Аурора на новата солидарност

05.06.2012 09:55
Аурора на новата солидарност

Предупредувањето е познато: современиот капитализам нема свој Зимски дворец кој би можел да се освои, да се заземе и да се преземе власта за еден ден, како во Петроград во 1917 г. Па сепак, кога и да се доближи глобалниот отпор до симболичките тврдини на моќта, државното угнетување добива трагикомичнo хипертрофирани димензии: како во Давос, за време на јануарскиот собир на Светскиот економски самит, кога беа потрошени осум милиони евра за 2.500 учесници да се заштитат од опасните закани на тристотината протестирачи; како на Волстрит, кога њујоршката полиција тепаше, приведуваше и ги заслепуваше со солзавец мирните демонстранти.

Затоа и не зачудува обидот за официјална забрана на големиот четиридневен протестен собир Blockupy Frankfurt; уште помалку, откако забраната само делумно успеа, испраќањето пет илјади полицајци на четиристотини „окупатори“ кои уште од минатиот октомври кампираат пред зградата на Европската централна банка, како ни приведувањето на исто толку протестирачи на 18 мај, денот спроти најавените масовни демонстрации. Кои, и покрај овој постојан притисок одозгора, успеаја: меѓу 20.000 и 30.000 луѓе маршираа низ улиците на пригодно преименуваниот Банкфурт, нудејќи им нова можност на дежурните реакцио-циници внимателно да ги проучат нивните маици и патики, за да можат да го отпишат новиот антикапиталистичкои протест зашто во него учествуваат луѓе во адидас и пума, наместо полуголи изгладнети бездомници, кои можеби би успеале да ги задоволат високите естетски критериуми на строгите арбитри на модниот морал.

Тактики на блокирање и окупација

А таквите реакции беа и најмалку проблематични: со неодоливата леснотија на премолчан дослух, речиси сите влијателни светски медиуми известуваа за франкфуртските настани како за протест против мерките на штедење и „нерегулираниот капитализам“, иако неговите организатори – четириесетина германски левичарски политички и општествени партии и организации – децидно објаснуваа дека се бунат против капитализмот како таков. Некоординираната, но доследна тивка цензура на нивните мотиви е само нова потврда дека идеолошкиот растер на медиумскиот мејнстрим едноставно не може да артикулира системска критика ни на елементарно ниво, па одново се покажа дека разгласената програмска конфузија на новата левица барем делумно лежи во окото на неупатениот набљудувач.

Неговиот поглед потоа во франкфуртската поворка ќе види само карневалска фешта на заиграна наивна младеж, а нејзините резултати притоа ќе му останат невидени зашто ги мери со скромниот распон на дневнополитичкиот утилитаризам: како протестот да се прогласи за успешен кога повторно ништо не се постигна, кога масата протатни низ неформалниот главен град на новиот европски економско-политички поредок исто така како што се собираше и во Рим, Мадрид, Атина или Лондон, само за потоа да се распрсне, оставајќи ги работите онакви какви што ги затекнала? Тактиките за блокирање и окупација, за да предизвикаат позначајна промена, би морале да се преобразат од краткотрајни епизоди на масовното незадоволство во постабилен, долгорочен облик на отпор, па сепак, со својата очигледна поврзаност, во која Арапската пролет ги инспирираше шпанските индигнадоси, а франкфуртскиот собир веќе и со името им даде омаж на настаните во паркот Зукоти, остварија непорекливи симболички ефекти. Токму онака како што, на пример, студентската блокада во Хрватска, која не успевајќи да ја постигне својата декларативна цел за јавно финансирање на образованието, наголемо ја модулираше медиумската парадигма: доволно е да се помине низ новинските или телевизиските архиви за да се утврди колку кај нас се пишувало и говорело за капитализмот, неолиберализмот или работничката класа пред пролетта 2009, а колку по неа.

Затоа клучното значење на „блокупацијата“ е видлива на таа симболична рамнина, на која постепено се реконфигурира јавниот дискурс и се воведува нова оптика, отворајќи можност за помалку радикални, но „конкретни“ институционално-политички промени, како отфрлање на курсот за штедење не неодамнешниот грчки и француски избори. На таа рамнина, преместувањето на европските протести од периферијата кон центарот на системот, пред зградата на ЕЦБ, но и другите два члена на озлогласената „Тројка“ – ММФ и Европската комисија – е необично важен пресврт. Декларацијата за солидарност со грчките, шпанските, португалските и другите „перифериски“ работници, упатена од франкфуртската бина, покрај основниот апел, претставува и антикапиталистички апел и најзначајна порака на собирот, бидејќи почива на свеста за „германското економско чудо“ како втора, попривлечна страна на должничката криза на „мрзливите“ медитерански држави.

Германски неомеркантилизам

Имено, чудото најпрецизно може да се опише со синтагмата „германски неомеркантилизам“ на економистите Рикардо Белофиоре, Франческо Гарибалди и Јозеф Халеви: стопанство насочено кон високиот трговски суфицит, остварен со должнички финансиран извоз токму во оние земји на кои Германија денес наводно им помага. На таквата политика ѝ е подредена целокупната економска и монетарна архитектоника на еврозоната: каква било поправедна редистрибуција на економските вишоци или девалвација на националната валута денес е невозможна, па на периферијата на Европа се градат само слепи улици на палијативни и неделотворни обиди за рефинансирање на насобраниот долг. А токму ЕЦБ, уверливо покажува авторскиот терцет во текстот „Глобалната криза и кризата на европскиот неомеркантилизам“, одигра клучна улога во актуелниот колапс на Грција, прогласувајќи ги нејзините обврзници есента 2009 г. за неприфатливи и со тоа зголемувајќи ја моќта на неодговорните агенции за кредитен рејтинг.

Ваквата реконструкција на кризните настани, се разбира, е спротивна на површните менталитетски наративи кои извираат во медиумите. Затоа на неа, можеби не докрај свесно, се потпираат иницијативите како што е „блокупацијата“. Борбата за поинаква Европа и понатаму се одвива на плоштадите и на улиците, и покрај полициската репресија, а само притисокот одозгора нуди можност таа и да се оствари. Протестното „нишанење“ на токму оние институции кои се одоговорни за денешната криза е доказ дека тој отпор влегува во нова фаза на прецизна детекција на своите противници. Можеби денес повеќе го нема Зимскиот дворец и економско-политичката моќ е дисперзирана; но блокот на континентална солидарност кој се гради ги нуди првите одговори и на тој предизвик. Засилената нервоза на владетелите, разлиена по франкфуртските улици со водени топови и солзавец, ни покажува дека одговорите се исправни.

Извор: novossti.com

ОкоБоли главаВицФото