Ти и атомската бомба

31.01.2013 14:55
Ти и атомската бомба

Земајќи предвид колкава е веројатноста во следните педесет години сите да бидеме разнесени од неа на парчиња, атомската бомба не предизвика толку расправи колку што се очекуваше. Весниците печатеа бројни дијаграми со протони и неутрони како го прават своето, што на обичните луѓе не им кажуваше многу, а и постојано се повторува бескорисната изјава дека бомбата „мора да се стави под меѓународна контрола“. Но, за чудо, малку беше речено, барем во печатот, за прашањето кое е најинтересно за нас: „Колку е тешко да се произведе таа работа?“

Известувањето кое ние - пошироката јавност - го имаме околу тоа, до нас дојде по прилично заобиколен пат, по повод одлуката претседателот Труман да не предаде одредени тајни на СССР. Пред неколку месеци, кога за бомбата само се разговараше, беше многу раширено верувањето дека раздвојувањето на атомите е само проблем на физичарите, а кога тие ќе го решат, новото и разорно оружје ќе биде достапно за секого. (Во секој случај - така се зборуваше - некој осамен лудак во лабораторија би можел сосема да ја разори цивилизацијата, подеднакво лесно како што би испукал ракета за огномет.)

Да се случеше тоа, целата историја одеднаш би се променила. Разликата помеѓу големите и малите држави би била избришана, а моќта на Државата над поединецот би била значително намалена. Меѓутоа, од изјавите на претседателот Труман, како и од различните коментари на тие изјави, произлегува дека бомбата е фантастично скапа и дека нејзиното производство бара огромен индустриски напор, така што само три или четири земји во светот можат да ја произведат. Тој факт е од основна важност, бидејќи може да значи дека откривањето на атомската бомба, далеку од менувањето на текот на историјата, едноставно ќе ги засили движењата кои беа очигледни во последните десет години.

Познат е фактот дека историјата на цивилизацијата во голема мера е историја на оружјето. Особено често е истакнувана поврзаноста на откривањето на баарутот и уривањето на феудализмот од страна на буржоазијата. Иако не се сомневам дека можат да се наведат и некои исклучоци, мислам дека следново правило главно може да се земе како вистинито: оние периоди во кои доминантното оружје е скапо и тешко да се произведе, се склони кон деспотизам, додека во оние периоди во кои доминантното оружје е евтино и едноставно, обичните луѓе имаат шанса. Затоа, на пример, тенковите, воените бродови и бомбардерите се тирански оружја, додека мускетите, пушките, лаковите и рачните гранати во суштина се демократски оружја. Комплицираното оружје им дава сила на силните, додека едноставното - сè додека нема одговор на него - им дава сила на послабите.

Времето на мускетите и пушките е голем период на демократија и национално самоопределување. По пронаоѓањето на кременарката, а пред изумот на капачето на чкрапалото, мускетата била прилично ефикасно оружје, а истовремено толку едноставно што можела да се произведе речиси секаде. Нејзините повеќекратни предности го овозможиле успехот на американската и француската револуција, и го направиле народното востание посериозна појава отколку што би можело да биде во наше време. По мускетата, доаѓа пушката која се прекршува. Во споредба со мускетата, таа е посложена, но сè уште може да се произведе во многу земји - била поевтина, лесна за криумчарење и економична што се однесува до муницијата. Дури и најзаостанатите нации, од овој или оној извор, можеле да дојдат до пушки, така што Бурите, Бугарите, Абисинците, Мароканците - дури и Тибетанците - можеле да се борат за својата независност, понекогаш и успешно. Но, целиот подоцнежен развој на воената техника ја фаворизира Државата на штета на поединецот, и индустриските земји на штета на заостанатите. Има сè помалку и помалку жаришта на моќ. Уште во 1939 година има само пет држави способни да водат војна од големи размери, сега постојат само три - а во краен случај само две. Тој тренд е очигледен со годините, а некои набљудувачи го забележуваат уште пред 1914. Единственото нешто што може да го промени е откритието на оружје - или, да го поставиме тоа пошироко, методите на борба - што не е зависно од огромната концентрација на индустриска опрема.

Од разните навестувања може да се претпостави дека Русите сè уште не ја поседуваат тајната за производство на атомска бомба; од друга страна, општо мислење е дека ќе ја имаат за неколку години. Така, пред нас има изгледи за две или три чудовишни супердржави кои меѓусебно ќе го делат светот, зашто секоја ќе има оружје со кое милиони луѓе можат да бидат збришани за неколку секудни. Прилично непромислено се претпоставуваше дека тоа ќе значи водење на поголеми и покрвави војни, а можеби и вистински крај на машинската цивилизација. Но, да претпоставиме - а тоа е навистина неверојатна можност - дека преостанатите големи нации ќе склучат премолчен договор дека никогаш нема да употребуваат атомска бомба едни против други. Да претпоставиме дека тие ја користат, или стравот од неа, против народите кои се немоќни да се спротивстават. Во тој случај повторно сме таму каде што бевме претходно, единствената разлика е во тоа што моќта е концентрирана во уште помалку раце и дека изгледите за подјармените народи и угнетените класи се уште побезнадежни.

Кога Џејмс Бурнхам ја пишуваше „Директорска револуција“ на многу Американци им изгледаше веројатно дека Германците ќе ја добијат војната во Европа, и затоа беше природно да се претпостави дека Германија, а не Русија, ќе доминира со евроазиското подрачје, додека Јапонија ќе остане господар на источна Азија. Тоа беше погрешна проценка, но не влијаеше на суштината на расправата. Зашто, се испостави дека географската слика на Бурнхам за новиот свет беше точна. Сè поочигледно е дека површината на Земјата се дели на три големи империи, секоја затворена во себе и одвоена од допирот со надворешниот свет, и дека со секоја владее, под една или друга маска, самоизбрана олигархија. Ценкањето околу тоа каде ќе се повлечат границите сè уште е во тек и ќе продолжи уште неколку години, а третата од трите супердржави - источна Азија, во која доминира Кина - сè уште е повеќе потенцијална отколку стварна. Но, општиот тек е непогрешлив, и секое научно откритие од минатите години го забрза.

Некогаш ни велеа дека авионот ги „укинал границите“; всушност е обратно: дури кога авионот стана сериозно оружје, границите конечно станаа непреминливи. Некогаш радиото се очекуваше како средство за развивање на меѓународното разбирање и соработка; се испостави дека стана средство за изолирање на една нација од друга. Атомската бомба може да го доврши тој процес одземајќи им ја на експлоатираните класи и народи секоја можност за побуна, и ставајќи ги истовремено сопствениците на бомбата во положба на војничка еднаквост. Немоќни да се освојат едни со други, тие веројатно ќе продолжат меѓусебно да владеат со светот и тешко е да се предвиди како таа рамнотежа може да се помести освен со постепени и непредвидливи демографски промени.

Во изминатите четириесет или педесет години, господинот Х.Џ. Велс и останатите нè предупредуваа дека човекот е во опасност да се уништи со сопственото оружје, оставајќи ги зад себе мравките или некои други видови кои живеат во заедница, да ја преземат власта. Секој што ги видел разорените германски градови ќе мисли дека за таа идеја треба барем да се размисли. Па сепак, ако го гледаме светот во целина, развојот веќе со децении не беше насочен кон анархија, туку кон повторно наметнување на ропството. Ние веројатно не одиме кон општа пропаст, туку кон страотно стабилна епоха, како што биле робовладетелските царства во антиката. За теоријата на Џејмс Бурнхам многу се расправаше, но за сега малку луѓе ги сфатија нејзините идеолошки импликации - а тоа е кој вид светоглед, кој вид мислење и која социјална структура веројатно ќе преовладее во државата што истовремено ќе биде и неосвоива и во постојана состојба на „студена војна“ со своите соседи.

Да можеше атомската бомба да се произведе евтино и лесно како велосипед или будилник, би можела лесно да нè врати назад во дивјаштвото; но би можела, од друга страна, да значи крај на националната сувереност и високоцентрализираната полициска држава. Ако е тоа, како што изгледа дека е, ретка и скапа работа, која е тешко да се произведе, како воениот брод, веројатно е дека ќе стави завршна точка на војните од големи размери по цена на бескрајно продолжување на „мирот кој не е мир“.

Извор: Tribune, 19 октомври 1945
Слики: Stuart Bracewell