Црвениот план

23.02.2012 13:16
Црвениот план – сликата на градот во времето на доцниот капитализам

Црвениот план – сликата на градот во времето на доцниот капитализам

Транзицијата, којашто доведе до денешната криза, во последните дваесет години разви два општествени процеса: приватизација, односно намалување на легитимноста на јавната политичка сфера, и деиндустријализација, односно ширење на производството од фабриките на подрачјето на целиот град.

Низ тие два процеса се развиваа и два вида неправди: приватизацијата (придружена со корупција) развива несигурна прераспределба на јавните средства собрани од данокот и комуналните придонеси, додека, пак, деиндустријализацијата е придружена со неправедна прераспределба на вишокот на вредности кои се произведуваат во градот, а се собира со помош на урбанизацијата, продавањето на јавно земјиште или изнајмувањето.

Две побуни

Корупцијата значи нелегално искористување на јавните системи за остварување на приватни добра со намалување на општите интереси, а се јавува секогаш при премин од еден модел на владеење во друг.

Имено, во тој премин веќе воспоставените правила не се почитуваат, а новите сè уште немаат цврсти механизми на дејствување. Тогаш корупцијата триумфира, тврдат Мајкл Хардт (Michael Hardt) и Антонио Негри (Antonio Negri). Ако јавниот систем, чија основна функција е да го остварува општиот интерес на граѓаните, е корумпиран, тогаш не може да се оствари никаков напредок на комуналните вредности, а градот, како средиште на таквите вредности, е препуштен на самостојно развивање, какво и да е тоа. Во таа рамка треба да се разгледаат сите облици на демонстрации, протести, петиции и други начини на бунт кои сè почесто се појавуваат во градовите. Тие се критика за неправилната распределба на вредностите низ јавните институции, бидејќи не е сигурно дека тие вредности ќе се задржат во полето на општиот интерес, а уште помалку е сигурно дека тие ќе се пренаменат за унапредување на тие исти интереси.

Вториот извор на неправда е врзан за новиот облик на производство, кое во деиндустријализацијата излегува од ѕидовите на фабриката и се проширува по целото општество и градот. Како што градот стана главно место за производство, со самото тоа стана и жариште на главните конфликти поврзани со располагањето и управувањето со вишокот на вредности кои се произведуваат во него. Протестите кои го придружуваат тој процес се бунтуваат против урбанизацијата и изнајмувањето со кои пазарот на недвижности го блокира развојот на производството и ја извлекува вишокот на вредност од градот. Пазарот на недвижнини ја остварува цената по квадратен метар површина во градот во зависност од екстерните фактори, како што се атрактивноста на градското земјиште, привлечноста на опкружувањето или природните богатства.

Со оглед на тоа што атрактивноста и привлечноста на градот ги создаваат и неговите граѓани, а природните богатства им припаѓаат на сите, очигледно е дека пазарот на недвижности ја извлекува вредноста од процесот и ги приграбува вредностите кои се заеднички за сите граѓани, а тоа создава неправда. Правото на град денес не го сфаќаме само како право на граѓанинот да го одбрани јавниот простор од неговата комерцијализација, туку и како право на граѓанинот да располага со вишокот на вредност кој се создава во градот.

Двата вида неправди се развиваат во два вида бунт: отпор кон јавната администрација и наметнувањата кои ги создава таа, и борбата за нов облик на производство во градот независно од урбанистичката намена и пазарните изнајмувања. Со оглед на фактот што првиот начин на побуна во својата суштина врши притисок на постојната јавна сфера, најчеста метода на таквите побуни е блокирањето на виталните градски раскрсници, прекинување на дотокот на електрична енергија, одбивање да се платат комуналните придонеси, како и целокупна опструкција на нормалното функционирање на градот со цел да се присили владејачката елита да ги прифати барањата на граѓаните.

Црвениот план за градот Пула

Вториот начин на побуна е поконструктивен во својата намера и насочен е кон создавање нови и независни простори во градот кои би биле надвор од логиката на пазарот на недвижнини. Таквите побуни за автономен начин на производство во градот развиле поинакви, комплементарни методи на борба – окупирање и заземање на простори, односно сквотирање, за во заземениот напуштен простор производителите да можат самостојно да создаваат услови за непречено производство, макар и на микро план. Некои од важните светски бунтови во последнава деценија, како таа во Буенос Аирес во 2001, во Париз во 2006 и Атина во 2008 година, всушност, користат комбинација од овие два методи – блокади и окупирање – иако причините и барањата за побуните биле сосема различни.

Мапа на кризата

Со читањето на моменталната ситуација во градовите по раслојувањето и толкувањето на побуните кои се случуваат во нив, можно е да се исцрта поинаква мапа на градот – карта на конфликтите кои развиваат нови односи во самата околина и директно влијаат на организацијата на градот. Поттикнати од зачестените протести кои во последно време се случија во Пула, една група од овој град во 2008 година го произведе „Црвениот план“, односно ’мапа на кризите’ во градот Пула кој прикажува една слика на градот во времето на доцниот капитализам.

Црвениот план е план за градот кој се наоѓа во алармантна (црвена) состојба, а првиот чекор во изградбата на таквиот план е воочувањето, изнаоѓањето на црвените или кризните полиња. Како извор на податоци за изработка на мапата на кризи, искористени се новостите објавувани во градската хроника во локалниот весник „Glas Istre“ низ цела 2007 година, кога се забележани и најголем број на конфликти. Во последната година, по објавата на „Црвениот план“, во градот се случија уште неколку важни конфликти, како, на пример, борбата за бесплатно образование која ја води Независната студентска иницијатива, штрајкот на комуналните работници и работниците во фабриката „Uljanik“, како и борбата за отворање на воена зона во „Muzil“ за јавноста.

Како и во повеќето градски судири, и во Пула се присутни две методи на борба: блокада и окупација. Блокадата е метода на притисок врз власта со која се оневозможува рутинското одвивање на функциите, а окупацијата е заземање на просторот за во него да може да се развие автономна управа. Типични примери на блокада се неплаќањето на комуналите придонеси, притисокот на јавноста, петициите, блокирањето на наставата за време на студентските бунтови или штрајкот на комуналите работници кои одбиваат да го чистат градот. Примерите на окупација се позачестени, што ни говори за тоа дека главниот судир во градот е насочен кон новите облици на производство, а помалку кон јавната управа која досега прилично флексибилно се извлекуваше од судирот со јавноста, пренасочувајќи ја одговорноста на разни нивоа од власта, како што се жупаниската или државната. Поранешните воени зони Ројц и Катарина се најочигледни примери за окупација, но истата метода треба да се бара и во акциите за самоиницијативно садење дрвја на јавни површини, проширувањето на становите во населбата Барака или во неформалното уредување на пешачките патеки. Студентскиот протест успеа да ги искористи обете методи, па освен блокадата на наставата тој се послужи и со окупација на зградата на факултетот за во неа да се организира алтернативна настава и пленум, односно директна демократија.

Од бунт до стратегија

Сите примери на дејствување прикажани на мапата служат за пронаоѓање на јасните и функционални облици на интервенирање и судир во градот. Тие засега ги претставуваат раздвоените и краткотрајни тактики за менување на условите за живот во градот, но нашата желба е со нивно структуирање да се развие стратегија која не би ги менувала само условите за живот туку и односите на моќ во градот. Овде е изнесена првата скица на можни стратегии кои произлегуваат од анализата на пулската „мапа на кризата“:

1. Случајот со садење дрвја од страна на жителите околу Сисплац – кои со своето дејствување ја спречија можноста за градење врз зелена површина – треба да се развие во стратегија за уредување на градските зелени површини;

2. Случајот со окупација на поранешната касарна Ројц од страна на културните актери треба да стане стратегија за пренамена на воените згради;

3. Случајот со привремено користење на комплексот Катарина-Монументи за потребите на музичките фестивали треба да стане стратегија за развој на културните активности во градот;

4. Случајот со заедничката акција за проширување на становите во Бараки треба да стане стратегија за подобрување на нискиот станбен простор;

5. Праксата со уредување на пешачките патеки која ја спроведува здружението Krupp треба да стане стратегија за создавање мрежи од пешачки патишта;

6. Сезонската пренамена на Кандлеровата улица во отворен трговски центар треба да стане стратегија за воведување комерцијални дејности во градскиот центар;

7. Примерите со сликање на трафостаниците и фасадите во градот – кои ги спроведува градската работилница – треба да станат стратегија за означување на идентитетот на градот;

8. Акциите со цртање графити на градските улици или закачувањето анти-НАТО транспаренти на западниот влез во градот треба да станат стратегија за независното изразување поинаква политика;

9. Случајот со десетината семејства од улицата Јаподска – кои потпишаа заедничко писмо во кое објаснуваат дека нема да плаќаат придонеси кон градот доколку не им се асфалтира улицата – треба да стане стратегија за притисок врз градската власт на сите граѓани кои се чувствуваат обесправено во него.

Организациите настануваат во бунтот

Изработката на оваа мапа служи за укажување на, од една страна, сите неправди кои произлегуваат од денешниот систем на управување со градот, а од друга страна, сета немоќ која овој систем ја доживува при обидите за спроведување на законот. Ако заклучокот ни е дека живееме во систем кој е немоќен да ги штити правилата на дејствување, додека истовремено произведува неправда, тогаш е сосем јасно дека таквиот систем е краткорочен и излишен. Ако се инсистира на негово одржување, урбаните конфликти само ќе се зголемуваат. А кога ќе го достигнат критичниот степен, подобро да постои структуиран план на цели и каталог на методи со кои може да се предизвика постоечкиот поредок.

Дел од членовите на Пулската група

Со развивањето нови стратегии од веќе постоечките тактики може да се создадат нови алатки за развој на градот. Меѓутоа, освен поседување стратегија за развој на „црвениот план“ потребен е и облик на организација кој е способен за спроведување на сите акции. Таквите облици на дејствување различи теоретичари ги нарекуваат кооперации, задруги, здруженија, самоуправни групи или градски општествени движења. Социологот Мануел Кастелс (Manuel Castells) ваквите движења ги опишува како локално основани и територијално дефинирани движења кои се стремат кон мобилизација преку три основни цели: заедничка потрошувачка која е финансирана од вишокот на вредност (комунална вредност, училишта, болници, култура), културен идентитет и политичко самоуправување.

Со оглед на тоа дека уредувањето на градот од почетокот на модерното доба им било препуштено на јавните институции, кои денес минуваат низ неизвесна транзиција во која расте корупцијата, управувањето со животот во градот ја губи потпората во официјалните органи на власта. Меѓутоа, низ процесот на бунт граѓаните развиваат сопствени искуства и стратегии на управување покрај јавните управи. Прашање е колку во самиот процес одредени исксутва ќе се споделуваат и собираат за, врз нивна основа, да се изградат нови, демократски институции. Црвениот план е еден од облиците за пренесување на тие искуства и нивно спојување во нова, побунета слика на градот.

Пулската група е составена од шест архитекти од овој хрватски град: Вјекослав Гашпаровиќ, Емил Јурцан, Јеролим Младинов, Марко Перчиќ, Хелена Стерпин и Една Стрења.

Извор: Grad POST-kapitalizma

Слични статии:

Кога истражувањето ќе стане милитантно

Како живее мултитудата?

Правото на град - повеќе од популарен концепт?

Пукнатини вo урбанизмот што го познаваме

Поуката од периферијата на моќта

Одржливо користење, управување и финансирање во градот

Направи сам

Вистинска утопија

Изградбата на утопијата ги поврзува луѓето

Господо архитекти, сакате ли (сè уште) да го спасите светот?

ОкоБоли главаВицФото