Ода на Републиката

13.08.2018 16:27
Ода на Републиката

Ода на Републиката

Ќе биде прекрасно кога Америка ќе стане само втора виолина
и кога ќе стоиме отстрана и ќе гледаме како се тепаат големите момчиња.

Старците што читаат Тајмс на клупите во Централ парк
           ќе се насмеат и ќе речат: „Бразил нека му ја мисли за тоа“.

Фармерите во Јужна Каролина ќе имаат испишани налепници на колите:

„Една нација, со зеленчук за сите“ и „САД, Нумеро Уно за доматот ААА!“

Америко, ти големо страшно бебе, зарем не беше свесна
         кога онака јавно се удираше в гради
                   дека само нè срамотиш?
Кога самата себе се лажеше на телевизија
                        ние ги наведнувавме главите;

Кога твојата лева рака се претвори во канџа,
            кога ја закова државичкана
                       и пееше заклетва на знамето,
јас ставив нови очила за сонце
                     и ѕверев во црквата од другата страна на улицата.

Мислев дека морам да пропаѓам со тебе
          и да се мразам себе во црвена, бела и сина

па потоа да учам да кажам „Жал ми е“ на сè повеќе јазици.

Но на нашата династија сега најпосле ѝ се гледа крајот
          и се чувствувам мирно, спокојно и зачудо слободно.

Толку е добро да се биде неважен.
Толку е убаво да се седи на брегот на Потомак
                        и да се гледа како Времето одзема половина од сè.

Какво само олеснување е да се изведе куче на шетање
            без панцири и пиштоли за успивање, без плашење на комшиите.

Татковино моја, тебе ти пејам:
Има и полоши работи од тоа да бидеш
                      второто бурито,

послаб играч, бивш главен фраер, некогашен VIP,
                  што срка кафе без кофеин во старски дом за ослабени суперсили.

Ти посакувам, како Навахо Индијанец со каубојски шешир, да научиш
                    спрема историјата да се однесуваш иронично.

Да се погледнеш во огледало и да ја видиш својата удвоеност
‒ остарените сини очи на изненаденото темно лице.

Твоите жени конечно да ја изречат стриктната наредба:
                   Вечерта веќе нема војна оти денот носи други нафаки.

Твојот срам од неуспех да биде ублажен со најстариот вид хемотерапија:
                   фазата после фазата прифаќање.
Некој пак да научи да те сака.

Да седиш на тремот со другите земји
                   во доцно попладне,
и да разговараш за кокошки и дожд.

 

Пропорција

Адвокатот зема провизија од седум милиони
зашто успеал да поврати осумнаесет милиони

од вдовицата на извршниот директор
чија корпорација украла три милијарди

од десет илјади акционери и вработени.

Таа паднала на само еден мерцедес
и мора да тргне на часови по возење.

На радио рекоа се очекуваат одложувања,
но пет илјади години за правда
и понатаму изгледа смешно.

Она што го слушнав зад грб на бејзбол натпревар ‒
„Куров дека одовде нешто гледаме“ ‒ ми се чинеше
точно за нас.

Две млади глумици фрлаат паричка
да одлучат која ќе ја игра заболената од рак

оти тие знаат
дека најлошата судбина значи најдобра улога

и дека умирањето може да ти помогне во кариерата.

Едната од нив ќе отиде во Холивуд и ќе стане ѕвезда.
Другата ќе се пресели во Синсинати,

и ќе ги слика своите близнаци
како трчаат навака-натака низ прскалица
во шорцеви,
мокри до гола кожа, и врескаат од радост.

Авантурата на херојот

Се сеќавам кога првпат здогледав беспрекорно чист
   мермерен под во огромно хотелско фоаје
       и сфатив дека некој го мачкал и го бришел цела ноќ

и дека некој друг ја буткал количката со средствата за чистење
   низ долгите климатизирани ходници
      на Стајнберговата зграда отаде улицата

и ги испразнил сите двесте и четириесет корпи за отпадоци
    застанувајќи тук и таму
       да ги соструга мастиките со посебна шпахтла
што ја носи во задниот џеб.

И поради тоа ми спласна одушевувањето за “The Collected Sonnets of Hugh
   Pembley-Witherton”
       и за “Epic of the Seekers for the Grail” од Kurt von Heinzelman

петтото поглавје, „The Trial“, во кое тој опишува како
   „стројниот и бледолик“ витез, Гавен,
        една вечер преноќувал крај гробишта,

но дека не можел да заспие од мноштвото гласови
што допирале од земјата ‒

Нека остане таму стотина ноќи,
     со својата тенка прекривка и со студениот оклоп
и со бескорисниот меч,

додека не сфати дека
    славата на главниот јунак секогаш ја плаќаат
мноштвото споредни ликови.

Изутрината ќе се разбуди и ќе одгалопира назад на сигурно;
     ќе слуша како името му го врежуваат во здравици и песни.

Но сега знае дека постои една земја на која не сметал,
     и дека таа има свои граѓани:

едноракиот пекар што ја мете пекарницата во четири изутрина;

јувелирот што се поти во своето сопче;

и онаа жена во старскиот дом,
      која тука работи веќе илјада години,

ги празни гуските;
     го подига и го брише мекиот херојски задник на Одисеј.

 

Тежок дожд

Откако ја слушнав It's a Hard Rain's A‒Gonna Fall
во лесна изведба на хармоникашки квартет
од плафонските звучници во трговскиот центар „Спрингдејл“,
сфатив: нема ништо
на што не можеме да му го затапиме осилото,

и да го претвориме во лимонада или маица.
Дури и спокојот може да стане нешто ужaсно
ако за тоа направиш реклама
користејќи насмеани, седокоси луѓе

што го цитираат Торо за да ги продадат старските домови
во Еверглејдс, каде што мочуриштето е
исушено и израмнето во терен за голф со деветнаесет дупки
и со електрична ограда против алигатори.

„Не можеш себе постојано да си префрлаш, Били“,
го слушнав психотерапевтот како му вели на
тинејџерот-убиец,
„поради сите тие луѓе што си ги испотепал ‒
Просто мораш да бидеш најдобар што можеш,
од ден на ден ‒“

И сите во публиката аплаудираат и окото им просолзува,
оти е допрено нивото на длабоки чувства,
и тие сакаат да веруваат дека
моќта на Простувањето е поголема
од моќта на Последицата, или Историјата.

Драга Еби:
Мојот татко е деловен човек кој патува.
Секогаш кога ќе се врати од некое свое патување,
чевлите и панталоните
му се измачкани со крв ‒
но никогаш не заборава да ми донесе некој убав подарок;
Треба ли некому нешто да му кажам?
Во потпис, Америка.

Некогаш мислев дека не сум дел од тоа,
дека можам да си ги гледам своите работи и да си терам понатаму,

но тоа само беше друга песна,
на која ме учеа од раѓање ‒

чиишто зборови под глас ги мрморев,
упорно шетајќи низ трговскиот центар „Спрингдејл“.

 

Приказна за татко

Еве уште една приказна за која често размислувам:
приказна за татко

кој, после погребот на својот син самоубиец,
се враќа дома и ги гори сите фотографии на мртвото момче;

стои крај скарата во задниот дел од дворот
и ги уфрла сликите во огнот; го посматра бледиот чад
што се издига и исчезнува во влажното небо на Мисисипи.

Свесен дека стои на работ од некоја огромна граница,
несвесен дека себично ја граба сета болка.

Како само се тивки предградијата среде попладнињата
кога еден човек ги уништува доказите,
вдишувајќи ја хемијата на запалените полароид снимки,

загледан во крошните над трошната ограда
кои како да се воздигнуваат и кимаат со разбирање.

Подоцна ќе биде изненаден
со гневот на своето семејство:

сопругата со раце го крие лицето,
од ќерката фрчат навреди

‒ но сега, сигурен е во својот чин; сега е

како човек кој уништува некоја религија,
или засечува стебло во корен ‒

И секој пат стигам точно на време
да видам како таткото со парче рѓосана жица

ја бутка последната фотографија на момчето
кон портокаловиот дел од пламенот:

лицата стануваат кафеави, споменот се топи.

Не е во прашање апсурдната логика на таткото;
ниту жалоста по згаснатата младост;

туку древната интелигенција на болката
на која ѝ се восхитувам:

која во него се лелее како чад;

како точно да знае што треба да им направи на човечките суштества
за во нив да остане засекогаш.

 

Избор и превод: П. В.
Цртежи: Scott Hunt

Тони Хогланд (Tony Hoagland, 1953) е американски поет и есеист, роден во Северна Каролина. Објавил десетина поетски збирки и две книги со есеи. Добитник е на бројни награди и стипендии. Во моментов предава креативно пишување на Универзитетот Хјустон и на Колеџот Ворен Вилсон.

Tony Hoagland, дела:
2018: Priest Turned Therapist Treats Fear of God
2017: Recent Changes in the Vernacular
2015: Application for Release from the Dream
2014: Don't Tell Anyone
2010: Unincorporated Persons in the Late Honda Dynasty
2009: Little Oceans
2005: Hard Rain
2003: What Narcissism Means to Me
1998: Donkey Gospel
1992: Sweet Ruin
1990: History of Desire
1986: Talking to Stay Warm
1985: A Change in Plans

 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото