувачка. Тоа беше подеднакво корисно за космополитските и воените капиталисти. Ако процесот на глобализација се заврти наопаку користа би исчезнала: номиналните заработки би морале да се зголемат, иако реалните заработки би останале непроменети, а уделот на профитот во БДП би опаднал.

Воените капиталисти имаат два проблеми: мораат да се залагаат за повисоки даночни стапки, па така имплицитно и за помал удел на приход од капиталот. Ни едното ни другото не е популарно. Сепак, не може да се исклучи можноста дека во тоа ќе бидат успешни. Можно е и склучување сојузи помеѓу воените капиталисти и поагресивните елементи во рамки на полуавтономните држави. Можеби таквите елементи се подготвени да ја платат „цената“, ако тоа им овозможи на САД да го запрат напредувањето на Кина. Во тој случај економските интереси би им биле потчинети на геополитичките интереси. Историското искуство оди во прилог на таков вид сојуз: САД победија во сите големи војни (Првата, Втората и Студената) и секоја победа ја зголемуваше нивната геополитичка и економска моќ. Зошто тоа не би се случило и овојпат?

Така би требало да се посматра иднината на глобализацијата, барем од перспектива на западните калкулации: како пронаоѓање компромисна насока помеѓу неограничената геополитичка моќ и зголемените реални домашни приходи. Економските аргументи и вообичаената (понекогаш можеби лесно прифатена) претпоставка дека државата секогаш го прави она што го сакаат капиталистите оди во прилог на продолжување на глобализацијата. Но „воената алијанса“ би можела да се покаже како доволно моќна да оствари надмоќ, можеби и да направи целосен пресврт во процесот на глобализација и да ја турне земјата во правец на автархија.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Arghavan Khosravi

Извор: https://branko2f7.substack.com/

ОкоБоли главаВицФото