Заборавени херои

22.12.2011 11:22
Заборавени херои

Кога пред неколку години прв пат прочитав дека како држава воведуваме одличја и ордени за посебно истакнати личности и граѓани, искрено се израдував. Неспорно е дека ваквите почести и одличја имаат посебна улога и истите по значење и дефиниција претставуваат општествено и државно признание кон нечии заслуги и придонес. За волја на вистината, во последно време сè почесто забележуваме дека бројот на орденоносците по разни основи рапидно се зголемува. Овде се наметнува дилемата како толку малуброен народ, а толку многу медали и ордени? Имам ли проблем со перцепцијата и поимањето на вредностите или некој друг има проблем со продукцијата и „штанцањето“ на овие највисоки државни признанија и почести?

Секоја чест на оние кои вистински ги заслужуваат, но во изминатиот период ми се чини дека еден куп луѓе се изнаредија во „Вила Водно“ смешкајки се пред камерите и фото-апаратите, додека гордо ги држеа кадифените плакети над кои се надвиснуваа сребрените медали и ордени. На еден таков настан бевме сведоци и вчера. Претседателот изврши одлкување на заслужни војници кои херојски спасиле живот. Секоја чест. Награден беше и Сами Нуредини, младо момче, кое се жртвувало и го спасило животот на девојката која се давела во студените води на Вардар, минатата зима. За мене, Сами е херојот на денот!

Сепак, на крајот од годината која изминува, и покрај троа поголемата продукција на државни медали и ордени, сведоци сме дека се малку оние кои се пожртвувани и прават општо добро. Но и покрај тоа, должност и обврска на државните раководители е секој од нив да го забележат и соодветно истретираат, согласно правилата и законите.

Храброста и пожртвуваноста се меѓу основните, но, сепак ретки човечки доблести. Понекогаш толку ретки што некои луѓе се прашуваат дали денес, во овој современ свет, воопшто ги има. Не само што е присутна, туку храброста во македонското општество ја одразува онаа темелна човечност која не познава и не признава етнички, религиски или јазични разлики. А притоа, единственото нешто што е важно е да им се подаде рака на оние чиишто животи се во опасност, ќе рече меѓу другото мојот некогашен професор, а сегашен претседател Иванов. И читајки го ова, не можам да се воздржам, а да не запрашам: Чуму толку медали претседателе, а толку малку херои професоре? Пред помалку од 9 месеци јавноста беше сведок на убиство во едно скопско училиште, кое се случи како резултат на херојски потег за спасување живот. Тогаш животот го изгуби младиот Мухамед Али Јашари, храбро бранејќи го својот другар. Тоа беше пример на херојство и пожртвуваност, но и задолжителна лекција за во основно училиште за она што значи животот и пријателството, како треба да градиме мулитетнички соживот. За жал, комисиите, претседателот и сите надлежни, овој херојски потег, кој некого го чинеше живот, го заборавија.

Медали и ордени не добија ниту бранителите од воениот конфликт во 2001-ва. И тие беа храбри, се жртвуваа и бранеа нешто, зарем не? Празни се реверите и витрините и на семејствата на пилотите и воениот екипаж кои несреќно загинаа кај Катлановско пред четири години. Зошто при толкава продукција на медали, овие војници постхумно не се одликуваат? Оттогаш помина долго време, а никој не им даде ниту признание, ниту одличје, напротив. Дали ги заборавивте и без тоа ретките случаи кога граѓани во гостиварско и струмичко правеа храбри дела, ретки за овие простори?

Ако веќе толку многу милувате да давате медали и признанија зошто тогаш, претседателе, досега не покренавте иницијатива за постхумно одликување со барем некакво признание на поранешниот претседател на МАНУ, врвен научен работник, професор, човек кој пред повеќе од 30 години објавуваше во еминентниот The Nature, и беше член на истакнати светски научни организации и друштва, вклучувајки ја и Њујоршката научна академија?

Дали и како во вредносните критеруми и бирократските слова кои дефинираат зошто и како некој треба да добие медал или признание требаше да го вброите и Енио Мориконе, светски познатиот солист, кој за својот настап на фестивалот Охридско лето, кој го финансирате од нашите пари, беше чесно и дебело платен? Се прашувам, колку ли е големо и значајно учеството на оваа sвезда за да добие државен орден? Малкуте работи по кои на нешто сме годри е и натурализираниот македонец (како што милувате да кажете) Lester Bo Mccaleb - Бошко. Овој спортист е еден од малкумината кој ја одбележа годината. Но, дали Бо е заслужен и има право на градите да закачи еден од вашите скапи мадали, независно од сите ордени и медали кои ѝ ги доделивте на кошаркарската репрезентација. А кога сме веќе кај кошаркарите вие, претседателе, како искусен педагог, сигурен сум дека знаете оти оценките се заклучуваат на крајот од годината или откако ќе го положите испитот, а медалите и признанијата се делат откако некој ќе ја заврши играта до крај, макар бил брилијантен во текот на второто полувреме.

На крајот, зарем во вашите мерила и критериуми, како и оние на вашите соработници, и во сите тие правила, не се вбројуваат едни од ретките херои кои ја одбележаа годината што изминува – хероите од мојата генерација? Дали, мој драг професоре, не се херои и заслужни сите оние кои не дозволија бруталното убиството на Мартин Нешкоски да биде прикриено, а јавноста излажана. Зошто сите оние кои два месци беа една од главните теми во Македонија, а кои вие лично ги поддржавте со писмо, не заслужуваат некакво признание и внимание? Единственото чисто и грѓанско движење против бруталноста, невидено на овие простори во поновата историја не заслужува ништо? Дали тие ваши некогашни студенти кои имаат поинаков ракопис од сè досега не треба да добијат признание или пофалба, за годината која ќе биде обележана и по нив? Зарем не сметате дека треба да стимулирате промовирање на вистински вредности, а оние кои со сопствената чистота и жртва се залагаат за почитување на правите вредности и идеали во ова општество треба да се промовираат, наградуваат и стимулираат?

Малубројни се вистинските хериои и заслужни граѓани, но нивните дела и подвизи премногу големи и едниствени. Заборавени или не, испуштени или не, сепак, она што го направија, е многу поголемо од скапоцените значки, беџови и медали кои ги заслужуваат, а, за среќа или не, во Македонија обемно се продуцираат, а вие ги изоставивте. Сепак, следејќи го начинот на кој сите нив ги доделувате, се сомневам дека Дан Реисингер и Израелците ќе бидат горди што некој таму во Македонија го употребува нивниот изум. А, додека вие и сите останите надлежни се сетите на подзаборавените или игнорирани хериои, ние остананите граѓани ќе ги споменуваме, не дозволувајќи, со или без медал или признание, да бидат заборавени.

ОкоБоли главаВицФото