Корпоративно утро

05.08.2013 08:12
Корпоративно утро

Ѕвезда на Давид
околу врат си ставам
корпоративно утро

Тргнав да мочам
ме извади од памет
сушач за раце

Зрцало вели:
да се бричам или не?
-утрински Хамлет.

Мамурно утро
ме брза на работа,
а сакам чорба.

Комшија тиквар
на Велика Сабота
мајстори викнал.

Висока шахта
чека кој е следниот
нога да скрши

Сум станал факир
врз играчки на син ми
во постелата

В раце ја имам
ламбата на Аладин.
Што да ѝ правам?

Со букет кали
пешак сум на црвено
-сељак џентлмен.

Комшиско маче
низ ноќта мјаука
прв ден без мајка.

Дремлива мачка
качена на хауба
си топли душа.

Бело ќебенце
слизнато врз гепекот
-се топи снегот

Гласна крнтија
сред ноќ мирот го пара
-сељак во градот.

На секој балкон
по пар-два мокри чевли
-есенско Скопје.

Со тенко весло
сам со себе се тркам
в тенџере ајвар.

Кола од друг град
на покрив поздрав носи
- две-три педи снег.

Зачкрипи гуртна.
Сум легнал без аларм, ме
разбуди „петка“.

В планина тивка
котва за навек стои
-гробот на тато.

Преполна банка.
Секој чека да плати
данок на живот.

Низ прозорец зрак
буди свежи бои, рој
-вреди да станеш.

Симнувам јарем
од мудра глава. Збогум
корпорацијо!

Песните се преземени од книгата „Корпоративно утро“, Скопје 2013.

Фотографии: Васко Марковски

ОкоБоли главаВицФото